Стравови кај децата во одредени развојни фази

Покривање на главата со прекривка додека има грмотевици надвор, одбивање да се оди во кревет затоа што има „нешто“ под него, плачење кога мајката оди на работа проследено со мисла дека нема повеќе да се врати се само еден мал дел од однесувањата преку кои детето го искажува стравот.

Стравот е природна, моќна и примитивна емоција која е многу нормален дел до растењето.

Многу е нормално децата да имаат специфични стравови на одредена возраст во зависност од нивниот развој и искуството кое го доживуваат. Појавата на страв е знак дека детето започнува да го разбира светот околу него, на кој начин функционира барајќи смисла и значење за него. Како детето ќе открива нови работи некои од нив ќе бидат збунувачки и застрашувачки за него. Стравот има и адаптивна функција. Тој го прави детето претпазливо, го тера да побара помош кога е несигурно или се плаши од некоја ситуација и го мотивира детето да ги направи нештата подобро. Некои стравови ќе исчезнат со текот на времето сами по себе, затоа што детето расте, го проширува своето искуство, и развива капацитети да се справи со нив.

Важно е да се запамети дека стравовите во одредена возраст се целосно соодветни и во никој случај не се знак на абнормалност на детето.

Како што децата растат, така нивните стравови се менуваат. Во различни развојни фази постојат одредени видови стравови кои ги доживуваат повеќето од децата. Некои стравови можат да бидат благи или краткотрајни, додека други може да се мешаат во секојдневните активности на детето. Важно е навремено да ги препознаеме и разбереме.


Стравови кај децата од 0-2 години


Големи сетилни дразби - Кога бебето се раѓа, неговиот нервен систем е во вид на „бебешка“ верзија. Кога многу информации доаѓаат преку неговите сетила, како што се гласен звук или нагли движења (како да паѓа), за неговите капацитети тие претставуваат премногу силни дразби. Гласните звуци и сè што може да ги преоптерети неговите сетила (правосмукалка, блендер, сирени, нагли движења, брзо спуштање во креветче итн.) предизвикува страв кај секое новороденче.

Одвојување од мајката и блиските луѓе - Кога детето е на возраст од околу осум до десет месеци станува свесно дека работите кои исчезнуваат сè уште постојат. Тоа започнува да сфаќа дека кога ќе ја напуштите просторијата, сте некаде каде не може да ве види. Ова може да биде почеток детето да почне да се плаши да биде одвоено од вас, затоа што не знае каде сте и кога ќе се вратите. Во текот на втората година, тоа почнува да разбира дека е сакано и заштитено и дека на крај сепак ќе се вратите кај него. Но дотогаш неговиот свет започнува и завршува само со вас.

Страв од странци - Свеста за странци (туѓи, непознати лица) достигнува врв околу 6-8 месеци. Ова значи дека детето почнува да ја препознава разликата помеѓу познатите и непознатите лица. До оваа возраст, бебето формира блиска врска со оние кои се грижат за него. Тоа ќе ја знае разликата помеѓу вас и остатокот од светот, не само заради тоа како изгледате или звукот на вашиот глас, туку и заради она што мислите и се грижите за него. Затоа странците т.е. некој од надвор, ќе треба многу внимателно да му се приближи. Бебето е чувствително на неговиот личен простор и лесно ќе го исплаши секој што брзо и неочекувано ќе влезе во тој простор.

Сè што е надвор од негова контрола - На околу една година кога детето ќе започне да презема малку чекори, и ќе започне да експериментира со неговата независност. Ова може да изгледа како да се оддалечува од вас или да сака да си игра само, или само да се храни. Со ова, се зголемува потребата тоа да има чувство на предвидливост и контрола врз неговата околина. Сè што се чувствува надвор од неговата контрола, може да изгледа застрашувачко и да предизвикува страв.


Децата проверуваат дали има сокриено чудовиште под креветот

Стравови кај деца од 2 - 7 години


Детето продолжува да расте и да го осознава светот околу себе, така што се зголемува и свесноста за неговата немоќ за контрола врз целиот свет. Поради ова, детето би можело да покаже страв од работи што изгледаат невини за вас, и/или воопшто да немаат смисла за возрасните. Ако детето се плаши од темнината, се плаши од одење во тоалет или од чудовишта под креветот, тоа е вообичаено. Детето почнува да разбира дека може да се случат лоши работи, но тоа не знае како со порационални мисли да ги објасни своите стравови. Свесно е за опасноста, но нема развиено метод на реагирање. Како што расте, тоа развива способност да управува со овие грижи со порационални мисли, на пример: „Јас треба да одам сам во тоалет, и другите членови на семејството одат сами па не им се случило ништо страшно“.

Имагинацијата наспроти реалноста - На оваа возраст детето има проблем да ја каже разликата меѓу фантазијата и реалноста. Тоа има голем имагинарен свет полн со фантазии и често пати има проблем во одделување на фантазијата од реалниот свет. А со тоа и да ги разграничи реалните и имагинативните стравови. Нештата што ги гледа на телевизија или ги чита во книги можат да ја разгорат неговата веќе жива фантазија и да изгледаат како застрашувачки сон. Ова може да предизвика страв од темница или да се биде сам во текот на ноќта. Поради замаглената линија помеѓу фантазијата и реалноста, лошите соништа можат да се чувствуваат многу реални и веројатно ќе достигнат врв на оваа возраст. Застрашувачки звуци, костуми за ноќта на вештерките, духови, чудовишта кои живеат под креветот, крадци кои провалиле во куќата, пирати, сенки на ѕидот - и сè друго што ја храни детска имагинација предизвикува страв на оваа возраст.

Стравувања поврзани со самите себе или со член на семејство - На оваа возраст, детето може да покаже силна емотивна реакција при разделба од еден или од двајцата родители. Ова доаѓа кога тоа почнува да гледа надвор од себе и сфаќа дека лоши работи можат да се случат на луѓето кои ги сака или на миленичињата што ги чува. Можеби ќе сака да си оди од градинка или да спие со вас за да може да биде сигурно дека сте безбедни и здрави.


Други вообичаени стравови за деца на оваа возраст вклучуваат: лошо време, како што се торнада и гласни звуци од грмежи, оган, да се ​​биде сам, одење на лекар или стоматолог, темнината и звуците во текот на ноќта, да не се изгуби, маскирани луѓе и уште многу други типични стравувања во детството кои можат да ги натераат децата да се чувствуваат вознемирени.


Некои стравови се природни, предвидливи и прифатливи во согласност со возраста на детето. Но понекогаш стравот може да стане подлабок и проблематичен и да предизвика нарушување на балансот во секојдневното функционирање на детето. Во тој случај потребна е стручна помош и совет за надминување на таа состојба.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.