Стерилизација/кастрација кај домашните миленици-кучињата, интервју со д-р Мила Никуљска

1. Која е разликата помеѓу стерилизација и кастрација кај домашните миленици-кучињата?

Разликата помеѓу стерилизација и кастрација е во терминологијата, односно кога зборуваме за стерилизација станува збор за женско куче, додека кога зборуваме за кастрација станува збор за машко куче.

2. Кои се причините и предностите за да се стерилизира/кастрира овој домашен миленик?

Причините и предностите се повеќе, како од социјален, така и од здравствен аспект. Во нашата земја има премногу бездомни кучиња, а поради тоа голема е потребата да се спроведува таа стерилизација и кастрација. Она што е важно од здравствениот аспект, особено ако не се планира да се пари кучето или пак да се одгледува за создавање на потомство, наш совет е што е можно порано да се стерилизираат или кастрираат.

Со рана стерилизација и кастрација се спречува појавата на здравствени проблеми. Кај женските кучиња: се намалува ризикот за појава на каков било вид на полови или мамарни тумури; гнојно воспаление на матката; лажна бременост како знак за хормонално пореметување која понатаму исто така преминува во гнојно воспаление на матката, а самата болест е многу опасна по животот на животното, може да дојде до сепса и смрт.

Кога станува збор за кастрација на машките кучиња, многу често луѓето велат: „Женското ќе го стерилизирам, машкото нема, ќе го пуштам еднаш да се спари“. Тоа е многу погрешно, затоа што машките кучиња се постојано полово активни, и со едно парење ништо не се постигнува бидејќи наредниот ден кучето повторно ќе ја има потребата за парење. За разлика од нив, женските кучиња влегуваат во одреден полов циклус, поминува циклусот, а со тоа и потребата за парење.

Со рана кастрација кај машките кучиња се превенира: рак на простата, проблеми со простата и се намалува доминантноста или потребата да бидат алфа мажјаци, што многу често се појавува како проблем. Поради доминација и хормони, машките кучиња се докажуваат пред други машки кучиња за тоа кој ќе го освои женското куче. Намалување на самата популација е уште една важна предност за да се прави стерилизација и кастрација кај овие домашни миленици.

3. Која е оптималната возраст за стерилизација/кастрација на кучето?

Во светот се поделени мислењата помеѓу ветеринарните доктори. Во САД се практикува многу рана стерилизација и кастрација, односно после четири – пет месечна возраст на кучињата. Другиот дел од светот го отфрла тоа и смета дека е подобро стерилизацијата да се направи после првиот полов циклус, а кастрацијата да се направи после девет – десет месечна возраст, односно откако машките кучиња ќе почнат да пројавуваат интерес кон женските кучиња. Во САД се прави рана стерилизација и кастрација поради целосно елиминирање на можноста за појава на полови тумори, рак и други болести. Меѓутоа, после толку рана стерилизација и кастрација се зголемуваат проблемите со коските, се појавуваат коскени тумори, не се развива во целост мускулатурата и кучињата се повеќе склони кон дебелеење. Поради тоа, доколку се почека до доаѓање на првиот циклус, односно до настапување на вистинска полова зрелост, кога овие животни се физички и полово развиени, шансите за тумори на коските се намалени и кучињата се подготвени за стерилизација и кастрација без лоши последици.

4. Како да се подготви кучето за стерилизација/кастрација?

Голема подготовка нема, единствено сопствениците треба да го дадат последниот оброк на кучето на полноќ, ако операцијата се прави наредниот ден. Кучето може цела вечер да пие вода, но 12 часа треба да биде гладно пред започнувањето на самата операција.

Кутре на преглед кај ветеринар

5. Дали е комплициран хируршкиот зафат?

Секој хируршки зафат е комплициран. Колку и да стане рутинска, операцијата никогаш не треба да се третира како лесен хируршки зафат. Секоја операција носи ризици кога и самиот пациент се воведува во анестезија.

6. Ризици од стерилизација/кастрација на кучето

Ризиците се наоѓаат во самиот процес на стерилизацијата или кастрацијата. Ризикот од анестезијата секогаш постои, секој организам различно реагира на анестезијата. Друг ризик е крварењето, иако секогаш пред операцијата се прават испитувања на крвта, сепак кога ќе се започне со процесот може да се случи состојбата на пациентот да биде сосема поразлична и да доведе до обилно крварење.

7. Заздравување на кучето после хируршкиот зафат

Вообичаено, во текот на денот после операцијата кучињата се будат од анестезија и до наредниот ден можат да бидат под дејство на анестетиците. Како поминува времето, тие стануваат сѐ повеќе свесни. Некои кучиња можат да се почувствителни и да пројават болка подолг период. Кај машките кучиња треба да се внимава, бидејќи тие имаат тенденција да ја лижат раната и во тој случај треба да се стави конус, затоа што тоа може да доведе до оток. Во најголем број на случаите, за ден два кучињата се враќаат во нормала и немаат проблеми. Кај некои раси на кучиња: хаските и стафордите, кои се доста енергични, првите десет дена постоперативно треба да се внимава на нивната активност. Тоа се препорачува за да не дојде до кинење на конците.

8. Видови, методи и техники на стерилизација/кастрација кај кучињата во нашата земја

Кај нас највеќе се применува лапаротомија, кај женските кучиња се отвора стомакот се прави подврзување и вадење на јајниците и матката. Кај машките кучиња, освен ако не се криптохиди кога едниот тестис е задржан внатре во стомачната празнина, пристапот е од надворешната страна и нема потреба од отворање на стомакот (само се сече кожата кај тестисите). Во случај кога едниот тестис е внатре во стомачната празнина задолжителна е кастрацијата на кучето, затоа што за многу краток период тоа може да предизвика тешки здравствени проблеми.

9. Дали една стерилизација/кастрација спасува стотици животи?

Да, се разбира, особено во нашата земја, каде што заради неодговорно сопствеништво многу од кучињата завршуваат на улица, заради неразбирање и несакање да се стерилизираат и кастрираат. Или машкото куче бега и пари некое женско куче, или женското бега и ја спаруваат маалските кучиња. Потоа на сопствениците не им се допаѓаат кучињата дека не се расни и така завршуваат на улица. На улица животот не е како што треба, има многу болести, така што стерилизацијата и кастрацијата дефинитивно спасува животи.

10. Дали има одговорни сопственици на овие домашни миленици кај нас?

Има и нема, поделени се мислењата. Има луѓе кои навистина се грижат и се свесни што значи да имаш домашен миленик - куче. Има други кои воопшто не се свесни. Според мене не е секој за чување миленик. Кога сакаме да земеме куче, тоа не е само она што е слатко и што нас на прв поглед ни се допаѓа. Кога сакаме да чуваме миленик, треба да избереме миленик кој што одговара на нашата дневна рутина, неговиот темперамент треба да може да се вклопи во нашата рутина. Понатаму, гледањето на самиот миленик е голема финансиска обврска. Ако некој човек нема финансиска можност да гледа миленик, подобро да не зема. Колку и да се сака домашен миленик, во кој било процес или проблем што би настанал со него, доколку се немаат доволно финансии да се покрие и санира тоа, болниот миленик завршува на улица. Чувањето миленик е голема обврска и одговорност, прво финансиска, па потоа доаѓа убавината на гледањето ваков миленик.

11. Ваша препорака во однос на стерилизацијата/кастрацијата на овие домашни миленици во едно одговорно општество

Ако земаме домашен миленик кој што ќе го гледаме само како миленик, кој што ќе биде до нас, на кој ќе му даваме љубов, кој ќе ни дава љубов и не го гледаме за ниту една друга цел, најдобро е да се стерилизира и кастрира. Ако сакаме кучето да го носиме на изложби, да добие оценка и понатаму планираме да го париме, треба да ставиме прст на глава и добро да размислиме околу тоа. Треба многу да се внимава околу парењето на овие домашни миленици и тоа кој со кој, заради генетските проблеми што се јавуваат понатаму. Во секој случај, секогаш сум за стерилизација и кастрација, колку порано, тоа подобро.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.