Советник за доење

Updated: Apr 15

Според истражувањата една четвртина до две третини од жените кои дојат се соочуваат со големи предизвици во првата недела од породувањето. Најчесто родилките се жалат на болки во брадавиците, проблеми со повлекување на млекото, губење на тежината на бебето (повеќе од десет проценти од родилната тежина) и одложен почеток на доаѓање на мајчино млеко. Меѓутоа, студиите исто така покажуваат дека со помош на советник за доење сите мајки успеваат да ги надминат проблемите и предизвиците во доењето. Земајќи превид дека во периодот од 1940 година па некаде до 1970 година, доењето во поголем дел од светот беше депласирано, така што денешните млади мајки немаат можност за совет од своите мајки и постари роднини. Покрај тоа, педијатриските сестри, бабици и гинеколози не секогаш се обучени и оспособени за помош околу доењето. Влијанието на индустријата односно на производителите на адаптирано млеко е невидливо, а сепак сeприсутно. Оттаму на мајките им е потребна поддршка, а голема поддршка можат да добијат највеќе од советникот за доење.

Советниците за доење се посветени на промоција, заштита и поддршка на доењето и лактацијата, како и на спречување и решавање проблеми со доењето. Нивната улога е да им помагаат на мајките во процесот на доење преку лична поддршка, охрабрување, обезбедување на информации и едукација во оваа област. Советниците за доење го промовираат доењето како важен елемент во здрав развој на бебето и мајката и нивната меѓусебна врска.

Советниците за доење имаат различни образовни и работни биографии, вклучувајќи: мајки, врснички - советници, едукатори, медицински сестри, едукатори за породување, дули, нутриционисти, акушерки, лекари и други здравствени и нездравствени работници. Советниците можат да работат здравствени установи, како и во независна приватна пракса.


Група за поддршка на доење
Советниците за доење работат како консултанти/советници со јасно и апсолутно разбирање дека одлуките за доење се направени од мајката, која може да има вредности и цели различни од советникот.

Според тоа, нивната примарна улога е да обезбедат информации базирани на докази и да ги поддржуваат мајките преку индивидуални или групни состаноци, по телефон или онлајн.

Кога се работи за професионалци кои се во областа на доење разликуваме: советници за доење и сертифицирани консултанти за доење. Советниците за доење не се задолжително здравствени работници, додека сертифицираните консултанти за доење се професионалци со образование и искуство од областа на здравството. Советниците за доење работат како дел од меѓународни организации како што се La Leche League International, Breastfeeding USA и слично, додека сертифицирани консултанти за доење се акредитираат преку Меѓународна комисија на консултанти за доење IBLCE - International Board of Lactation Consultant Examiners. Меѓународната комисија за консултанти за лактација (IBLCE®) е основана во март 1985 година со користење на средствата од La Leche League International како почетно финансирање. Основањето на IBLCE беше одговор на потребата од воведување на стандарди во новата професија – Консултант за лактација/доење. Оваа нова професија се појави во текот на 1970-тите и 80-тите години како одговор на потребата и барањето на мајките за специјализирана поддршка на доењето. Во тој период од организациите за поддршка на доењето и поддршка на мајките, како што се La Leche League International се објавени и публикувани информации за придобивките на доењето со што е поставен широк спектар на потребни вештини за управување со доење. Денес консултантите за доење поминуваат прилагодени, тренинг програми и задолжителен број на работни часови, како услов за сертифицирање и стекнување со титулата: консултант за доење, а понатаму следат и континуирана едукација во областа.


Лидерите на LLLI - La Leche League International се советници кои активно обезбедуваат поддршка на доењето во своите заедници. Лидер е личноста која е акредитирана како Меѓународен лидер на La Leche League International, ги исполнува барањата за доживотно учење за лидерство и се залага за целите и политиките La Leche League International. Сите лидери го носат своето уникатно искуство, топлина, емпатија и други вештини за нивната работа како советник.

Голема чест и задоволство е што во нашата земја имаме прв акредитиран Лидер на La Leche League International – советник за доење: Сања Аризанов. Во продолжение, повеќе информации за вашиот советник за доење.


„Јас сум Сања Аризанов, мајка на три деца, сопруга, консултант и претприемач. Според професија сум дипломиран економист - консултант со специјализација во финансиски и менаџмент консалтинг со професионално искуство во приватен и јавен сектор. Пред да започнам со приватен бизнис работев повеќе од 10 години како ревизор во меѓународна консултантска компанија “Deloitte”. Прва професионална љубов. Последниве години работам како надворешен независен консултант со фокус на развој на микро, мали и средни претпријатија во област на зголемување на продажба, подобрување на перформанси индивидуално и на ниво на компанијата, унапредување на вештини на вработените и како и лидерски вештини на менаџерите и сопствениците. Посебен предизвик во моја кариера и моја втора професионална љубов е област на која работам неколку години – надминување на родовиот и мајчинскиот јаз, во развој на кариера на жените. Со ова и лично се соочив по носење одлука да го формирам моето семејство. Во текот на соработка со многумина жени - вработени, менаџери, сопственички на компании, недвосмислено уште еднаш потврдив дека на сите им е потребна поддршка за понатаму да се развиваат и да ги совладуваат новите поглавја во животот. Така и на мајките штотуку дојдени од породилиште им е потребна целосна поддршка , охрабрување и потсетување дека токму во тиое моементи го поминуваат еден од најубавите делови од нивниот живот. Оттаму по комуникација и консултации со регионален лидер на La Leche League International одлучив да ја пренесам пракса на советник за доење во нашата држава со што на мајките ќе им биде достапен на располагање уште еден ресурс за среќно родителство. Кон крајот на 2018 година го завршив процес на акредитација за советник за доење и започнав со ширење на мрежа на La Leche League International во Македонија.

Со целосно моето работење и творење се залагам за принципи на отворено општество со можности за раст и развој на потенцијалите на девојки, жени и мајки и право на личен избор во поглед на приватен живот и развој на кариера. Верувам дека силата на едно општество лежи во поединците и дека истото може да биде подобро само кога поединците подеднакво се залагаат и за лични и општествени цели.“


За повеќе информации за групите и сесиите со советник за доење посетете ја Facebook група на La Leche League International во Македонија.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.