Се роди бебето, што сега?

Updated: Apr 15

Звучи неверојатно. Навистина, дојдовте дома со бебето и наеднаш без никакво претходно родителско искуство сте оставени да се грижите за бебенце од 2-3 дена. Можеби се прашувате, како вакво нешто е воопшто легално? 😊. Не заборавајте дека биолошкиот систем – родителство е воспоставен многу поодамна, кога луѓето не знаеле ни да читаат, ни да зборуваат како што ние го правиме тоа денес. Вашето бебе нема да се скрши доколку го држите „погрешно“, нема да му се случи нешто страшно ако не го избањате три дена, или ако тоа го направите со млака вода, или ако кива и дава некои неартикулирани звуци. Не грижете се, вашето бебе е одличен учител, а вашите инстинкти и здрав разум се одлични ученици. Се ќе научите. Дури и ќе преживеете.


Бебето во прегратките на својата мајка каде се чувствува најсигурно

Првите часови

Тука сте. Вие и вашето бебе (или бебиња). Вашите емоции се секаде наоколу, вашето тело не личи на оно тело кога бевте бремена. Го држите бебето во раце, чувствувајќи се како што не можевте претходно ни да замислите. Ќе го направите вашиот прв заеднички чекор и ќе чекорите заедно засекогаш.

Во првите два часа по породувањето вие и вашето бебе ќе бидете заедно. Кожа на кожа. Бројни студии покажуваат дека првите неколку часови имаат големо влијание на двајцата. Сѐ друго може да почека. Тоа е вашето време заедно. Се случува само еднаш во животот на двајцата. Тоа е она што на бебето му е потребно и она што го очекува. Контактот кожа на кожа, веднаш по раѓањето придонесува кон:

  • Стабилизирање на срцето, дишењето и телесната температура на бебето,

  • Стабилизирање на вашата температура,

  • Превенција на пост-породилна тага и депресија,

  • Намалување на стресот на бебето (плачењето не е вежба за зајакнување на белите дробови, туку го напнува мозокот и срцето на бебето),

  • Зголемена интеракција помеѓу вас и вашето бебе.


Првите денови

И покрај часовите за породување и многу совети од пријателки кои веќе го поминале породувањето како искуство, сепак многу нешта не ви се познати кога се работи за првите денови.

Во прво време, нема да има потреба од менување на голем број пелени. Колострумот кој бебето го внесува е во мали количини, бидејќи и желудникот на бебето веднаш по раѓањето е колку една поголема џамлија.

Вие ќе имате лохии (постпородилно крварење) - наликува на посилно и пообилно менструално крварење кое ќе трае неколку недели.

Кога бебето ќе цица, Вашата матка ќе произведува контракции како одговор на окситоцин ( oxytocin) кој пак е предизвикан од цицањето.

Веројатно по породување ќе бидете гладни (освен доколку не се опоравувате од медицинска интервенција).

Вашето бебе нема да биде како што пишува во книгите 😊.

Нема да можете да спиете. Делумно поради ментално влегување во мајчинството, делумно поради хормоните чие ниво се намалува по породувањето (прогестерон и естроген).

Можно е дека посетите од блиските пријатели и роднини ќе ви бидат непријатни и дополнително ќе ве заморуваат. Ограничете ги посетите според тоа како на вас ви одговара. Во овие моменти, вашите чувства се најбитни.

Ќе ви се чини како да сте подвижен резервоар за течности. Веќе ги спомнавме лохиите. Можно е при кивнување или кашлање да ви истече мала количина на урина. Како надоаѓа вашето млеко, така и вашите маици ќе бидат мокри (затоа набавете влошки за гради). Ќе се потите повеќе, особено навечер бидејќи вашето тело поминува низ хормонални промени и ги исфрла сите течности од организмот. И се разбира, ви се плаче за сѐ и сешто.

Доколку имате примено поголема количина на интравенозни течности, ќе изгледате како сѐ уште да сте бремена, а рацете и нозете ќе ви бидат потечени.

Првите неколку ноќи можно е да ви бидат тешки. Одмарајте преку ден и приквечер.

Можете да бидете изненадени колку го сакате вашето бебе, или да бидете изненадени дека не го сакате. Љубовта може да дојде како гром од ведро небо или да ве обземе чекор по чекор. Но ќе дојде. Ќе дојде.

Мајчинство е 24 часовна работа, од првиот здив на бебето, па засекогаш. Може да биде тешко и напорно. Многу мајки се под стрес од предизвикот – грижа за бебето. Затоа е важна поддршката и охрабрувањето на сите мајки. Потребни ви се луѓе кои ќе се грижат за вас, за вие да можете да се грижите за бебето. Опкружете се со оние кои ве подржуваат, кои се искрени кон вас, кои сакаат вистински да ви помогнат и овозможат да уживате во првите мајчински денови.


Доење во првите денови

Кога се работи за доењето веднаш по раѓање на бебето веројатно имате неколку прашања: колку долго, на која страна, колку често?

Бебето може да цица онолку долго колку што сака. Некои бебиња се брзи и цицаат 10-15 минути додека на некои им треба половина час и подолго. Бебињата кои имале некоја медицинска интервенција при раѓањето или примале медикаменти можат да бидат побавни и им треба охрабрување.

На која страна (на која града) бебето треба да цица? Можно е во едно цицање бебето да цица од една страна, или да цица од двете страни, зошто на вас така ви одговара. Дали ќе менувате страна не е толку битно и не треба да се оптоварувате со тоа. Во текот на денот битно е бебето да цица од двете страни, но не значи дека тоа мора да биде така секое цицање.

Фреквенцијата на доењето зависи од бебето. Колку бебето сака, толку често го доите. Вообичаено бебињата цицаат 8 до 12 пати во текот на ден.

Доколку бебето е поспано и не сака да се разбуди (поради медикаменти или жолтица) потребно е да го будите на секои 3 часа. Целта е бебето да има околу 8 подои во текот на 24 часа. По една недела, бебето ќе се стабилизира и тогаш веќе ќе можете да го пратите неговиот ритам во однос на цицањето.

Доколку бебето е позиционирано удобно и цица ефективно, можете да го доите од една града додека бебето не застане. Понекогаш бебето ќе сака да цица и од другата страна но некогаш не, што е исто така во ред. Доколку бебето заспива или застанува со цицање после неколку минути активно цицање, охрабрете го да продолжи. Бебето може да е вознемирено и нервозно и да не е во состојба да започне самостојно со цицање. Во тој случај, измолзете рачно малку млеко додека го држите бебето како поттик да започне самостојно.

Перспектива на бебето

По раѓање, бебето открива дека повеќе не е на сигурно и топло во матката, и дека е застрашувачки тука надвор. Многу луѓе се околу него – доктори, бабици, медицински сестри, сите го разгледуваат, пренесуваат, преповиваат. Многу нови звуци, светла и мириси кои му се непознати. Сосема нов и сосема страшен свет за него.


Новороденче спие на градите на мајката

Во првите денови бебето го открива и својот глас. Ќе забележите дека секој пат кога приспива на града, а вие го спуштате во креветче, бебето протестира со плачење. Потоа го враќате на града, цица уште малку и заспива. Го спуштате во креветче и пак плаче, се врти барајќи ве вас. Многумина мајки мислат дека тоа е поради недостаток на млеко и дека бебето е изгладнето. Што во суштина не е точно. Имено, таквата реакција кажува дека бебето разбрало кое е најдоброто и најсигурно место за него - градата, покрај Вас. Покрај градата, тоа е најблиску до неговиот „дом“ од изминативе 9 месеци. Ова се случува и кога мајката има големи количини на млеко, што е исто така поврзано со сигурноста на бебето, а не со глад.

Обидете се кога приспива на града, да не го спуштате во креветче, да не го преместувате. Држете го додека не го влезе во цврст сон. Откако ќе влезе во цврст сон, преместете го во креветче. На овој начин бебето ќе заспие побргу и полесно, а истовремено ќе почне и да се навикнува на спиење во креветче од првиот ден. Доколку сакате бебето да спие со вас во кревет, доволно е да обезбедите доволно голем кревет или бебешки кревет што се приспојува до вашиот кревет. Откако ќе заспие на града, едноставно и нежно наместете го во неговиот дел од креветот.

Доколку бебето се врти барајќи ве вас, сакајќи да се врати на града, тоа е во ред. Тоа е начин на кој се смирува. Понекогаш бебиња сакаат само уште малку гушкање и мазење. Бидејќи нивниот дом, нивната сигурност е мајката.


Интервенции во текот на породување

Најчести интервенции во текот на породување во денешно време се индукција и царски рез.

Индукција

Индукцијата е потребна во одредени ситуации. Меѓутоа, не во секоја ситуација и не секогаш. Можно е дека гинекологот ќе Ви каже дека бебето е големо и дека пренаталните проценки не значи дека се точни. Можно е докторот поради сопствени обврски сака да Ви го закаже денот на породувањето или клиниката каде што ќе се породувате да има вообичаена постапка во 39 или 40 недела да работи индукција. Истражувања покажуваат дека наведените причини водат кон зголемен број на индукцији, но исто така и на зголемен број на хируршки интервенции. Светска здравствена организација препорачува бројот на индукции да се намали на само тие што се неминовни, што е во принцип помалку од 10% од сите породувања. Доколку ви е е препорачана индукција размислувајте за следно:

  • Прашајте го вашиот гинеколог што ќе се случи доколку не ја сакате индукцијата? Кое е најлошото сценарио? Колку можете/смеете да чекате? Што ќе се случи ако и по индукцијата породувањето не започнува?

  • Разговарајте и дознајте кои медикаменти ќе бидат употребени во текот на индукција.

  • Дознајте дали вештачки окситоцин ќе ви се дава само во почетна фаза или во текот на цело породување.

Информирајте се за тоа што ве интересира. Вашиот гинеколог е должен да ви одговори на сите прашања, да ве охрабри и да ги подржува вашите одлуки додека тие се во вашиот и интерес на бебето. Раѓањето на нов живот, на вашето бебе е ваша лична работа која ќе ја доживеете неколку пати или еднаш во животот. Барајте од сите, посебно од медицинските лица да го почитуваат тоа. Вие го заслужувате тоа.

Царски рез

Индукцијата е потребна во одредени ситуации. Меѓутоа, не во секоја ситуација и не секога. Можно е дека гинекологот ќе Ви каже дека бебето е големо и дека пренаталните проценки не значи дека се точни. Можно е докторот поради сопствени обврски сака да Ви го закаже денот на породувањето или клиниката каде што ќе се породувате да има вообичаена постапка во 39 или 40 недела да работи индукција. Истражувања покажуваат дека наведените причини водат кон зголемен број на индукцији, но исто така и на зголемен број на хируршки интервенции. Светска здравствена организација препорачува бројот на индукции да се намали на само тие што се неминовни, што е во принцип помалку од 10% од сите породувања. Доколку ви е е препорачана индукција размислувајте за следно:

  • Доколку е можно не закажувајте датум за царски рез. Дозволете породувањето да почне по природен пат. На овој начин вашето тело ќе почне да чувствува хормонални промени, а вашето бебе ќе има „најава“ дека наскоро ќе излезе надвор од својот свет.

  • Одбегнете ја општата анестезија доколку е можно. Опоравување од царски рез со епидурал е многу полесно и за вас и за бебето отколку со општа анестезија.

  • И покрај тоа што имате хируршко породување, тоа е сепак вашето породување и вие сте тие кои носите одлуки. Доколку ви треба уште некоја минута, кажете го тоа (освен ако не се работи за ургенција). Доколку сакате нешто или некој да е со вас, кажете го тоа. Доколку ви се плаче и сакате да се исплачете, сосема е во ред, направете го тоа. Тоа е вашето породување. Не дозволувајте да се чувствувате беспомошно и исплашено.

  • Разговарајте со гинекологот да не ја сече папочната врвка веднаш, туку кога ќе престане да пулсира. Побарајте да ви го дадат бебето веднаш по сечењето на папочна врвка.

  • На интензивна нега, побарајте помош со доењето. Вашето бебе може да цица во различни положби. Секоја положба која му овозможува не бебето да цица, а да не ја допира раната од царски рез е добра.

  • Побарајте помош од членот на семејство, пријател, постпородилна дадилка која ќе биде со вас и ќе ви помага да се справите со сите предизвици во првите денови.

Мајчинство е комбинација на инстинкти и здрав разум. Плачот на бебето ве поттикнува да одговорите на него, бидејќи сте му потребни на вашето бебе. Инстинктивно му зборувате нежно на начин на кој го смирувате. Учите начини на движење, држење и доење кои никој не ви ги кажал. Тоа е мајчинство водено од инстинкти и здрав разум, со обиди и грешки. Мајчинството е како учење да пливате. Во еден момент, земате подлабок здив, се пуштате од работ на базенот, ги правите движења и ... сфаќате дека вие всушност пливате. Како? Дел сте научиле, за дел сте направиле напор, а дел од резултатот е тоа што имате самодоверба.

Првите денови со бебето се за да уживате заедно. Двајцата сте се пуштеле од работ на базенот. Набргу ќе разберете дека всушност сакате да пливате и дека сте одлични во тоа.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.