Семејство со мало дете

Овој период се протега од бременоста, раѓањето на првото дете па cé до негова тригодишна возраст. Бременоста влијае врз физичката виталност нa жената што се одразува врз начинот на кој таа функционира. Во бременоста интересот за сексуалниот живот кај едниот или двајцата брачни партнери може значително да се промени. Брачниот пар како дијада во текот на бременоста мора да се подготви за прием на нов член во семејниот систем, при што честа е појавата едниот брачен партнер да биде поентузијастички расположен во однос на претстојните промени од другиот. Сето ова значително го менува начинот на кој парот функционирал пред бременоста.

Раѓањето на првото дете е криза која бара критичен период на семејно прилагодување.

Раѓањето на детето бара од брачниот пар да му дадат простор на тоа дете во својот живот, и физички и психички. Тоа налага редефинирање и редистрибуција на обврските во врска со одржување на домаќинството и грижата за детето. Претходно егалитарната структура на улоги во бракот може да се наруши и замени со потрадиционална поделба на работата во која жената ќе го сноси поголемиот товар од обврските, што може да предизвика неочекувани конфликти и дополнителен стрес. Во оваа фаза честа е триангулацијата, која ја става на тест брачната врска затоа што едниот родител претерано се приврзува за детето, а се дистанцира од партнерот. Поради ова, проширувањето на семејството со децата е еден од најважните настани во животниот циклус на семејството. Кога брачните партнери стануваат родители, тие се искачуваат за едно генерациско скалило погоре. Истото се случува и со сите останати членови на семејството (на пр. родителите на брачниот пар стануваат баба/дедо). Преминот кон родителство семејството го претвора во траен систем. Воспоставувањето на родителските улоги подразбира распределба на основната грижа за детето, обврски и задолженија, авторитет и моќ, учество во процесот на воспитување. Типични проблеми се јавуваат во вид на конфликти околу преземањето одговорност и способноста да се функционира во родителска улога. За емоционалниот, физичкиот, когнитивниот, социјалниот и невролошкиот развој на децата важни се семејните ресурси и способноста за реагирање заради задоволување на потребите на децата.


Мајката и таткото прават селфи со своето бебе

Улогата на брачен партнер во оваа фаза се надополнува со уште една улога на родител. Може да се случи нарушување на брачниот однос поради оваа нова улога, кога на пример, ќе настанат промени или прекин на интимноста меѓу партнерите поради бременоста или периодот по раѓањето на детето. Присуството на нов член на семејството кој има големи емоционални потреби за поврзување со родителите, во извесна мерка значи стрес за брачната заедница. Настанува нова животна ситуација во која почнува да доминира грижата околу детето, a родителите се прилагодуваат на ограничувањата во приватниот живот. Во оваа фаза брачниот пар се соочува со промена на целокупниот животен стил кој пред детето се карактеризирал со поголема слобода, поголеми можности и повеќе време за одмор и рекреација, за другиот партнер, за индивидуален развој и следење на своите аспирации како и за професионално напредување. Сето ова се заменува со cé помалку време за себе, за брачниот партнер, се поголеми трошоци и обврски, како и саможртвување заради задоволување на потребите на детето кои се сега приоритетни. Како резултат, во оваа фаза е голем ризикот од брачни конфликти и недоразбирања.


Во модерното семејство во кое и двајцата родители работат, „борбата“ најчесто се води околу тоа кој ќе се грижи за децата. Настојувањето да се најде соодветна помош, посебно во ситуации кога не постојат задоволителни социјални услови за реализација на овие потреби, создава сериозни последици. Може да се случи жената да мора да се откаже од кариерата за да остане дома, за да ги врши домашните работи и да се грижи за децата. Истражувањата за промените кои настануваат при транзицијата во родителството укажуваат на тоа дека родителството е проследено со смалување на брачното задоволство, враќање на традиционалните улоги на половите, дури и кај паровите во кои и двајцата партнери имаат кариера и каде претходно постоел порамноправен однос, како и смалување на самопочитувањето кај жените. Дури и кога татковците поактивно учествуваат во грижата за децата, мајките се тие кои ја сносат најголемата одговорност. Во уште потешка позиција се жените кои не работат и се наоѓаат во деноноќна улога на родители, поради што се под интензивен стрес.


На диференцирањето на доброто родителство влијаат и искуствата од примарното семејство. Можно е еден од родителите да не израснал со два родитела (особен проблем се јавува кога тоа е истополниот родител бидејќи во тој случај брачниот партнер нема изградено модел за родителство). Во овој период се активираат и конфликтите со своите родители. Во текот на оваа транзиција, родителите на брачниот пар мораат да се тргнат настрана и да им дозволат на своите деца да бидат централни родителски авторитети, а паралелно да воспостават нов тип односи со внуците. Не ретко членовите на поширокото семејство можат да бидат и од голема важност за олеснување на влезот во родителство, преку пренесување знаења и емоционална поддршка на родителите кои се чувствуваат неискусни во новата улога.

За да се надминат горенаведените предизвици потребна е взаемна поддршка, разбирање, отворена комуникација и индивидуална подготвеност за соочување и прилагодување на новонастанатите промени.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.