Семејство со адолесцент

Периодот на семејство со адолесцент трае од времето кога детето влегува во пубертет до заминувањето на детето од домот. Адолесценцијата за која грубо се вели дека е втората декада од животот на човекот, е добро позната како период на забрзан физички, психолошки и социјален развој, при што се јавуваат големи индивидуални разлики во стапката на зрелост (адолесценцијата ја опфаќа хронолошката возраст од 9-21 година, која се дели на три подгрупи: рана адолесценција: 9-14 г., средна адолесценција: 14-16г., и доцна адолесценција: 16-21 г.)

Во овој период семејството влегува во нов процес на реорганизација во кој поизразено се менуваат односите родител-дете, проследено со голем емоционален набој. Тоа се случува од причина што адолесценцијата носи големи промени: адолесцентите мораат да се соочат со прашања поврзани со сексуалноста, интересот за спротивниот пол со кој стапуваат во први врски, редефинирање на односот со родителите, донесување одлуки за натамошното школување и планирање на евентуалниот работен ангажман, балансирање на социјалните норми со кои се среќаваат во средината и семејните норми, пронаоѓање на себе си и сопствениот идентитет, борба за самостојно донесување одлуки и сл. Поради овие драстични промени, родителите се чувствуваат загрозени и непријатно затоа што некогаш стабилното, мирно и послушно дете кое без поговор ги следело нивните упатства и совети, сега веќе бара поголеми привилегии и слобода и стапува во блиски врски со други луѓе (врсници, момче/ девојка). Загриженоста на родителите е дотолку оправдана што во овој период адолесцентите сè уште немаат развиено доволно чувство на одговорност за своите постапки. Нивното однесување во голема мера е обликувано од стандардите кои важат во групата врсници, бидејќи одобрувањето од нив за адолесцентот е поважно од одобрувањето од родителите.


Родителите не можат да го задржат авторитетот над детето во потполност. Адолесцентите во семејството воведуваат нови вредности и нови пријатели. Границите мораат да станат попопустливи. На родителите им е особено тешко да раководат со вакви флексибилни граници кои им дозволуваат на адолесцентите да бидат внатре и да бидат зависни од семејството тогаш кога не можат сами да се изборат со потешкотиите, како и да излезат и експериментираат кога за тоа се чувствуваат подготвени. Тие почнуваат да воспоставуваат сопствени независни односи со членовите на проширеното семејство. Оттука, на новата генерација треба да ѝ се овозможи што поголема независност, но притоа границите и структурата на семејството да се одржат на соодветно ниво за да се овозможи континуираниот развој на семејството. Осамостојувањето на детето адолесцент се прави преку промена во односот меѓу родителите и детето. Детето остварува повеќе влезови и излези од семејниот систем поради што границите на семејството стануваат cé пофлексибилни. Во оваа фаза родителите имаат можност да се посветат на брачната врска и на својата кариера. Обидите да се удоволат барањата на адолесцентот можат да реактивираат некои дотогаш прикриени брачни или семејни дисфункции. Исто така, во овој период повторно се можни триангулации кои неповолно се одразуваат врз семејниот развој. Исходот од овој процес се неколку сценарија: a) понекогаш самите адолесценти во потрага по својот идентитет со соодветна поддршка од семејството успеваат да се осамостојат и да изградат задоволително ниво на независно функционирање кое им е потребно да продолжат да се развиваат; б) адолесцентите остануваат зависни од родителите, детинести, незрели, повлечени и изолирани, што може да го оптовари семејниот систем; и в) адолесцентите премногу нагло излегуваат од семејниот живот, претерано се независни без никаква родителска контрола и авторитет, што повторно се одразува врз способноста на семејството за соодветно прилагодување.


Бидејќи адолесцентите се на премин од деца во возрасни, нивното однесување е често непредвидливо и постојано се менува. Вообичаена грешка кај родителите е што на децата адолесценти гледаат како на лица кои им се рамноправни во донесувањето одлуки и прифаќањето одговорност. За родителите е особено тешко да ги канализираат импулсивните реакции на адолесцентите, кои осцилираат меѓу состојбите на зависност и независност.

Семејство со две деца - адолесценти

Сите горенаведени предизвици бараат соодветни промени во семејните граници, хиерархија, улоги. Притоа, колку што се поголеми разликите меѓу родителскиот и надворешниот систем (кој за адолесцентот добива на важност), толку е поголема можноста за појава на проблеми кај адолесцентите или за појава на симптоми кај некој од родителите. Поради интензивните биолошки, физички и когнитивни промени, адолесцентите се исклучително подложни на развој на симптоми (рана бременост, деликвенција депресија, обиди за самоубиства, алкохолизам, наркоманија, и други невротични и психотични состојби). Во некои семејства проблемите со адолесцентите се продолжеток на претходни потешкотии кои не се соодветно разрешени, а сега се интензивираат на ниво на симптоми, иако тие можат да бидат и од минлива природа како израз на настојувањето да се решат развојните задачи. Симптомите можат да бидат и показател на проблемите во бракот, во кој во оваа фаза централен настан е криза на средниот животен период кај еден или двата родители, што резултира со интензивно преуредување на односите во бракот.


Оттука, фокусирањето на вниманието само на односите родител-адолесцент може да ги маскира другите проблеми. Затоа, во оваа фаза и во сите животни фази низ кои минува семејството, основна цел е разликување на нормалните и вообичаени потешкотии кои треба да се надминуваат од дисфункционалноста.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.