Семејни животни циклуси

Животниот циклус на човекот ги опфаќа нивоата на човечки развој согласно хронолошката возраст. Во еден таков животен циклус се набројуваат следните периоди: зачнување, раѓање, новороденче и рано детство (0-4 г), детство (5-11 г), адолесценција (12-15 г), млади возрасни (16-20 г), возрасни (21-59г), пензионирање и старост (60-крај на животот).

Семејниот животен циклус се состои од повеќе фази:

● Млад пар до раѓање на дете;

● Семејство со новороденче;

● Семејство со предучилишно дете;

● Семејство со училишно дете;

● Семејство со адолесцент;

● Семејство со возрасни деца;

● Децата создаваат свои семејства;

● Родителскиот пар останува сам;

● Самечки брак(вдовец/вдовица) или повторен брак;

● Смрт и завршување на семејниот циклус. ( Јанковиќ, 1996: 74)

За разбирање на семејните животни циклуси важно е познавањето на улогата на премините, стресовите и развојните задачи. Стресот е најсилен при преминот од една фаза во друга. Промените (транзициите) можат да бидат:

а) од биолошка природа: како на пример пубертетот, менопаузата, сенилност во староста;

б) искуствени: како бременост, раѓање на дете;

в) комбинирани: на пример, промените во адолесценцијата или кризите во средовечните години не се предизвикани само од тип фактори, туку како резултат на комплексните интеракции на психолошки, социјални, ментални, економски, емотивни промени кои предизвикуваат транзиции и во индивидуалниот и во семејниот живот.

Стресот е дел од животот на секое семејство. Исто како и индивидуата, и семејството се обидува да спречи стресните ситуации да го нарушат функционирањето на семејството. Семејството ова го прави користејќи различни средства, од кои некои се здрави (на пример, планирање како да се продолжи понатаму), а некои не.

Стресовите се групираат во неколку категории:

1) Вертикални стресори кои потекнуваат од семејните обрасци, митови, теми, триаголници, тајни и наследства, а кои имаат историска димензија бидејќи се наследени од претходните генерации;

2) Хоризонтални стресори кои се поврзани со сегашноста и тие може да бидат:

Транзиции во животниот циклус на семејството кои можат да се предвидат и за кои семејството во основа може да се подготви и стресори кои се резултат на непредвидливи настани во семејството( на пример, предвремена смрт, раѓање на инвалидно дете, повреди, хронични болести, преживување на природни катастрофални непогоди, насилство, криминал, физичка злоупотреба, семејството во невообичаено кратко време се стекнува со слава, со богатство, банкротира и сл.). Неочекуваните стресори често го погодуваат семејството одненадеж и врз нив не постои контрола. Поради ова, голема е веројатноста за интензивна емоционална или бихеjвиорална дезорганизација на семејството и неговите членови.


Семејство кое поминува низ неколку фази од семејниот животен циклус

Стратегии за справување со стресовите:

● Когнитивни: се она што семејството интелектуално или ментално го вложува за да се справи со стресот (се смета дека оптимистичкиот и позитивен став при соочување со стресот е успешна стратегија за справување со него;

● Комуникациски: обиди за надминување на стресните ситуации преку комуникација, меѓусебна размена, слушање, разбирање, отвореност и емпатија;

● Емоционални: стресорите со кои се соочува семејството можат да предизвикаат силни емоционални реакции, па поради тоа за успешно справување со стресовите потребно е менаџирање на емоциите преку свест, прифаќање на постоечките чувства, изнаоѓање конструктивни начини за ослободување од тие чувства и справување со нив, а не нивно потиснување;

● Промени во односите: отвореноста, флексибилноста и подготвеноста за промени е корисна за справување со стресот (адаптибилност);

● Духовни стратегии; некои семејства се повикуваат на духовните ресурси заради поддршка, зајакнување и помош во ситуации на стрес (посети на верски објекти, молитви);

● Средински стратегии: барање емоционална, финансиска, физичка поддршка и помош од социјалната мрежа на соседи, роднини, пријатели и надворешни институции;

● Индивидуален развој: некои истражувања покажуваат дека при соочување со стрес корисно е фокусот да се стави на некои аспекти од индивидуалниот развој, како на пример промовирање на независноста, физички вежби, исполнување на обврските кон надворешните организации (работно место), волонтирање и сл.;

● Деструктивни стратегии: постојат одредени начини на реагирање на стресот кои се покажуваат како бесполезни па и штетни и деструктивни. Такви се: зголемено насилство (бес, лутина, гнев, недоверба, омраза), отфрлање и негирање на промените, избегнување, отпор, непријателски став и сл.


За секоја развојна фаза карактеристични се т.н. развојни задачи кои треба да се реализираат во соодветната фаза. Доколку тоа не се случи, истите се префрлаат и го отежнуваат остварувањето на развојните задачи во следната фаза. Како што семејството се развива низ времето, така се соочува со промени и транзиции во семејниот циклус. Оттука, во секоја фаза од животниот циклус семејството мора да се ребалансира и редефинира. Успешната адаптација во секоја фаза во голема мера зависи од способноста на семејството за исполнување на задачите неопходни во претходните фази. При тоа треба да се има предвид дека индивидуалните животни циклуси се одвиваат во рамките на семејниот животен циклус, оттука нивната меѓузависност влијае врз она што ќе се случува во секој од нив.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.