Разлика помеѓу кучиња што асистираат, даваат емоционална поддршка и вршат терапевтско дејство

Updated: Apr 15

Во животот на многумина љубители на животни, кучињата имаат статус на најдобри пријатели. Покрај тоа што се обожувани како домашни миленичиња, кучињата исто така помагаат и на многу општествени начини. Поседуваат предиспозиции за лесно обучување така што им помагаат на луѓето не само во секојдневниот живот, туку и за време на големи животни предизвици. Кучињата помагале и работеле со луѓето уште од античко време, и тоа во сè, од земјоделство до лов и заштита. Денес препознаваме кучиња што асистираат на лица со посебни потреби, кучиња кои даваат емоционална поддршка или се специјализирани да вршат терапевтско дејство.

Кучиња што асистираат на лица со посебни потреби

Овие кучиња се обучени да помагаат или асистираат на лица со попреченост. Тие се тренирани од страна на организации за обука на кучиња или пак со помош и дресура на професионален тренер. Овие кучиња се оспособени да извршат повеќе од една задача со цел да ги ублажат ефектите од инвалидноста на поединецот. Инвалидитетот може да биде физичка, сензорна, психијатриска, интелектуална или друга ментална попреченост. Следствено на тоа, кучиња што асистираат можат да бидат обучени да вршат широк спектар на функции, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на: помош во подвижност, влечење инвалидска количка, алармирање во случај на здравствен проблем, давање помош за време на медицинска криза, помош при одредени нарушувања како што е аутизмот. Оттука препознаваме разни видови на обучени кучиња како што се:

  • Куче водич кое има задача да помага за полесно движење на слепите лица;

  • Куче за слух кое алармира на глуви или лица со делумно оштетен слух;

  • Психијатриско куче кое е обучено за откривање и намалување на ефектите од одредена психијатриската епизода;

  • Куче кое помага на лица во инвалидски колички или пак асистира на лица кои се физички ограничени. Може да отвора врата, да донесе предмети кои се тешко достапни;

  • Куче за помош при аутизам кое е обучено да помогне кај таков вид на нарушување.

Овие кучиња поседуваат целосни права од јавен пристап, што значи дека им е дозволено да одат на места каде што постои забрана за регуларни домашни миленици. Може да се донесат во ресторани, продавници, библиотеки, авиони и друг јавен превоз. Поради тоа, кучињата треба да бидат тренирани така што нема да предизвикаат непријатност во јавноста, нема да загрозат нечија безбедност и нема да претставуваат закана за хигиената.


Кутриња на обука за помош на лица со попреченост

Кучиња кои вршат терапевтско дејство

Кучињата за терапија имаат различна улога и цел во однос на кучињата што се обучени да асистираат или да даваат емоционална поддршка. Терапевтските кучиња не се тренирани за да живеат со лицето на кое му ја пружаат поддршката. Наместо тоа, тука станува збор за кучиња кои со своите сопственици волонтираат во клинички услови, како што се болници, установи за ментално здравје, домови за стари лица и соработуваат со голем број на пациенти. Тие се обучени да бидат брзо прилагодливи на нови средини и слободни да комуницираат со различни луѓе. Немаат права од јавен пристап, така што можат да ги посетуваат само местата каде што се поканети. Кучињата најчесто треба да имаат мирен темперамент, да бидат волни за ваков тип на задачи и да ги сакаат луѓето. Нивната цел е да создадат пријатна атмосфера, удобност и да дадат љубов во текот на терапијата. Токму поради тоа претставуваат терапевти кои имаат исклучително значење во голем број болници во светот. Суштината во оваа таканаречена пет терапија (терапија со животни, во случајот кучиња) е да им се помогне на пациентите да закрепнат и подобро да се справат со здравствените проблеми, односно со физичките и менталните нарушувања. Врз основа на расата, големината, возраста и природното однесување се одредува кај каков пациент ќе биде испратено кучето. Терапијата вообичаено трае од 10 - 15 минути, кога пациентот има можност да се запознае со кучето, да се дружи, да го гали или да игра со него. Придобивките се забележуваат непосредно по завршувањето на првата посета. Вообичаено пациентите чувствуваат пријатна промена, подобро расположение, и се повеќе оптимистични во однос на здравствената состојба и оздравувањето.

Кучиња што даваат емоционална поддршка

Овие кучиња обезбедуваат емоционална поддршка на индивидуи со потешкотии во психичкото здравје или лица кои доживеале емоционално нарушување. Ваквите кучиња не подлежат на специјализирана обука и поради тоа не им е дозволен пристап на сите јавни места. Кучето за емоционална поддршка претставува придружник кој со присуство на обезбедува утеха на дневна основа. Кучето што пружа ваква поддршка нема обврска да извршува и задачи за ублажување на инвалидитетот на една личност. Кучето за емоционална поткрепа се смета како придружно животно кое ја намалува вознемиреноста, ја ублажува депресијата, помага да се контролираат некои фобии и претставува ефикасен лек против осаменоста. За една личност да има куче кое дава емоционална поддршка, најпрво треба да обезбеди потврда од дијагноза за психолошко нарушување. Терапевт, психолог или психијатар одлучуваат дали е потребно присуство на вакво куче за подобрување на менталното здравје на пациентот. Придобивките од емоционалната утеха понекогаш се поделотворни од препишана терапија со таблети.

Преку конкретните примери за асистирање на кучињата во секојдневните предизвици, до извршување терапевтски сесии и давање емоционална поддршка, сфаќаме дека тие несомнено се незаменливи. Без разлика дали кучето го сфаќа степенот на опасност или не во одредена ситуација, тоа се однесува како неговата вештина да постои единствено за наша заштита.

И кога имаме предвид дека кучето е подготвено да ја жртвува својата безбедност за да нѐ спаси, разбираме колку е посебно ова суштество и каква безусловна љубов чувствува кон нас.

Затоа, најмалку што можеме да направиме е да ги почитуваме овие четириножни херои кучињата и да ја поддржуваме извонредната работа што тие умеат и ја прават за нас.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.