Првата средба помеѓу бебето и домашниот миленик

Многумина тврдат дека куче и бебе не можат да спијат под ист покрив, односно да делат ист дом. Меѓутоа постојат безброј докази дека сепак тоа може добро да функционира. На интернет може да се погледнат голем број слатки видео снимки од прва средба помеѓу нов член на семејство и домашен миленик. За се постигне ваков резултат треба да се преземат конкретни чекори пред пристигнувањето на бебето во домот. Сите семејства кои чуваат куче треба да знаат како безболно да го адаптираат на новите околности. Зошто? Кучето во наше присуство се чувствува сакано и сигурно, бидејќи му посветуваме многу љубов и внимание. Но, новиот член во очите на кучето може да претставува конкуренција и да предизвика љубомора. Бебето ќе има подобар третман и повисок ранг од него. Затоа, за добро на сите, особено за вашето бебе, подгответе го миленикот за претстојната средба. Запознавање со новите предмети Уште во текот на бременоста сигурно сте започнале да купувате разни реквизити за вашето бебе. Во осмиот месец, миленикот треба да почне да ги запознава новите играчки во домот кои ќе бидат користени само за игра и забава на бебето. Кучето мора да ја спознае разликата помеѓу неговите играчки и предметите наменети само за бебето. Неопходна проверка Откако ќе настапи последниот месец од бременоста, потребно е кучето да го однесете на ветеринар. Треба да се провери каква е неговата здравствена состојба: дали набрзо доаѓа времето за примање на годишна вакцина, дали е потребно прочистување од внатрешни паразити, ставање на ампула против надворешни паразити, проверување на ушите поради несакани инфекции и слично. Важно е да сте сигурни дека миленикот е потполно здрав и дека нема опасност која може да влијае на здравјето на бебето. Посета на груминг салон Во истиот период однесете го миленикот во груминг студио. Потстрижување и фенирање на крзното треба да се прави редовно, особено пред ваков голем настан 😊. Доколку кучето има густо крзно кое брзо расте, убаво е да се скрати за полесно да можете да ја одржувате неговата хигиена во следните месеци. За време на третманот во салонот, исто така ќе му бидат средени и ноктите, за да не може да гребе. Мирис на бебе За време на средба со непозната личност, секое куче најпрво душка, испитува и дури потоа се приближува. Затоа, кога бебето ќе дојде на свет, додека сѐ уште е во болница, вашиот сопруг треба да го направи следното: да земе парче облека од бебето или прекривка во која било завиткано и да му даде на кучето за да го душка во наредните денови. Целта е миленикот полека да го запознае и прифати мирисот на бебето.


Кучето игра со плишаната играчка од бебето

Во продолжение прочитајте го вториот дел од кратките совети кои треба да ги земете во предвид за време на значајната средба. Прошетка Кучињата се секогаш добро расположени кога станува збор за шетање. Поради тоа, непосредно пред првата средба со бебето, добро е сопругот да го изнесе миленикот на прошетка. Тоа ќе помогне во побрзо трошење на неговата енергија и ќе резултира со поголема пасивност и смиреност по враќањето во домот. Додека тие шетаат, вие со бебето ќе имате време да се прилагодите на домашната атмосфера. Смиреност При првата средба на бебето и кучето треба да бидете релаксирани. Доколку сте под стрес или пак нервозни, миленикот ќе почувствува и возможно е да добие погрешен сигнал. Тоа негативно ќе влијае на неговото однесување за време на средбата, но и потоа, секогаш кога ќе се среќава со бебето. Награда и казна Никогаш немојте да го казнувате кучето доколку земе некоја бебешка играчка. Тоа може погрешно да го сфати и да го промени односот кон „сопственикот“ на играчките. Доколку забележите дека кучето пројавува љубомора, одбива да ги слуша вашите наредби и тешко ги прифаќа новите промени, задолжително консултирајте дресер. Ваков професионалец сигурно ќе ви даде поддршка и ќе му помогне на миленикот полесно да ја прифати транзицијата. Што се однесува пак до доброто однесување, секогаш кога миленикот правилно ќе постапи околу бебето, почестете го со мала награда - грицка. Така, кучето ќе биде задоволно, ќе се мотивира и ќе научи дека добри работи му се случуваат кога бебето е во негова близина. Ограничен пристап Кучето не треба да има слободен пристап во детската соба или таму каде што спие бебето. Запомнете: никогаш не оставајте го кучето само со бебето, без разлика колку му верувате. Бидете претпазливи во секоја ситуација, но не паничите и не правите драма. Одржување на добриот третман Ако претходно кучето било единствен миленик во домот, тогаш тоа смета дека е „најгалено”. Од големо значење е да продолжите со еднакво внимание и посветеност да се грижите за него. Всушност, да му покажете дека и покрај бебето, тој сѐ уште е сакан и добро третиран. Веруваме дека сѐ ќе помине како што треба на оваа прва средба и сигурни сме дека бебето и кучето ќе станат неразделни пријатели во иднина. Честитки за приновата и уживајте во периодот што следува во друштво на вашиот четириножен верен миленик! Вие, сопругот, бебето и кучето, сигурни сме дека никогаш нема да ви биде досадно по дома! 😊

©2014 powered by First Five

BabySitting Service 

+389 71 373 504          +389 2 3126 135