ПЕТ терапија: Кучето како терапевт

Едни од најпознатите (не)опеани херои во нашиот свет се кучињата. Тие не се само обични домашни миленичиња, туку исто така помагаат и на многу општествени начини. Нивното чувство за мирис и фактот што можат лесно да се обучат, доведоа до тоа кучињата да им помагаат на луѓето во разновидни активности. Тука може да наброиме неколку од нив: кучиња кои учествуваат во тераписки цели во болници; спасувачки кучиња кои се обучени за потрага по преживеани луѓе во природни катастрофи; кучиња кои им помагаат на полициски екипи во претреси и истраги; кучиња кои се обучени да им асистираат на лица со посебни потреби (хендикепирани, слепи и глуви луѓе) во нивните секојдневни потреби. Во овој текст ние се фокусираме на пет терапијата, односно значењето на кучето како терапевт на пациенти во голем број болници во светот.

Што е пет терапија?

Пет терапија е поим кој означува терапија со помош на животни. Во оваа терапијата со помош на животни најчесто учествуваат кучиња за да им помогнат на пациентите да закрепнат и подобро да се справат со здравствените проблеми, односно со физичките и менталните нарушувања.

Како функционира пет терапијата?

Замислете дека сте во болница. Докторот кој раководи со вашиот третман ја споменува програмата за пет терапија и прашува дали би биле заинтересирани. Доколку сте заинтересирани, вашиот доктор го известува тимот кој е задолжен за програмата. Тимот е составен од обучувач и куче. Набргу после тоа, обучувачот и кучето ја посетуваат вашата болничка соба. Тие остануваат 10 - 15 минути. Во тој период, вие имате можност да се запознаете со кучето, да се дружите, да го галите или да играте со него. По завршувањето на првата посета, чувствувате пријатна промена. Сфаќате дека сте порасположени. Се чувствувате помалку уморни и повеќе оптимистични. Со нетрпение чекате да му кажете на вашето семејство за тимот што ве посетил. Всушност ја очекувате неговата следната посета.


Посета на пациент во болничка соба од страна на обучувач и куче за давање пет терапија
Пациент за време на пет терапија

Процедура за обучувачи кои работат на пет терапија

Најчесто за обучувачи во пет терапија се пријавуваат сопственици на кучиња. Овие сопственици се заинтересирани да волонтираат во програмата заедно со нивното куче. Нивната цел е да им помогнат на болните луѓе да се чувствуваат подобро.

Откако ќе се пријават, сопственикот и кучето се поврзуваат со давателите на здравствени услуги. Пред заинтересираните волонтери да започнат да ја практикуваат пет терапијата, тие мора да исполнат одредени барања каде спаѓаат следните:

1. Физички преглед на кучето за да се потврди дека е вакцинирано и дека нема болести.

2. Кучето треба да помине обука за послушност за да се обезбеди правилна контрола над него.

3. Сопственикот треба да присуствува на наставен курс за успешна интеракција со пациенти.

4. Пишување евалуација за темпераментот на кучето и неговото однесување со сопственикот.

5. Доделување сертификат за водење на пет терапијата.

Штом се одобри тим на сопственик и куче, тимот се назначува за пет терапија. Врз основа на типот на кучето, расата, големината, возраста и природното однесување се одредува кај кој пациент тимот ќе биде испратен.


Зошто кучињата се најчести животни кои учествуваат во пет терапијата? Кучињата се ефективни тераписки животни поради нивната чувствителност кон човечката емоција. Докажано е присуството на нивно сочувство и емпатија кога чувствуваат дека човекот е тажен или се наоѓа под емоционален стрес. Дополнително, галењето на куче ги намалува нивоата на стрес хормоните, го намалува крвниот притисок, води кон зголемување на регулацијата на дишењето и го зголемува лачењето на хормоните окситоцин и серотонин, инаку познати како хормони кои даваат чувства на љубов и среќа.

Дали пет терапијата има ризици?

Најголемата загриженост претставува безбедноста и хигиената. Поради тоа болниците кои користат терапија со кучиња имаат строги правила за да обезбедат потврда дека животните се чисти, вакцинирани, добро обучени и проверени за соодветно однесување.

Друг ризик претставува посесивноста која може да се појави кај пациентот за кучето кое му помага. По завршување на сесијата, пациентот не сака да се раздели од кучето. Тоа најчесто резултира со ниска самодоверба и депресија кај пациентот.


Пракса на пет терапија

Пет терапија се практикува во болници лоцирани во поразвиени земји во светот. Како пример ќе ја наведеме клиниката „Mayo“, каде голем број регистрирани сопственици и нивни кучиња се дел од програмата за нега. Клиниката „Mayo“ е непрофитна организација посветена на клиничката пракса, образование и истражување, обезбедувајќи експертска грижа за секое лице кое има потреба од лекување. Се наоѓа во три сојузни држави од САД, Флорида, Минесота и Аризона. Волонтерите практикуваат редовни посети на разни болнички одделенија, па дури прават и специјални посети на барање на пациент. Таму кучињата се добредојдени за да направат дистракција од проблемите на пациентите и помагаат да се намали стресот и вознемиреноста што се случуваат за време на болничките посети.

Се разбира, не секој човек сака кучиња, и не секој може да има корист од ваквата пет терапија. Но, за оние пациенти кои се задоволни и среќни во присуство на куче, прифаќањето на ваквиот тип на поддршка може да направи голема разлика - помеѓу фрустрацијата која си оди и надежта која доаѓа.

26 views0 comments