Обучени кучиња кои асистираат на лица со посебни потреби

Ништо не се споредува со радоста кога сопственикот ќе се врати дома кај своето куче, незаменливиот лојален придружник. Безусловната љубов на кучето може да направи многу повеќе отколку да биде само друштво. Несомнено е дека може значително да го намали стресот, да го подобри здравјето, да помогне со своите емоционални и социјални вештини. Но кучето не претставува само обичен домашен миленик, напротив, тоа има способност да помага и да влијае врз квалитетот на секојдневниот живот на луѓето. Кучето кое е обучено да асистира може да извршува одредени задачи за лице со попреченост и да му помага во вообичаените активности.


Кучињата кои се дресирани да асистираат можат да направат голема разлика во животот на лицата со посебни потреби.

За едно лице да може да користи асистенција од обучено куче мора да има попреченост што значително ја ограничува неговата способност да изврши барем една голема секојдневна задача. Попреченоста може да биде физичка, сензорна, психијатриска, интелектуална или ментална.


Дресура

Дресурата за асистирање е она што ги издвојува овие кучиња и ги прави толку корисни. Најчесто се тренирани од страна на организации за дресирање на кучиња или пак со помош на професионален тренер. Преку дресурата тие се учат како да помогнат во конкретни задачи, во зависност за каков недостаток станува збор (оштетен вид, глувост, физичка ограниченост или друга попреченост). Тука се вбројуваат и следните задачи: притискање копчиња на автоматски врати, затворање врати, уклучување светла, подигање испуштени предмети, носење предмети кои не се далеку од дофатот - пример телефон што ѕвони, пружање помош во подвижност, влечење инвалидска количка, алармирање во случај на здравствен проблем, помагање за време на медицинска криза или при некои нарушувања како што е аутизмот.


Видови кучиња за асистенција

Да разгледаме седум (со број: 7) типови на кучиња за асистенција, започнувајќи од добро познатите до ново развиените видови на дресура.


1. Куче водич

Кучињата водичи се едни од најпознатите типови кучиња за асистенција. Овие кучиња имаат задача да им помагаат на слепите лица за полесно движење. Кучињата водичи со векови им помагаат на лицата со оштетен вид и нивната употреба се смета дека датира уште од римско време.


2. Куче за слух

Кучињата за слух им алармираат на глуви или лица со делумно оштетен слух. Овие кучиња помагаат при алармирање на звуци, како што се аларми, ѕвончиња, звуци на мобилни телефони. Кога кучињата за слух ќе слушнат одреден звук, тие го допираат човекот и го водат кон изворот на звукот.


3. Куче за подвижност

Кучињата за подвижност им помагаат на лица во инвалидски колички или пак асистираат на лица кои се физички ограничени. Овие типови на кучиња можат да извршат широк спектар на задачи: носење предмети, притискање копчиња на автоматските врати, влечење на инвалидска количка. Притоа, кучињата за подвижност им помагаат на лицата да ја зголемат својата независност и самодоверба.


Куче за подвижност му носи книга на неговиот сопственик

4. Куче за дијабетско предупредување

Кучињата за дијабетско предупредување се способни да алармираат за хемиските промени на шеќерот во крвта. Промените поврзани со хипергликемични или хипогликемични процеси, кои се одвиваат кај дијабетичарите, се незабележливи за луѓето, но не и за кучињата. Овие кучиња ги предупредуваат своите сопственици за покачувањето, односно намалувањето на шеќерот во крвта пред состојбата да стане критична.


5. Куче за психијатриски епизоди

Овие кучиња се дресирани за откривање и намалување на ефектите од одредена психијатриската епизода. Можат да им помогнат на лица кои страдаат од депресија, вознемиреност и посттрауматско нарушување. Лицата со психијатриски епизоди можат да чувствуваат загрозеност во однос на нивната безбедност, а кучињата знаат како да влијаат врз нивните чувства. На пример, кучето влегува во домот пред лицето и ги вклучува светлата. На тој начин прави лицето да се чувствува побезбедно и ги неутрализира негативните емоции.


6. Куче за помош при аутизам

Кучињата за поддршка при аутизам се обучени да помогнат кај таков вид на нарушување. Кучињата можат да бидат од голема помош за деца кои имаат проблем да се поврзат со своите врсници, бидејќи дејствуваат стимулативно во социјални ситуации. Овие кучиња го подобруваат квалитетот на животот на децата со аутизам преку намалување на изолацијата и утеха во стресни периоди. Исто така, тие се дресирани да ги задржат децата при обид за бегање и можат да ги следат доколку започнат бегство.


7. Куче за откривање алергија

Со порастот на алергиите на храна започнаа да се дресираат кучиња за откривање алергија. Овие кучиња се обучени да шмркаат и да предупредуваат за мирис на кикиритки или глутен. Кучињата им овозможуваат поголемо чувство на независност на децата, а истовремено им даваат поголемо чувство на безбедност на родителите.


Најпогодни раси за асистирање

Скоро секое куче може да биде обучено да помага на лице со попреченост, но некои раси се одликуваат со поголем капацитет од другите. Иако е најважно е да се избере куче за асистенција што одговара на специфични потреби на одредено лице, сепак, следните неколку раси се најпопуларните избори.


  • Лабрадор ретривер

Лабрадор ретривери се едни од најпопуларните раси на домашни миленици, а истовремено се сметаат за најпогодни кучиња за асистенција. Имаат тенденција да се поврзат многу силно со нивните сопственици и сакаат да вршат најразлични услуги за нив. Лабрадорите се особено корисни за лицата со физичка попреченост на кои им е потребна помош за носење и манипулирање со предмети. Лабрадорите се секогаш подготвени да пружаат заштита и безрезервна лојалност.


  • Златен ретривер

Со оглед на нивната сличност со лабрадорите, не треба да изненадува тоа што златните ретривери се одлични кучиња за асистирање. Тие се паметни, пријателски настроени и лесни за дресура. И покрај тоа што се прилично големи кучиња, изгледаат нежно и слатко, што може да им помогне на лицата кои се плашат од кучиња полесно да се опуштат. Златните ретривери се способни да работат поголема физичка работа, како што е водење на слепи сопственици или подавање предмети на лица во инвалидски колички.


  • Германски овчар

Германските овчари најчесто се обучуваат како чувари и заштитници, но тие исто така се сметаат како соодветни за асистирање. Овие кучиња ги имаат сите карактеристики потребни за ваква дресура. Всушност, германските овчари веројатно биле меѓу првите кучиња користени за помош на лица со нарушена мобилност. Тие се доволно големи и силни за да им помогнат на сопствениците со таква попреченост, истовремено доволно внимателни за да забележат кога се чувствуваат вознемирено за да пружаат поддршка и утеха.


Пристап на кучиња за асистирање на забранети места за домашни миленици

Дресираните кучиња за асистирање на лица со попреченост поседуваат целосни права од јавен пристап. Тоа значи дека им е дозволено да одат на места каде што постои забрана за домашни миленици. Кучињата за асистенција може да престојуваат во ресторани, библиотеки, авиони и друг јавен превоз како придружба на лица со посебни потреби, Имаат високо професионална дресура и затоа не предизвикуваат непријатности во јавноста, не загрозуваат нечија безбедност и не претставуваат закана за хигиената.


Како што можевте да заклучите од овој текст, кучињата за асистенција за лица со попреченост се повеќе од домашни миленици, и повеќе од придружници. Исклучително значајната работа што ја прават е речиси незаменлива и не може да се спореди со друг вид на помош или асистенција. Овие херои учествуваат и ја поддржуваат независноста на возрасните и децата со различни пречки во развојот и неуморно го подобруваат секојдневниот живот на илјадници луѓе низ целиот свет.

41 views
  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.