Образование на дадилки

Updated: Apr 15

Колевка на домашно згрижување на деца почнувајќи од дадилка до гувернанта.

Англија

Во Англија образованието на дадилките е условено со нивното регистрирање во регистарот на овластени негувателки на деца. Една личност може да се регистрира како овластена дадилка во Англија доколку ги исполнува следните услови:

  • Поседува квалификации и образование од областа на згрижување на деца пропишано со програма за ран детски развој (Early years Register and Child Care Register, Ofsted registered);

  • Поседува важечки сертификат за обука за педијатриска прва помош;

  • Обука за заштита на деца од злоупотреба и занемарување

  • Други административно технички барања согласно со прописите во Англија.

Напоменуваме дека за работа како дадилка според законските прописи не е задолжително формално образование , но доколку дадилката сака да се регистрира во регистарот и да користи бенефиции од државниот буџет тогаш образованието е задолжително.

Најпозната образовна установа за дадилки во Англија е Norland University. Универзитетот Норланд има повеќе образовни програми, меѓу кои најпозната е тригодишната обука со полно работно време која ги комбинира додипломските студии со практични сесии и работно искуство со деца, овозможувајќи им на кандидатите да ја претворат теоријата во пракса. Модулите од оваа обука вклучуваат заштита и безбедност на децата, промовирање на здравјето и благосостојбата на децата, воспитување на децата како и работа со семејствата. Студентите од Норланд се обврзани да носат униформа додека студираат на колеџ и на пракса. Ова создава чувство на одговорност и гордост, бидејќи студентите се дел од долга и престижна историја на образовна установа за дадилки со највисок квалитет. Норландскиот Кодекс ги содржи професионалните стандарди кои студентите, новите квалификувани дадилки (NQNs) и дипломците мора да ги поддржат и почитуваат. Вредностите и принципите утврдени во Кодексот се обврзувачки. Тие ги поткрепуваат однесувањето и компетенциите што се очекуваат од сите оние кои студираат и имаат завршено на Универзитетот Норланд. Дадилките кои имаат завршено образование на Норланд се врвни професионални дадилки кои понатаму својата кариера дополнително ја развиваат со практична работа во семејство и континуирана едукација.


И ете ја Мери Попинс доаѓа во Вашиот дом.

Освен Норланд во Англија уште неколку образовни установи овозможуваат образование и професионален развој на дадилките. Акредитираните обуки за дадилки се во траење од 3 месеци до три години, вклучуваат он-лајн учење, теориски концепти и практичен дел и ги опфаќаат следните теми односно модули: раст и развојни фази кај децата, педијатриска прва помош, исхрана и нутритивните потреби кај децата според возраста, комуникациски вештини, безбедност и заштита на детето, спиење, заспивање и рутина кај децата, грижа и нега на близнаци.


Какво образование треба да поседува дадилката во развиените земји во светот?

Соединети Американски Држави

Во САД не постојат посебни услови, односно не постои задолжителна законско барање за формална обука за дадилки која е услов за работење како дадилка во домот на семејство.

Меѓутоа, постојат обуки кои на дадилките им помагаат да се профилираат на пазарот на труд како професионалци. Ако барате работа како дадилка, Вашето образование и едукација ќе Ви овозможат да се разликувате од останатите кандидати и секако ќе допринесат за повисока плата. Тренинзи и обуки кои им се на располагање на дадилките и кои родителите ги вреднуваат се следните:

  • Педијатриска прва помош

  • Безбедност на вода ( за дадилките кои работат на приморски места, куќи со базени и слично)

  • Грижа и нега на новороденче

  • Исхрана и готвење на оброци за деца

  • Фитнес за деца

  • Позитивна дисциплина

  • Грижа и нега за предвремено родени бебиња.

Франција

Во Франција постои широк и разновиден спектар услуги за згрижување на деца од индивидуална (домашна) до колективна (во центри и градинки) грижа. Certificat d'Aptitude Professionnel Petite Enfance е сертификат со кој се докажува стручно оспособување за негувателки на деца. Оспособувањето на негувателки според наведена обука ги опфаќа следните модули:

  • Заштита и безбедност

  • Грижа и нега на дете во домашни услови

  • Едукација на дете во домашни услови, вклучувајќи утврдување и дефинирање на потребите на детето, организирање на дневни активности, овозможување на колективни активности со дете, креирање на услови за социјализација и адаптација на дете.

  • Технички и административни работи

  • Општо образование, што вклучува француски јазик, општа историја и географија и цивилно општество.

  • Практична работа од минимум 420 часови кај работодавач (градинка, центар за ран детски развој, семејство).

По завршување на обуката кандидати се стекнуваат со звање assistante maternelle. Аssistante maternellе се професионални негувателки на деца. Во Франција исто така постојат и nourrice - дадилки кои работат во домашни услови, кои не мора да го поседуваат наведеното образование, но претставуваат легален облик на згрижување и нега на деца.


Хрватска

Во Хрватска постои посебен Закон за дадилки според кој дадилките треба да се стручно оспособени согласно на програмите за образование на возрасни во делот на негувателки на деца. Согласно на овој Закон стручно оспособени дадилки имаат можност да работат во сопствен дом и во домот на семејството, со тоа што семејството може да добива финансиска поддршка од државата доколку ангажира регистрирана дадилка. Дадилките кои работат во домот на семејство не мораат задолжително да поседуваат стручно оспособување но во тој случај не можат да бидат регистрирани, ниту семејствата можат да остваруваат бенефиции.


Македонија

Законот за заштита на деца предвидува лиценцирање на негувателки на деца, кои работат во градинки и кои работат во домашни услови во домот на семејството или во сопствен дом. Лиценцата не предвидува никакви претходни знаења, вештини, квалификации, ниту обука пред полагање на тестот. Ова соодветствува со пристапот дека лиценцата е дозвола за работа (како впрочем и во сите други професии), меѓутоа на истата секогаш би требало да претходи сертификат за обука и стекнување со знаења, вештини и квалификации за згрижување и нега на деца, што не е случај со споменатиот Закон. Исто така во одредени професии лиценцирањето предвидува и задолжително работно искуство, кое исто така не е предвидено во нашиот закон. Негувателките на деца во детски градинки и дадилки се стекнуваат со лиценца со решавање на тест – прашалник од 20 прашања со понудени одговори, на заокружување.

На ова место уште еднаш ќе потенцираме дека во погоре споменатите држави не постои законско барање за дадилки кои работат во домашни услови да поседуваат одредено формално образование. Ова значи дека обуката за дадилките не е задолжителна ниту во Англија, ниту во Америка, Австралија, Франција, Хрватска.

Задолжително е формално, високо или соодветно друго образование за лица кои работат како едукатори на деца во ран детски развој, воспитувачи, педагози и регистрирани згрижувачи и негувателки на деца.

Образованието е задолжителен услов доколку сакате да работите како регистрирано лице според прописите кои регулираат згрижување и нега на деца, односно доколку сакате да имате лиценца - дозвола за работа.

Сепак сите погоре наведени држави (со исклучок на Америка) на своите граѓани, вработени родители кои од своја плата плаќаат даноци кон државата, овозможуваат одредени субвенции и даночни бенефиции за згрижување на деца. Согласно на ова доколку родителите ангажираат дадилка за згрижување на деца тие имаат право на субвенција односно финансиска поддршка од државата доколку дадилката е регистрирана во соодветен регистар. Последователно дадилката мора да ги исполнува одредени услови за да може да се регистрира, а еден од првите услови е и задолжителна обука. На овој начин се регулира и поттикнува едуцирањето на дадилките преку позитивни законски решенија.

Конечно, образована дадилка претставува квалитетна дадилка. Ова е одговор на прашањето зошто и покрај тоа што во далеку поразвиени држави не постои задолжително образование на дадилки, постојат толку многу различни обуки за дадилки. Затоа што постои свест како кај самите дадилки, така и кај родителите, дека секој професионалец кои што сака да се унапредува во својата работа и овозможува квалитетна услуга учи засекогаш. Професионалците ја користат секоја прилика за формално и неформално учење, личен и професионален развој со што придонесуваат да бидат одлични во своја работа.


Родителите избираат дадилка според нејзините квалификации, вештини, пристап и искуство. Секако дека родителите ќе изберат дадилка која работи на свои вештини и знаења, кои што ќе ги пренесе во грижа и нега на нивното дете.

Во такви услови развиена е свеста дека дадилката не е личност која „седи“ (на топло и гледа турски серии или Фејсбук) во домот на семејството за да детето не е само дома или зошто почесто се разболува во градинка. Дека дадилката не е женичка или бабичка која го чува детето и раскренува по дома (понекогаш зачистува и сука пита). Постои свест дека „барам жена за чување на дете“ е на работ на дискриминација бидејќи ако почитуваме родова еднаквост, јасно е дека и мажите имаат исто право да работат со деца. Може ќе слушнеме или ќе прочитаме во огласите и „барам маж за чување на дете“.

Развиена е свест дека бараме личност која ќе се грижи за нашето дете?! НАШЕ ДЕТЕ. 8 часа дневно, 5 дена во неделата минимум, 22 дена во месецот, 264 дена во годината (од вкупно 365). Личност која ќе поминува со нашето дете повеќе време од било кој друг член на семејството. Личност која на детето треба да му овозможи исполнување на основните физиолошки потреби, да го подучи на основна култура, однесување и хигиена, да го научи да игра, да дели, да се социјализира, да збори, да пее, да се одвикне од пелени, да оди. Личност која треба да му даде на детето нежен и единствен „еден на еден пристап“ а во исто време и авторитет. Личност која ја сака својата работа и се радува на успесите на вашето дете, бидејќи ги гледа резултатите на своја работа. Бараме личност, човек, карактер, некој што ќе стане дел од нашето семејство во одреден период на нашиот живот. И затоа треба да бараме професионалци, да очекуваме да бидат обучени, да ја знаат својата работа, да ни бидат поддршка. А кога ќе ја најдеме таа личност да ја почитуваме како човек, како вработен, да ја платиме како што доликува и да и овозможиме да се развива во својата работа.

Тогаш младите нема да се срамат зошто мајка им чува деца во некое семејство, туку и сами ќе посакаат да го работат тоа наместо да бидат хостеси или келнерки (со должна почит до наведените професии, наведени се како пример). Тогаш кога ќе имаме свест дека грижата и нега на деца е професија, а не работење „зошто немам што да правам па чувам деца и ми требаат пари“. Тогаш и кај нас образованието на дадилките нема да биде задолжително, но секој ќе сака и ќе даде сѐ од себе да го има. Тогаш кога етиката ќе ни биде поважна од законот.

16 views
  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.