Митови за доењето

Updated: Apr 15

Кога станува збор за доење, секој еден почнувајќи од втората тетка на вашата стрина, сѐ до вашиот фризер ќе има некој совет за вас. Некои „мудрости" можат да ви бидат од корист, но сепак поголеми се шансите тие да ви создадат еден хаос во главата. Има многу митови за доењето, така што понекогаш е тешко да се раздвои реалноста од вкоренетите ставови - пренесувани со генерации како апсолутна вистина. Со текот на времето, со развојот на техниката и технологијата, на научниците и медицинските лица им е овозможено сѐ повеќе да спознаат какво влијание има мајчиното млеко на растот и развојот на бебето. Ова овозможува на научен начин (и единствен веродостоен кога медицината е во прашање) да ги разбереме и разоткриеме митовите врзани за доењето.

Дали мајчиното млеко и доењето е најдобро за бебињата

Често може да слушнете дека адаптираното млеко е еднакво добро, истоветно како и мајчиното млеко. Современата технологија секојдневно придонесува кон откривање и примена на нови начини на производство на адаптирано млеко. Речиси нема нешто во природата за што не е пронајдена вештачка замена. Но, сепак некои работи не можат да се произведат во фабрика. Вашето млеко го произведува вашето тело само и тоа единствено за вашето бебе. Мајчиното млеко е направено за да одговара на вашето бебе. Формулите се направени за да одговараат на секое бебе. Вашето млеко се менува со тек на времето и се прилагодува за задоволување на потребите на вашето бебе низ секоја фаза на развојот. Формулите не се разликуваат од 1 ден до 7 дена, 30 дена. Да, денес има формули до 6 месеци, од 6 до 12 месеци и слично, но мајчиното млеко секојдневно се прилагодува на потребите на бебето. Вашето млеко има антитела, анти-вируси и анти-алергени кои помагаат да се заштити бебето од разни болести. Овие важни состојки не се наоѓаат во формулата. Вашето млеко исто така има хормони кои помагаат да растат бебиња. Бебето полесно го вари мајчиното млеко. Мајчиното млеко има повеќе витамини и минерали од формулата. Плус, мајчиното млеко е бесплатно, свежо и безбедно бебето да го пие во секое време и насекаде.

Често можеме да слушнеме „ Јас не го доев моето дете и сѐ беше сосема нормално со него“.

Да, но како свесни суштества нашата одговорност е да учиме засекогаш и наученото да ги искористиме за да им овозможиме на нашите деца најдобар почеток.

Во минатото, на жените кои избрале да ја користат формулата им било кажано дека прават добро за себе и за нивните бебиња. Денес, знаеме повеќе за долгорочните и краткорочните придобивки од доењето - и не постои сомнеж дека мајчиното млеко обезбедува соодветна исхрана за бебињата во секоја фаза.


Насмеано бебе кое сака да цица млеко

Доењето едноставно не е за секоја жена

Способноста за доење не е наследна и не зависи од некои натчовечки фактори. Многу веројатно е дека ќе можете да доите дури и ако вашата мајка или сестра мислеле дека не можат и не доеле.

Доењето се вежба (и учи) од праксата. Може да биде потребно време за мајката и бебето да ги сфатат работите и да се чувствуваат пријатно. Бебињата кои се родени предвреме можеби нема да можат веднаш да дојат, но сепак им е потребно мајчиното млеко особено во тие први денови.


Што ако набргу по раѓањето морам да се вратам на работа?

Зошто воопшто да започнувам со доењето кога ќе морам да го прекинам кога почнам со работа. Многу мајки кои работат продолжуваат да дојат, а можете вие, исто така! Навремено започнување со доење е често клучно за долгорочен успех, бидејќи тоа ви помага да изградите производство на млеко за да можете понатаму да го измолзувате откако ќе се вратите на работа. Работодавачите се законски обврзани да им обезбедат на мајките редовни паузи и приватно место за измолзување на мајчиното млеко откако ќе се вратат на работа. Потребно е планирање и организација, но доењето е можно и корисно за мајките кои работат и нивните бебиња. Дури и ако не сте сигурни, пробајте. Постојат големи, доживотни придобивки за доењето на бебето во текот на првите 4 до 6 недели и доење до возраст од 1 година или подолго.


А што ако имам близнаци? Сигурно нема да можам да дојам.

Секако дека можете! Вашето тело може да создаде доволно млеко за да ги храни близнаците, па дури и тројките. Некои мајки сакаат да ги хранат двете бебиња во исто време. Други претпочитаат да хранат едно, па потоа друго. Различни мајки и бебиња можат да преферираат различни позиции за доење. Потребна е трпеливост, креативност и голема поддршка од семејството за доењето на близнаци, но придобивките се непроценливи.

За ставовите „ова не е за мене“, „нема да можам“, „сигурно ќе немам доволно млеко“, „нема да успее“ и сите други што почнуваат со „НЕ“.

За сѐ она што сметате дека нема да биде или не може, навистина ќе се случи и нема да биде и нема да може. Ако во животот тргнувате со негација и се убедувате дека нешто не може, сосема е извесно дека и резултатот ќе биде негативен. За да знаете дали нешто можете да направите или не, треба да го дадете секој атом од сопствената сила и волја и да се обидувате додека не успеете. Ако и тогаш не успее, значи навистина не можело да успее. Меѓутоа, ако не сте дале 100% од себе, воопшто не се обидувајте да го рационализирате и оправдувате вашето однесување.

За неуспехот секогаш има многу изговори, но ретко кога има вистинска причина.

Почнувајте реченица со „Да, јас можам“, „Сигурна сум дека ќе успеам“, „Верувам дека сигурно ќе ги надминам сите предизвици“, „Знам дека јас имам сила за тоа“. Пробајте, во кој било аспект од животот да го примените ова. Пробајте. Ништо нема да ве чини, а ќе добиете многу.

Сега, наоружани со нова самодоверба да ги срушиме и другите митови за доењето.


Многу жени не произведуваат доволно млеко

Најголемиот дел од жените произведуваат повеќе од доволно млеко. Повеќето бебиња бавно напредуваат или губат телесна тежина, затоа што бебето не го добива млекото што го има мајката. Вообичаената причина зошто бебето не го добива млекото кое е на располагање, е дека не е убаво наместено на градите. Доколку бебето не е убаво поставено на градата за доење, тогаш не е во состојба добие доволна количина на млеко. Бебето се раздразнува и плаче, а истовремено и мајката се вознемирува поради плачот и нервозата на бебето. Почнува да се сомнева дека нема доволно млеко и се плаши дека бебето е гладно. Истовремено, бидејќи бебето не цица доволно, количината на млеко кое се произведува во мајчиното тело се намалува. Се влегува во маѓепсан круг на нештата. Ова е причината зошто е исклучително важно мајката уште од првиот ден да ја има поддршката и да научи како правилно да го постави бебето во положба за доење.

Речиси сите жени кои дојат во големо количество за време на првите недели, произведуваат доволно млеко за да го задоволат бебето. Доењето работи на принцип понуда и побарувачка - колку повеќе го доите бебето, толку повеќе вашето тело дава млеко. Важно е бебето да го добива целото млеко директно од вашите гради и да се храни колку што е потребно во првите денови. Така, не само што вашето бебе ќе има здрав почеток, туку и вашето тело ќе научи да произведува доволно млеко за да го следи растот и развојот на бебето.


Бебето плаче сигурно немам доволно млеко

Бебињата плачат од многу различни причини. Нормално е да плачат. Кога вашето бебе плаче, тоа е неговиот начин да ви каже дека нешто сака. Вашето бебе може да биде гладно, или можеби сака да се гушка, да се смири или треба да му се промени пелена. Плачот е задоцнет знак за глад. Обидете се да ги воочите раните знаци на глад, како што е цицањето на прсти, лижењето на усните, извиткувањето и вртењето и други. Доколку вашето бебе е смирено, поголеми се шансите убаво да се намести на градите и активно да цица. Бебињата кои стигнуваат до точката на плачење пред хранење често заспиваат на градите по кратко време и ги пропуштаат хранливите материи и калориите што треба да растат. Затоа е важно да воочите дека плачењето е знак на барање на одредено внимание од вашето бебе, а дека знаците на глад ги пројавува многу порано пред да започне да плаче.

Секако, некои бебиња со уметнички гени можат уште во рана фаза да ги вежбаат своите гласовни способности, а потоа да побараат доење за да ги подмачкаат гласните жици 😊.


Бебињата хранети со формула спијат поцврсто и подолго

Потребно е подолго време за варење на формулата, така што тие можат да поминуваат подолго време помеѓу спиењето и хранењето. Сепак, бебињата кои дојат се всушност побезбедни. Фактот што тие се будат почесто ги штити доенчињата од ненадеен синдром на смртта на новороденче (НССН), што е една од водечките причини за смрт кај новороденчиња.

Доењето го оддалечува бебето од таткото и / или другите членови на семејството

Се разбира, татковците треба да се поврзуваат со бебето, но покрај хранењето постојат многу други начини да се поврзат. Еден од најдобрите начини е таткото да одржува контакт кожа на кожа уште од самиот почеток. Таткото, исто така, може да биде вклучен во целата грижа и нега за бебето, за смирување и утеха, за менување на пелени и облека и капење на бебето. Таткото, исто така, игра важна улога и помага при доењето. Тој може да се погрижи да имате сѐ што ви е потребно додека го доите бебето и да го гали бебето по хранењето. Работата на таткото е многу важна и ја зајакнува врската помеѓу таткото и бебето. Постојат многу начини за членовите на семејството да се поврзуваат со бебето за време на првите недели додека го доите. Охрабрете ги членовите на вашето семејство да го држат и да се поврзуваат со бебето помеѓу оброците. Ова му помага и на бебето да расте, развива и формира здрави врски, а на вас ви дава шанса да се одморите.


Доењето го променува обликот на градите

Доењето нема да го уништи обликот на вашите гради. Градите се зголемуваат и отежнуваат во текот на бременоста без оглед на тоа дали ќе доите или не. Секое зголемување на градите дава дополнителен стрес врз лигаментите кои ги поддржуваат градите. Вашата возраст, индексот на телесна маса и големината на градите пред бременоста се фактори кои влијаат на промени на вашите гради. Можете да им помогнете на вашите гради да ја задржат својата форма со одржување на здрав животен стил што подразбира доволно внесување на течности (вода), одбегнување на премногу алкохол, цигари, газирани пијалаци, премногу мрсна, индустриска и преработена храна, редовно вежбање, доволен сон.

Жени кои имаат мали гради не можат да произведат доволно млеко

Нема причина да се чувствувате непријатно ако вашите гради не растат колку што очекувате. Млечната жлезда е приближно иста со големина за сите жени, а разликата во големината во градите повеќе има врска со содржината на масти отколку со нивната способност да произведуваат млеко. Накратко, големината на градите нема никаква врска со количината на произведено млеко. Лактацијата главно зависи од апетитот на вашето бебе и не е важно дали го храните бебето големина 32A или 32C. Колку повеќе вашето бебе дои, толку повеќе млеко ќе произведувате.


Изненадено бебе од рубриката „Верувале или не“

РУБРИКА „ВЕРУВАЛЕ ИЛИ НЕ“


Жени кои пушат цигари не можат да дојат

Сите знаеме дека пушењето цигари е штетно за здравјето. Меѓутоа, пушењето нема влијание на доењето. Жените кои пушат, можат да дојат.


Доколку мајката пие алкохол кога дои бебето, дел од алкохолот ќе заврши во млекото

Уште еден мит кој ги плаши жените. Доколку пиете разумни количини алкохол (чаша до две вино или друго), не треба да се плашите дека бебето ќе стане мамурно.


Предолго доење на машко дете може да води кон хомосексуалност

Не, никако. Кој воопшто помислил и кажал вакво нешто?


Потребно е да ги заоштрите (со рачно острење) вашите брадавици пред да се роди бебето

Не, никако. Исклучително старо и заостанато размислување (дејствување), базирано на идејата дека е потребна подготовка на брадавиците за бебето подобро да цица.


Доењето после 1 година е сексуално

Не, никако. Доењето не е сексуален чин во која било возраст. Според општо прифатени стандарди сметаме дека кога бебето може да зборува, да оди, самостојно да јаде, веќе е потребно да го одбиеме од доењето. Научни медицински истражувања покажуваат дека доењето треба да продолжи и после првата година на детето.


Доењето ќе го уништи вашиот сексуален живот

Не, никако. Всушност, како би се случило такво нешто?


Доењето е сигурна заштита од бременост

Не, никако. Сигурна заштита од бременоста е користење на кондом, хормонски таблети или вградување на спирала.


Листата во ова рубрика е неисцрпна (впрочем, како вселената и глупоста).

Доењето. Непресушна тема за разговор, пишување, митови и факти. Секоја жена е различна, секое бебето е посебно. Доењето е врска што ја креираат и одржуваат мајката и бебето. Специфично е и посебно, неповторливо, дури и за деца во исто семејство. Доењето е дел од животот на мајката и бебето кој во споредба со други развојни фази и периоди во животот е многу краток. Затоа треба да дадеме сѐ од себе мајката и бебето да уживаат во тој период и да ги почувствуваат сите бенефити од доењето. На мајката и бебето им е потребна поддршка, охрабрување, разбирање. Од партнерот, членовите на семејството, пријателите, општеството. Од сите. И тоа е еден од начините да станеме општество кое го слави и цени животот. Од првиот здив.

2 views
  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.