Медицински интервенции и доење

Updated: Apr 15

Секое породување е уникатно. Некои породувања се брзи и интензивни, кои траат само неколку часа, додека кај некои може да биде потребно повеќе време и сила, пред да се роди бебето. Некои породувања се случуваат со минимална помош и интервенција; додека кај некои се јавува потреба од стручна помош или дури и хируршка интервенција за да се осигури дека мајката и бебето се безбедни.

Кога размислуваме за начин на породување, не секогаш размислуваме за ефектите кои можат да произлезат од избраниот начин на породување и влијанието врз резултатите на доењето или на долготрајниот успех на доењето. Откако бебето е тука, следниот чекор е доењето. Но, она што се случува за време на породувањето и веднаш во постпородилниот период има големо влијание како на мајката така и на бебето. Иако некои медицински интервенции за време на породувањето можат да бидат неопходни, тие можат да го комплицираат процесот и да влијаат на способноста и подготвеноста на вашето бебе за доење. Ова секако не значи дека ако ги доживеете овие интервенции, нема да можете да го доите бебето, но знаејќи дека постојат проблеми поврзани со одредени медицински интервенции однапред ќе бидете подготвени за можните сценарија.

Во денешното опкружување на доењето се гледа како на одвоен процес од породувањето. Меѓутоа, доењето припаѓа во континуумот на раѓањето и е вроден процес цврсто поврзан со вашето бебе и вашето тело. Затоа, секоја интервенција во процесот на породување може да влијае на односот кон доењето, особено ако го менува невролошкото однесување на вашето бебе или вашата хормонална реакција.

Што воопшто подразбираме под интервенција? Мишел Одент интервенцијата во крајна линија ја дефинира како "сè" што ние "ѝ правиме" на мајката, вклучувајќи го и разговорот со неа, поставувајќи прашања, барајќи од неа да се преместува, да патува до болница, па дури и правење сугестии за тоа што треба да направи и како да се чувствува. Сите овие "интервенции" ќе влијаат на нејзините окситоцични реакции кои за возврат ќе влијаат на тоа како таа и нејзиното тело ќе реагираат откако ќе се роди бебето (Одент, 2008). Се разбира, суштината на вакво дефинирање на интервенцијата е стремеж кон разбирањето на специфичноста на процесот на породувањето и овозможувањето на соодветна поддршка на идната мајка. Од друга страна ги имаме медицински интервенции кои подетално ќе ги анализираме во наредните редови.

Индукција

Понекогаш индукција или породување со провокација е медицинска потреба и во тој момент најдобрата опција за мајката и бебето. Во секој случај, важно е да се знае дека ризикот од прерано родено бебе се зголемува со индукцијата и овие бебиња имаат тенденција да имаат повеќе проблеми да започнат ефективно со доењето. Најчесто средство кое се користи за индукција е синтетичкиот окситоцин. Синтетичкиот окситоцин се администрира интравенозно и се дава во контролирани дози да се започнат или да се зголемат контракциите на матката. Проблемот е дека синтетичкиот окситоцин НЕ дејствува на телото на ист начин како природниот окситоцин. Влијанијата на синтетичкиот окситоцин можат да траат и по раѓањето. Бидејќи окситоцинот е еден од главните хормони вклучени во лактацијата, доењето може да биде изложено на ризик.

Совет: не прифаќајте индукција без јасни медицински докази - вистински докази дека вие или вашето бебе сте во опасност доколку продолжите со бременоста. Фактот дека сте го достигнале вашиот "термин за породување" не е доказ дека бебето мора да се роди веднаш.


Новороденче дојдено на свет со помош на медицинска интервенција

Асистирано породување

Асистирано породување значи раѓање со помош на уред, на пример, форцепс или вакуумски екстрактор. Кога бебето е родено со форцепс, можни се модринки и оток на лицето, но понекогаш доаѓа и до потешки последици како што е парализата на нервите на лицето. На овие бебиња положба за доењето може да им биде непријатна, без разлика како се поставени на градите. Движењето на вилицата за време на доењето може да биде особено болно. Кога се користи вакуумски екстрактор, модринките и отекување на скалпот можат да предизвикаат проблеми со повлечи-голтни-диши процесот што се одвива во текот на доењето.

Совет: одберете активно раѓање. Обидете се да бидете во исправена позиција во текот на породувањето и раѓањето. Движете се додека можете. Одбегнете да лежите на грб колку што е можно повеќе. Студиите покажуваат дека дулата може да ви помогне во намалувањето на ризикот од асистирано породување и да ви овозможи многу други бенефиции во тек на породувањето, раѓањето и во постпородилниот период. Размислете за опција да ангажирате дула.


Интравенозни течности

Кога мајката добива премногу ИВ течности во текот на породувањето целото нејзино тело отекува, вклучувајќи ги и нејзините гради. Потечени гради можат да бидат голем предизвик за бебето да се постави на града и ефективно да го цица млекото. Исто така и бебето може да биде родено со поголема количина на течности во себе. Во првите денови бебето исфрлува вишок на течности што може да изгледа и како губење на тежина. Губењето на тежина пак може да води кон сомнеж дека доењето не е доволно за бебето и воведување на адаптирано млеко како дохрана уште во првите денови.

Совет: интравенозни течности се поврзани со медикаменти за индукција и намалување на болка. Избегнувањето на медикаменти може да помогне и кон намалување на интравенозни течности.


Епидурал

Истражувањата за влијанието на епидуралот и доењето покажуваат посебна верижна реакција. Ова означува дека употреба на епидурална анестезија во текот на породувањето може да води кон други интервенции како што се убризгување на интравенозни течности, аугментација, континуиран електронски мониторинг и други. Употребата на епидурална анестезија може да доведе до асистирано породување или царскиот рез поради губење на чувство и движење во процесот на породувањето. Доколку кај мајката се јави треска како последователна реакција на медикаменти, бебето ќе биде одвоено од мајката заради дополнителни испитувања. Консултанти за лактација тврдат дека бебињата родени со епидурална анестезија не се во состојба да ги координираат повлечи-голтни-диши постапките неопходни за ефективно доење. Овие ефекти исчезнуваат веќе по еден ден, но можностите за добар старт во доењето се испуштени а самодовербата на мајката се намалува. Исто така овие бебиња имаат зголемен ризик од жолтица.

Совет: размислете дали епидурална анестезија навистина ви е потребна. Прашајте го вашиот гинеколог за сите сакани и несакани дејства на употреба на епидуралот. Дознајте ги сите релевантни информации пред да ја донесете одлуката.


Царски рез

Истражувањата покажуваат дека царски рез има негативно влијание врз доењето во однос на природно породување. Некои од причините се: покасно врзување со бебето, болките од операцијата, тежок период на закрепнување од операцијата, потешкотии во движењето.

Совет: царски рез е сериозна оперативна интервенција и е опција само поради медицински причини и заштита на здравјето на мајката и бебето. Доколку сте имале царски рез поради медицински причини, обидете се да имате контакт кожа на кожа со бебето веднаш по раѓањето и колку повеќе можете во следните денови. Вашиот партнер може да го држи вашето бебе со вас во текот на закрепнувањето, а дулата или педијатриската сестра да ви помогне околу поставување на бебето на градата. Пронајдете ги позициите во кои се чувствувате удобно и кои не вршат притисок врз раната. Опкружете се сета можна помош и поддршка во првите недели.

Орално вшмукување

Орално вшмукување е процес на вшмукување на содржина на устата не бебето веднаш по раѓање. Овој процес се спроведува кога гинеколог се сомнева дека во амнионска течност се наоѓа мекониум или други супстанци. Спроведување на оваа техника кај бебето веднаш по раѓање може да предизвика сериозна траума поради која бебето не сака да отвори уста, да се постави на града и да цица. Истражувањата во претходните години покажуваат дека вшмукувањето има бројни негативни последици и дека истиот ефект со многу позитивни последици може да се постигне со бришење на носот и устата на бебето со влажна крпа.

Совет: распрашајте се во породилиштето каде што ќе се породите каква пракса имаат и какви техники применуваат во наведениот случај.


Немедицинска, неинвазивна но исклучително важна интервенција е одвојувањето на бебето и мајката веднаш по породувањето.


Кога бебето е одвоено од мајката во првите часови по породување, тоа е одвоено од сопствена природна средина и е ограничено во поглед на вроденото однесување поврзано со доење.

Истражувањата покажуваат дека бебињата одвоени од мајката ги покажуваат следните физиолошки промени:

- пониска телесна температура

- намалување на ниво на гликоза во крвта

- повисок ниво на хормони на стрес и помалку спиење

- повеќе проблеми со доење и намален внес на мајчиното млеко.

Доколку бебето и мајката веднаш по раѓање воспостават контакт кожа на кожа и доколку породување и раѓањето поминало без медикаменти и интервенции, вродениот инстинкт на бебето ќе го води кон доењето. Вообичаено ова се случува во првите часови по раѓањето.

Совет: побарајте здравствена установа со “baby friendly” политики.


Не заборавајте дека вие имате моќ да ги одбегнете и надминете сите проблеми со доењето поврзани со интервенции при раѓањето, дури и ако не можете да ги избегнете самите интервенции. Започнете со превенција!


Најдобар начин да го направите ова е:

  • Да присуствувате на часови за подготовка за породување (по можност надвор од болница каде што ќе се породувате) за да научите што е можно повеќе за процесот на породувањето;

  • Дознајте дали породилиштето е “baby friendly”;

  • Размислете за ангажирање на дула за да ви помогне во текот на породувањето;

  • Направете план за породување и план за доење според вашите желби и замислете како ќе ги поминете првите часови со бебето;

  • Остварете контакт кожа на кожа веднаш по раѓањето, барем до првото хранење.

  • Држете го вашето бебе блиску до вас, и хранете го често.

Што е најважно - побарајте помош веднаш штом ќе се појави некој проблем. Ако не можете да го поставите вашето бебе на града, доколку не цица ефективно, доколку доењето е болно побарајте советник за лактација. Не се плашете да прашате и да бидете упорни, се работи за единствен момент во вашиот живот и животот на вашето бебе. Дајте се од себе да го доживеете како што заслужувате. Како кралица.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.