Кучиња за пребарување и спасување за време на природни катастрофи

Updated: Apr 15

Современите услови на живеење и работа како и сѐ поактуелните климатски промени се причина за секојдневните закани од природни непогоди и други несреќи кои осетно ја нарушуваат рамнотежата во природата и го загрозуваат животот на луѓето. Природните катастрофи како што се: земјотресите, поплавите, снежните наноси, лавините, пожарите се предизвици кои можат да бидат катастрофални, притоа убивајќи стотици луѓе и оставајќи распаднати цели зафатени подрачја. Во такви тешки времиња, најдобриот пријател на човекот - кучето игра суштествена улога во надминувањето на болката истовремено пребарувајќи и спасувајќи многу човечки животи.

Кучињата, како животински вид имаат природни предиспозиции да работат со и за човештвото и тоа на исклучително големи задачи, вклучувајќи ја тука и потрагата по жртви за време на елементарни непогоди. Способностите на овие животни се длабоко вкоренети во нивните гени, кои како наследни единици се модифицирале за време на долгиот процес наречен припитомување. Преобразбата, менувањето на нивниот изглед, карактер и однесување започнале пред повеќе од 100,000 години. Со текот на времето сѐ повеќе растела и се зајакнувала нивната поврзаност со човекот. Денес кучињата не покажуваат само умешност да пронајдат луѓе, туку исто така дејствуваат да ги заштитат и утешат повредените. Научните откритија за нивната извонредност комбинирани со напредокот на методите на обука создале единствен и ненадминлив тим за пребарување и помош на жртви во вакви непогоди – кучето и неговиот водич.


Погодни раси, обука и комуникација помеѓу кучето и водичот

Кучињата кои се специјално обучени да работат за време на елементарни непогоди се познати како SAR dogs - search and rescue dogs, што во превод значи кучиња за пребарување и спасување. Кучињата кои се избрани да исполнуваат ваква должност, обуката ја започнуваат уште од раните 8-10 недели од животот. Тоа е неслучајно бидејќи ваквата обука претставува ригорозен процес кој одзема многу време како за кучето, така и за неговиот водич.

Што се однесува до погодни раси, не сите раси се соодветни за ваква работа, особено не кучињата со мал раст. Затоа, раси како што се лабрадор ретривери, златни ретривери, добермани, ротвајлери, германски овчарски кучиња, австралиски овчарски кучиња, шнауцери и голем број мешани раси највеќе одговараат на профилот за пребарување и спасување. Доколку некое куче во процес на обука се покаже како несоодветно за оваа високо специјализирана работа, тоа може да биде пренасочено на обука за полициско куче, терапевтско куче или да биде вдомено како домашен миленик во семејство.

Природните способности и склоности на кучињата се тренираат и усовршуваат за време на обуката. Кучињата имаат 25 пати повеќе миризливи рецептори отколку луѓето. Тие имаат способност да детектираат одредени мириси и тоа до 100 милиони пати повеќе од човекот. Носовите им се структурирани за ефикасно да ги обработуваат мирисите, така што можат да откријат дури и една капка крв во пет литри вода. Преку обуката, водичот треба да го мотивира кучето да го користи носот на дадена команда. Откако ќе го постигне тоа, водичот треба да научи како точно да ги прочита сигналите кои ги дава кучето и да верува во неговата способност. Кучето и водичот треба да работат како тим за ефикасно да ја завршат својата задача. Нивото на вештина на кучето треба да биде високо, а водичот мора да биде стручен во неговото управување, да познава и практикува вештини за спасување и да пружа прва помош.

Ваквата обуката се разликува од многу други бидејќи е проследена со доживотна обврска за континуирано одржување и негување на довербата и соработката помеѓу двајцата протагонисти, кучето и неговиот водич.

Хрватските кучиња кои спасуваа животи по земјотресот во Албанија

Активно учество на кучињата за спасување и во државите од регионот

Работата на кучињата на местата погодени од природните катастрофи веројатно е најпозната поради дозволената медиумска покриеност. Пребарувањето во случај на катастрофи е многу тешко бидејќи лицата најчесто не се гледаат, ниту можат да се слушнат. Потрагата претставува исцрпувачка задача која трае долго време и се изведува под исклучително тешки услови. Кон крајот на минатата година(26.11.2019) на соседна Албанија ја погоди силен земјотрес со јачина од 6,4 степени по Рихтер, што е еден од најсилните потреси во последните 30 години во оваа земја. Во знак на солидарност, пристигна помош од државите во регионот, од Европа и САД. Нашата земја испрати тим координиран од Дирекцијата за заштита и спасување составен од припадници на републичките сили заедно со кучето за пребарување и спасување - лабрадорот Клеа. Хрватска испрати хеликоптер на својата армија заедно со специјализиран тим на обучени кучиња за да се приклучат во потрагата по повредените. Хрватското здружение за обука на кучиња за пребарување и спасување обезбеди водичи и кучиња, кои како и другите екипи со денови трагаа по преживеани под урнатините. Во вакви тажни моменти со голем број на жртви и повредени лица поддршката од специјалните тимови во состав на куче и водич е неопходна и има есенцијално значење. Благодарение на напорите на обучените кучиња за пребарување и спасување и нивните водичи спасени се многу животи насекаде низ свет.

Кучињата ги утешуваат повредените

Покрај пребарување и спасување, кучињата исто така влијаат врз емоционалната состојба и ги утешуваат погодените семејства кои биле принудени да го напуштат домот и местото на живеење. Кучињата пружаат поддршка, придонесуваат за намалување на стресот и поттикнуваат чувство на заштита и поткрепа после ваква доживеана траума.


Четири интересни факти за кучињата за пребарување и спасување

1. Вакви кучиња се користат повеќе од 300 години. Првите кучиња за пребарување биле лоцирани на швајцарските Алпи. Овие кучиња биле обучени да трагаат по луѓе затрупани под снегот или да пронаоѓаат изгубени патници во зимските бури.

2. Експертите проценуваат дека 1 обучено куче за пребарување и спасување е еднакво на 20 – 30 спасувачи.

3. Во просек, едно куче поминува околу 1.000 часа обука за да стане подготвено да работи на терен.

4. Кучињата често ги придружуваат своите водичи, не само на работа, туку и на одмор, за секогаш да бидат подготвени за дејствување во итни случаи.


Во пребарувања предизвикани од елементарни непогоди каде се користат кучиња, веројатноста за откривање и спасување на луѓе забележително се зголемува со користење на само едно куче и водич. За жал, најчесто природните непогоди се неочекувани и трагични. Заштедата на човечки животи има најголемо значење за време на вакви катастрофи. Поради тоа кучиња претставуваат непроценлив ресурс во овие спроведување на мисии за пронаоѓање и спасување човечки животи. Емоционалните придобивки и поддршката што кучињата ја даваат како за спасувачките екипи, така и за повредените претставуваат суштински дел во нивната работа кој неспорно ги издвојува од сите останати животински видови.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.