Кучето како регуларен полициски службеник

Полициско куче е специјално обучено животно со цел да ѝ помогне на полицијата во спроведување на законот. Овие кучиња се прифатени како чесни службеници односно се сметаат за еднакви на регуларните полициски службеници. Во некои земји, повредувањето или убивањето на вакви кучиња се смета за тешко кривично дело, слично како повредување или убивање на обичен полициски службеник. Најважните должности на полициските кучиња се следните: пронаоѓање докази за криминална истрага, откривање дрога и експлозиви, пронаоѓање изгубени лица, заштита на своите водичи или други лица. Најпознати раси на полициски кучиња се: германски овчар, белгиски овчар, ротвајлер, бигл и лабрадор. Секоја раса на куче има свои предности, па така ваквите кучиња се избираат според нивните способности. Рана историја на полициските кучиња Еден од првите обиди за употреба на кучиња во полиција било во далечната 1889 година од страна на Чарлс Ворен, комесар на „Metropolitan Police“ во Лондон. Целта билa идентификување и приведување на сериски убиец. Од друга страна, во овој временски период полицијата во Париз започнала да ги користи кучињата против криминалните банди во доцните вечерни часови. Но, токму полицискиот оддел во градот Гент, Белгија ја вовел првата организирана програма за полициски сервиси за кучиња во 1899 година. Таквите методи наскоро се прошириле во тогашната Австро-Унгарија и Германија, каде понатаму следеле првите научни истражувања во областа, односно правење експерименти со одгледување и обука на кучиња. Германската полиција ја избрала расата наречена германски овчар како идеална за полициска работа и го отворила првото училиште за обука на кучиња во 1920 година. Во подоцнежните години, и други раси на кучиња биле селектирани за обука во училиштето. Кучињата биле обучени да ги слушаат наредбите на своите водичи и да ги следат и напаѓаат криминалците. Обука за водичи на полициски кучиња Обуката на полициски кучиња и денес претставува долг процес, бидејќи истата најпрво започнува со обука на водичи на кучиња. Имено, водичите на кучиња поминуваат тренинг за да дадат уверување дека ќе го обучуваат кучето и ќе го извлечат најдоброто од неговиот потенцијал. По завршување на потребната обука во полициската академија, водичите треба да стекнат една до две години патролно искуство за да добијат право за пренасочување во специјализираните единици за кучиња. Се смета дека во овој временски период од една до две години, водичите стекнуваат значајно искуство во спроведувањето на законот.

Обука за полициски кучиња Секое куче треба да помине основен курс за послушност пред да започне со работа во полициски оддел. Кучето треба да ги почитува наредбите на неговиот водич без двоумење. Ова му овозможува на водичот да има целосна контрола врз силата која треба да ја употреби кучето против некој осомничен. Кучињата кои се обучени во Европа добиваат наредби на службениот јазик кој се користи во земјата. Првично се обучуваат со овој јазик за основно однесување, па затоа е полесно понатаму водичот да ги учи на нови зборови/команди. Ова е спротивно на популарното верување дека полициските кучиња се обучуваат на различен јазик, така што осомничениот нема да може да го командува кучето против неговиот водич. Кучињата што учествуваат во спроведувањето на законот се обучени да бидат со единствена или двојна цел. Кучињата со една цел главно се користат за резерва, лична заштита и следење. Кучињата со двојна цел дополнително откриваат наркотични средства или експлозиви. Нивната обука е тешка и бара да бидат оспособени да разликуваат различни видови на наркотични средства. Сепак, кучињата можат да бидат обучени само за откривање на експлозиви или само за откривање на наркотици. Во Соединетите Американски Држави, кога обучено полициско куче за наркотични средства покажува знаци за наркотици, неговиот водич односно полицискиот службеник има основано сомнение да пребарува сѐ за што алармирало кучето (на пример: торба или возило) без налог. Најпознати раси на полициски кучиња Едно успешно полициско куче треба да биде интелигентно, агресивно, силно и да има добро чувство за мирис. Двете најпознати раси на полициски кучиња се: германски овчар и белгиски овчар. Не е изненадување што германскиот овчар е раса за која се знае дека е поврзана со полициската должност. Оваа раса се смета дека е совршена за работа во полиција бидејќи е способна да пронајде каков било несакан предатор. Покрај тоа, лесно се обучува и е неверојатно лојална раса. Белгискиот овчар исто така има многу квалитети што го издвојуваат од останатите раси во полициската работа. Тие се брзи, агилни и имаат неверојатна етика за работа.

Пензија на полициските кучиња Полициските кучиња се пензионираат доколку се повредат и не можат да закрепнат целосно, доколку забременат и одгледуваат млади кутриња, или ако се премногу стари за да продолжат да работат. Бидејќи многу кучиња се пораснати во полициски работни средини, тие се пензионираат пред да станат неспособни за работата. Работниот век на полициското куче во просек изнесува 6-9 години. Во некои земји, кога полициските кучиња се пензионираат тие имаат можност да добијат пензиски план за нивниот придонес. Ваквиот придонес вообичаено се користи во интерес на нивното здравје и третмани. Вообичаено, повеќето пензионирани кучиња продолжуваат да живеат заедно со нивните водичи. Останатите кучиња кои вршеле полициска должност се вдомуваат во семејства кои изразиле подготвеност да им овозможат достоинствен пензионерски живот. Наведеното погоре дава само потврда и признание за исклучителната важност на кучињата во животот на луѓето, без разлика каков е нашиот став во однос на нив. Кога само за момент би можеле да замислиме каков би бил нашиот свет и секојдневие без присуството на овие животни. Дали воопшто би можеле да го замислиме тоа?

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.