Кои се предизвиците на една дадилка и како да надминат?


Секоја професија и работа има свои предизвици. Кои се предизвиците да се биде дадилка во едно семејство?

Насмеана дадилка игра со пет деца на приближна возраст
Весела дадилка со пет деца!

1. Секое семејство има различни очекувања и поинаку ја разбира улогата на дадилката

Сепак, родителите не секогаш знаат јасно да ги опишат нивните замисли и барања. Оттука се случува дадилката да претпоставува едно, а родителите да очекуваат друго. Затоа, доколку се борите да идентификувате што сака вашиот работодавец, слободно прашајте го и не претпоставувајте.


2. Негување стил на родителство со кој не се согласувате

Да се биде одговорен за развојот на детето без слобода за носење одлуки или правење промени во штетните навики на децата (неограничен пристап до нездрава храна, уклучен телевизор цел ден, легнување доцна во ноќта итн.) е навистина тешко. Непријатно е дадилката да покрене загриженост без да се чувствува како да го критикува својот работодавец. Од дадилката се очекува да ги следи насоките на родителите и единствено на тој начин да се грижи за детето. Во вакви ситуации барем обидете се да воведете нови покорисни навики кај децата со кои родителите ќе се согласуваат.


3. Го заземате местото на родителите

Колку и да ве сакаат децата, сепак секогаш ќе им недостасуваат родителите чие место го заземате вие. Ова може да биде предизвик особено со помалите деца кога плачат по родителите и прашуваат кога мама или тато ќе се вратат дома. Вообичаено ваквите емотивни ситуации се случуваат во периодот на адаптација на детето на новата личност во семејството.


4. Влегувате во интимата на семејството

Работењето во домот на семејството претставува предизвик бидејќи вие влегувате во „огништето“ и интимата на сите членови. Работењето во домашни услуги подразбира почитување и применување на сите куќни правила и грижа за безбедноста на домот. Доколку некогаш се случи да присуствувате на одреден конфликт помеѓу родителите, потребно е да знаете како да се повлечете и да бидете невидлива.


5. Мора да се збогувате

Професионалните дадилки вообичаено работат неколку години се грижат за детето од раните 9 месеци до 3-4 години, додека детето започне да посетува градинка. Разделбите кои ги доживува дадилката со секое семејство знаат да бидат емоционално тешки и непријатни, како за дадилката така и за детето. Поради тоа добро е вие како дадилка и родителите да останете во контакт и по завршувањето на ангажманот, на пример: да му посакате среќен роденден на детето или да го изненадите со новогодишно пакетче за време на празниците.


34 views0 comments