Како да се воспостави и одржи добар работен однос помеѓу родителите и дадилката

Updated: Apr 15

Да имате професионална дадилка за вашите деца е среќа којa не може секој да ја има. Сите родители сакаат да го препуштат детето во рацете на личност која ќе знае да го воспитува и истовремено да го усреќи. Таа е замената за двајцата родители во нивно отсуство. Ако имате таква дадилка важно е да знаете како да ја задржите во вашето семејство. Секој родител има потреба од идеи и совети за да знае како да ја задржи дадилката и како да направи таа да биде задоволна од своето работно место. Со наредните совети ќе ви помогнеме многу лесно да создадете цврст работен однос во кој ќе бидете задоволни и вие и дадилката.

При ангажирање на дадилка, како родители се запознавате со нејзината биографија, нејзините квалификации и компетенции, со нејзиниот стил на работа, споделувате барања и очекувања и на крај склучувате договор за работа. Истовремено вие склучувате и емоционален пакт кој не постои на хартија. Важно е двете страни да согледаат дека професионалниот однос е бенефит за да произлезе силен работен однос. Доколку тоа премине во секојдневна пракса, вие ќе бидете задоволни и восхитени од работата на дадилката, а таа ќе биде мотивирана максимално да ги користи своите вештини. Најважно е да сфатите дека дадилката не е само вработена жена на која ѝ се дава плата. Штом сте ја вработиле и сте ѝ дале место во вашето семејство, неопходно е да ја почитувате нејзината личност, да ги разберете нејзините потреби и да искажете благодарност за нејзиното вложување. Што е она што предизвикува фрустрации кај вашата дадилка и доведува до јаз во вашиот однос?


Постојано давање сугестии

Родителите мислат дека се она што го кажуваат а е поврзано со нивното дете не треба да се калсифицира како пречка. Но факт е дека многу родители имаат тенденција да управуваат и константно да се мешаат во методите на воспитување на дадилката. Поаѓајќи од фактот дека тоа е ваше дете, вие сметате дека го познавате најдобро и мислите најдобро за него. Поради тоа, не ѝ дозволувате на дадилката да наметне свој воспитен стил. Не ѝ дозволувате да воведе ред и дисциплина на свој начин, така што тоа негативно влијае на односoт помеѓу неа и вашето дете. Давање сугестии и разговарање за поважни прашања е сосема во ред. Дадилката не само што ќе ве ислуша, туку таа ќе ја сфати важноста и ќе го направи најдоброто за вашето дете. Но, исказите на родителите за тоа кој е најдобриот начин да се направи нешто е спротивно и носи само лош ефект во работата на дадилката.


Не постои само еден најдобар начин кој е наметнат од родителите. Тоа е само едно гледиште и исход на ситуацијата кое веќе се применува како успешно. Дајте и одврзани раце на дадилката да може да го направи нештото на начин различен од родителскиот и ќе се уверите со добри резултати.

Покажување недоверба

Постојаните јавувања, испрашувања и проверување за тоа што се случува во текот на денот се прв извор на недоверба. Ако ѝ покажете на дадилката дека не ѝ верувате тогаш природно се создава јаз на недовреба. Изгледа дека сте ја ангажирале само затоа што ви се допаднале нејзините референци и сте биле задоволни од впечатокот.

Детето ќе ја почувствува вашата недоверба и нема да се чувствува удобно во близина на дадилката. Тоа може да доведе до непочитување од негова страна, инаетење и противење што секако го загрозува односот и го руши авторитетот кој треба да го чувствува спрема дадилката. Разумно е и во ред да се јавите неколку пати во текот на денот и да прашате како се одвиваат работите. Но не е разумно постојано да се јавувате со цел да имате конторла врз сите случувања.


Дадилката разговара со родителите во присуство на децата

Изберете комуникација наместо несогласување

Еден од најчестите проблеми произлегуваат од недостаток на соодветна комуникација меѓу родителите и дадилката. Голем дел од дадилките не се чувствуваат сигурно да разговараат за несогласувањата. Разрешница и надминување не се случува. Несогласувањата или се „стават под тепих“ или се провлекуваат одредено време. Потребно е да и дадете добра подлога на дадилката заснована на доверба и разбирање. Во спротивно дадилката ќе чувствува дека не може да разговара за проблемите и загриженоста поради недостаток на комуникација и можеби ќе одлучи да го напушти работното место без да ја каже причината. Во едно вакво сценарио губите добра дадилка само поради недоволна комуникација.


Непочитување на почетниот договор

Со склучување на договорот ги одредувате работните часови на дадилката. Почитувајте го тоа. Ако сте ја ангажирале да биде со децата додека вие сте на работа, не ја задржувајте за ваши лични потреби. Вонредна работна ситуација е прифатлива и разбирлива за двете страни. И во тој случај јавете ѝ се на дадилката, замолете ја и најдете решение во кое и двете страни ќе бидат испочитувани. Ако сте навикнати постојано да задоцнувате, да ги преправате однапред договорените работни часови без консултација со дадилката ќе создадете многу непријаности.

Да имате камери во домот е сосема во ред. На професионалната дадилка не би ѝ пречело доколку е така. Но би ја нарушило нејзината приватност доколу тоа не го дознае од вас туку открие сама. Бидете професионални и со разбирање дека вашата дадилка има свој живот, и дека треба да ги почитувате нејзините права и приватност.

Искажете благодарност

Дадилката е личност која е едуцирана, работи на себе и поседува многу квалитети. Таа е личност која се грижи за вашето дете, клучен фактор за негов понатамошен успех. Таа е дел од вашето семејство. Доколку сте задоволни од неа, искажете ја вашата благодарност преку давање подарок за нејзиниот роденден, давање повеќе слободни денови за специјални прилики. Платете ѝ ги прекувремените работни часови. Однесувајте се внимателно и добро кон неа, бидејќи е повеќе од вработена личност која зема плата за тоа што го прави.

Вашата дадилка е емоционален, социјален и едукативен патоказ на вашето дете. Вложувајте во вашата дадилка, затоа што преку неа вложувате во среќата и иднината на вашето дете.

©2014 powered by First Five

BabySitting Service 

+389 71 373 504          +389 2 3126 135