Зошто кучињата од стационари се најдобри?

Updated: Jan 18

Желбата и одлуката да имате куче дефинитивно ќе го промени Вашиот живот. Бидете сигурни дека ќе имате нов најдобар пријател. Поврзаноста со Вашето куче може да биде клучна во градење на еден важен однос како за Вас, така и за него. Во моментот кога ќе определите дека сакате да имате куче, на располагање Ви стојат многу опции што може да ги разгледате за полесно да дознаете каде, кога и како да го најдете Вашето совршено милениче.


Секој љубител на овој вид домашно милениче има различни желби во однос на изгледот, големината и полот на куче кое сака да го има. Големо, силно и заштитнички настроено куче или можеби со мал раст кое може да заспие во прегратките на својот сопственик. Во денешното „модерно“ време и начин на живот, не секој има доволно слободно време на располагање за да секојдневно поминува 2-3 часа во активно дружење со својот миленик. Така, додека еден човек има вишок време и ресурси кои би му ги посветил на своето куче, друг планира само две-три кратки прошетки во денот поради големиот број на останати обврски. Времето и ресурсите кои можете да ги искористите потребно е да имаат влијание во однос на изборот на куче за кое ќе се одлучите. Без оглед на Вашата ситуација, желби и преференции, пред да донесете конечна одлука за избор на миленик земете предвид дека:


Во стационарот за кучиња што се наоѓа блиску до Вас или во соседниот град, Вашето совршено куче е осамено и чека да го однесете во неговиот нов дом.

За да Ве убедиме во оваа вистина ќе наведеме неколку есенцијални причини ЗОШТО ТРЕБА ДА ВДОМИТЕ БЕЗДОМНО КУЧЕ, а не да купите од одгледувачница.

Бездомноста на кучињата е светски проблем

Вистината е дека бездомноста на кучињата е светски феномен. Кучињата скитници и кучињата кои се згрижени во прифатилишта, односно стационари ги има насекаде во светот. Некои земји имаат подобри инструменти за решавање на проблемот од други. Сепак суровата вистина сѐ уште останува иста и потврдува дека има милиони бездомни кучиња на глобално ниво. Според истражувањата, само во Соединетите Американски Држави има над 6 милиони миленичиња кои секоја година се прифаќаат во прифатилишта. Согледувајќи ја оваа бројка, зарем е потребно да се прашуваме дали можеме да го поддржиме купувањето на раси во услови кога милиони кутриња, не по своја вина, се нашле и преживуваат во тежок свет кој не го заслужуваат.


Одгледувачници

„Одгледувачница е објект во кој се чуваат две или повеќе домашни миленици наменети за расплод и ставање во промет на младенчиња“ - дефиниција од Закон за заштита и благосостојба на животните.

Многу луѓе знаат дека треба да се одбегнуваат „фабриките“ за кучиња и одгледувачниците „на црно“. И покрај тоа, дел од нив паѓаат на приказната за одговорни одгледувачници. Во исто време не можат да препознаат дека и колку добро да се однесува одгледувачот кон неговите животни, сѐ додека кучињата умираат по прифатилиштата заради недостиг на домови, ни една одгледувачница не може да се смета за одговорна. Производството на повеќе животни, независно дали причината е заработка на пари или одржување на конкретен лик или карактеристика на одредена раса, е подеднакво лошо за животните кои што се експлоатираат во одгледувачниците. Иако кучињата не ги интересира дали нивните физички карактеристики ги задоволуваат стандардите, сепак патат од човечката манипулација. Ваквото одгледување понекогаш знае да предизвика живото – загрозувачки генетски дефекти, вклучувајќи: слепило, глувост, проблеми со кожата, проблеми со срцето, епилепсија и слично. На пример: краткиот, сплескан нос на расата мопс, може да предизвика потешкотии дури и за време на нормално дишење на овие животни.


Издвоените средства за куче нека отидат во невладини организации, наместо кај одгледувачници кои заработуваат од трговија со кучиња

Ако веќе сте одлучиле да ги потрошите Вашите заштедени средства за нов член во семејството, зошто да не поддржите некоја невладина организација која има за цел да им помага на овие животни. Ништо не е само црно и бело, така што не велиме дека сите одгледувачници се лоши или пак дека сите непрофитни организации се искрени во своите намери. Меѓутоа кога веќе сте се одлучиле на овој чекор размислете дали е подобро да поддржите трговија со кучиња или пак да помогнете со издвоените средства во спасување, лекување и засолнување на кутрињата на кои тоа им е неопходно.


Спасувате живот

Доколку сакате животни и сте спремни да се грижите за нив, вдомете миленик од локалниот стационар, каде кучињата мавтаат со опашките и гледаат низ решетките очекувајќи да бидат избрани од одговорен сопственик. Прифатилиштата секојдневно примаат нови животни, така што доколку не го најдете совршениот миленик кој што ќе соодветствува на Вашиот животен стил при првата посета, вратете се повторно. Штом го најдете кучето кое сакате да припаѓа во Вашето семејство ќе бидете задоволни дека сте избрале да спасите живот и сте го нашле Вашиот најдобар пријател. Со тоа што ќе го направите дел од Вашето семејство несомнено сте го поштедиле од тага, глад, студ и осаменост. Секогаш имајте на ум дека кога ќе вдомите куче од стационар, не спасувате еден, туку два животи. Зошто? Со извлекување на едно кутре ослободувате место за привремена грижа и нега на друго. Со вдомување на едно осамено кутре го менувате целиот негов свет и го правите овој свет подобро место за живеење. Дали постои подобра причина за водмување на куче од прифатилиште? Едноставно кажано: ВДОМИ, НЕ КУПУВАЈ.

Кој со нетрпение го очекува снегот?

Предизвици со вдомени кучиња и решенија

Понекогаш вдомувањето на кучињата од прифатилишта може да биде предизвик. Индивидуалните карактерни особини се вообичаен проблем со кој што можеме да се соочиме во однос на бездомните кучиња. Многу од овие кучиња имаат трауматично минато или пак имаат искусено одреден степен на игнорирање и одбивање. Поради тоа, во почетокот им е потребна дополнителна грижа, сѐ додека не се приспособат на новиот фамилијарен живот.

Анксиозност и страв

Вдомените кучиња реагираат со повеќе страв од останатите. Повеќето кучиња можат да бидат преплашени кога ќе ги донесете дома. Ова е резултат на недостигот на социјализација или постојан стрес. Оние кои што подолго време биле во прифатилишта вообичаено се повеќе анксиозни. Како што веќе знаеме прифатилиштата се бучни и хаотични. Затоа, потребно е време за Вашето милениче да се аклиматизира во неговиот нов дом. Создадете тивка, мирна и сигурна атмосфера за него додека помине процесот на адаптација. Се препорачува внимателно запознавање со други миленици најмалку една недела откако ќе измине периодот на приспособување.

Агресија

Голем показател за агресија е прикриениот страв. Доколку предвреме го запознаете миленикот со други кучиња во Вашиот дом, возможно е да настане конфликтна ситуација. Вашето куче ќе се обиде да ја заштити својата територија доколку почувствува дека неговото место може да биде заземено. За редуцирање на агресијата се препорачува постепен процес на претставување, најпрво на неутрална средина. На пример, парк може да биде местото каде миленикот првично ќе ги запознае кучињата на Вашите пријатели, пред тие да го посетат во неговиот нов дом.

Недоволен тренинг

Фактот што вдомените миленици не се навремено тренирани може да претставува проблем кој што неретко води до враќање на миленикот во прифатилиштето. Потребно е да бидете свесни дека миленикот е премногу исплашен и буквално не знае „каде оди“ сѐ додека не го тренирате. Сите карактерни особини се подобруваат со соодветна дресура и секако социјализација, за што се препорачува секојдневна работа со миленикот.


Овие се вообичаените предизвици со кои што може, но и не значи дека ќе се соочите при вдомување на миленици. Како и да е, сите предизвици се надминуваат со трпение, навремена реакција и многу љубов.


Заклучок

Не заборавајте дека кога ќе се одлучите да набавите расно куче Вие му го одземате потенцијалниот дом на кучето кое безмилосно е оставено на улица и на кое очајно му е потребно семејство и потопол дом. Затоа доколку веќе имате расно куче, следниот Ваш избор нека биде вдомување на миленик од прифатилиште. Гарантираме дека тоа ќе биде вистинската одлука во која подоцна ќе се уверите.


Во членот 26 за домашни миленици од Законот за благосостојба и заштита на животни, децидно е напоменато дека „(2) Сопствениците не смеат да ги напуштат домашните миленици.“ Ова го споменуваме затоа што има многу неодговорни сопственици кои одлучуваат во одреден период од животот да ги напуштат своите миленици односно да ги исфрлат на улица и на тој начин учествуваат во зголемувањето на бројот на бездомните кучиња. Чипирањето, меѓудругото, е наменето и за поголема казнивост и полесна идентификација на сопствениците кои ќе се осмелат да го направат тоа.

Искрено се надеваме дека свеста ќе ни се подигне на повисоко ниво во однос на ова толку важно прашање, така што ќе се зголеми процентот на вдомување на бездомни кучиња од кое било одобрено прифатилиште, а неодговорните сопственици ќе бидат казнети според Законот.


Посвојувањето и вдомувањето претставуваат најхуман начин за згрижување на напуштените животни. Со Вашиот избор да вдомите куче од прифатилиште правите голем пресврт во животот на тоа мало, невино суштество за што верувајте дека цел живот ќе Ви биде благодарно и ќе скока околу Вас со радост во неговите очи.

143 views0 comments
  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.

©© Copyright, Сите права на содржината на вебстрана се во сопственост на Асоцијација First Five. Преземање на содржината без дозвола на авторот е забранета.