Занемарувачко родителство

Неинволвирано родителство или така наречено занемарувачко родителство е стил кој се карактеризира со недостаток на одговорност за потребите од детето.

Клиничкиот психолог Дијана Баурминд во 1960 година опишува три различни видови на родителство: авторитарно, авторитативно и попустливо родителство. Подоцна иcтражувачите го додаваат неинволвираното родителство како четврт стил познат и како занемарувачко родителство.

Социо-емоционалниот развој на детето го вклучува искуството кое се стекнува за време на растењето, изразување и управување на емоциите и способноста за воспоставување позитивни врски со другите. Родителите и блиските луѓе кои се вклучени во процесот на растење на детето ја имаат главната улога за создавање на природна средина каде ќе може да ги развие своите потенцијали во позитивна насока.

Неинволвираните родителите исполнуваат малку или никакви потреби и барања на детето. Некои родители обезбедуваат храна и дом, негување и облека односно минимумот кој е клучен за преживување на детето, но емоционалното учество е мало или сосема исклучено од процесот. Тие се одликуваат со рамнодушност, отфрлање и целосно запоставување на сопственото дете.


Клучни карактеристики на неинволвираните родители

Родителството ги вклучува двете клучни димензии: одговорност на родителите и родителска потреба.

Таткото се занимава со својот мобилен телефон додека детето го гледа и се здодева
Таткото работи на мобилниот телефон и го занемарува детето

Неинволвираните родители не ја исполнуваат одговорноста за правилно растење и созревање на детето. Таа одговорност треба да започне во моментот кога детето е зачнато. За жал, дел од овие родители не чувствуваат дури ни потреба од тоа.


Емотивно оддалечени од своите деца - не ги покажуваат емоциите кон децата, не ја поддржуваат нивната потреба за искажување на емоции и не им даваат никакво значење во процесот на развој. Покажуваат малку топлина, љубов и наклонетост. Тоа се родители кои честопати се презаситени од сопствените потреби и се „глуви“ за потребите на децата, а понекогаш и намерно ги избегнуваат.


Имаат мали или никакви барања и очекувања од децата - во процесот на созревање немаат очекувања од себе како родители, а истото важи и во однос на нивните деца. Не се стремат кон постигнување на општа благосостојба на детето и развивање на потенцијали карактеристични за неговата возраст. Ретко поставуваат правила и не нудат насоки и очекувања. Не ги мотивираат децата кон давање на максимум за позитивен социо-емоционален развој.


Причини за неинволвираност на родителите

Родителите кои го развиваат овој стил на родителство кон своите деца најчесто и самите се одгледани на ист начин. И тие биле растени од родители кои не биле инволвирани во нивниот развој. Како возрасни тие го преземаат истиот модел.

Други родители кои го применуваат овој стил се премногу „зафатени“ родители со нивните лични животни ситуации. На нив им е полесно да ги занемарат наместо да бидат целосно присутни во одгледување и воспитување на своите деца.

Во некои случаи родителите се премногу окупирани со лични проблеми, преморени да се справуваат со одредени состојби како употреба на психотропни супстанции, алкохол и слично, така што не успеваат да видат колку се неинволвирани во животот на своите деца и да го согледаат емотивниот недостаток во целиот процес.


Иако има многу причини зошто е застапен неинволвираниот тип на родителство, јасно е дека е далеку од идеален. Со цел да се подигнат сигурни деца кои се емотивно стабилни потребна им е поддршка, љубов, соодветна дисциплина, структура и насока од возрасните кои за жал не може да се добијат од овој тип на родители. Запоставувањето на децата може да доведе до широк спектар на неповолни последици. Нарушување на физичкото и менталното здравје, областите од социјален и емотивен аспект, полето на учење и развој, релациите со околината и зголемен ризик на деликвентно однесување се само дел последиците со кои може да се соочат децата одгледани од неинволвирани родители.

16 views0 comments