Емоционалната поврзаност на детето и дадилката како можна закана за мајката

Updated: Apr 15

"Колку е поголем квалитетот на грижата на децата, толку повеќе децата се чувствуваат безбедно и се приврзани кон нивните дадилки, така посигурно тие остануваат приврзани за нивните мајки" – социолог Камерон Лин Мекдоналд

Најголема среќа е да најдете добра дадилка за вашето дете. Често ќе слушнете изјави од типот: ти веќе нема за што да се грижиш, твоето дете е добро згрижено, добро нахрането и одлично се согласува со неговата дадилка. Но иако би требало да бидете задоволни, во вас тлее чувство кое не сакате да си го признаете на самите себе или пак да го кажете гласно. Чувството дека вашето дете подобро се согласува со неговата дадилка отколку со вас. Можеби ја сака повеќе од вас!? Како да го надминете чувството на љубомора кое расте во вас додека го гледате вашето дете во прегратките на дадилката!?


Емоционалниот спој помеѓу дадилката и детето е врска која се воспоставува подолго време. Работното време што го поминуваат заедно дадилката и детето е доволно за да се постават граници, да се спроведат дадените активности и истовремено да се игра и забавува детето. Гушкањето, разменување нежности и размена на емоции во секојдневните процеси е моќна алатка за воспоставување квалитетна емоционална поврзаност. Најголем дел од врските дадилка - дете се емоционално нераскинливи. Иако целокупната соработка се одвива со договор и правила за однесување помеѓу дадилката и родителите, емоционалната врска е единствена за која не може да се напишат правила. Таа се одвива спонтано, секојдневно без пишани правила, но испишана со љубов, доверба и припадност еден кон друг. Тој процес е меѓусебен и се случува и кај детето и кај дадилката.

Зачувувањето на вашето работно место е само една од многуте причини кои наметнуваат вие како мајка да го оставите детето во рацете на дадилката, од најмала возраст. Со текот на неговото растење, вие согледувате многу особини кои ги презело и од вас како родители, но и од неговата дадилка. Процесот на воспитување на детето се одвива полесно кога тоа го прави дадилката. Иако вие како мајка многу се трудите околу вашето дете, сепак дадилката е таа која повеќе успева од вас. За неа работите одат полесно, таа е порелаксирана, не се труди премногу, а добрите резултатите кај детето се очигледни. Тоа ве доведува во ситуација на нелагодност, чувство на срам, понекогаш и недоверба во самата себе за тоа каква мајка сте вие. Вашите напори да го дадете максимумот од вашето време за детето се чинат недоволни. Тоа ве доведува во „слепа улица“.

Емоционалното минско поле помеѓу мајката и дадилката се чини дека е неизбежен аспект на современото родителство. Како полесно да се справите со сето тоа и да уживате во добриот однос кој го имаат дадилката и детето, без притоа да мислите дека нешто ви е украдено?

Професионалната дадилка е личност која ги прифатила вашите барања за воспитниот процес и се прилагодила на вашиот семеен систем. Таа е личност која ќе најде правилен начин да функционира и со вас - родителите и со вашето дете. Затоа прифатете ја и сакајте ја оваа дадилка!


Дадилката и децата покажуваат какви слатки направиле заедно

Прифаќањето на новата личност во секојдневието на детето е најтешкиот дел од целокупниот процес. Детето треба да научи како да ја прифати дадилката и да ја почитува. Моментот кога детето ќе ја прифати дадилката како авторитет претставува клуч за понатамошниот успех. Како последица на тоа, правилата за однесување и воспитување се одвиваат по принципот „така треба“ без да се случуваат големи отпори. Добрата дадилка е постојана во нејзините барања, има поставено високи цели и се стреми за нивно остварување. Таа го подига и насочува вашето дете без притоа да предизвикува емотивни бури на незадоволство, бес, тага. Напротив, таа го води низ воспитниот процес со љубов, разбирање и прифаќање.

Поврзаноста помеѓу дадилката и детето не треба да претставува закана. Тоа што вашето дете повеќе ја слуша дадилката, не ѝ прави проблеми и прифаќа сѐ од неа не треба да предизвикува фрустрација кај вас. Напротив, бидете благодарна што имате личност која го сака вашето дете и преку работата постигнува добри резултати кај него. Дадилката создава добра емоционална врска со детето, но таа врска не е толку интензивна како помеѓу вас и него. Дадилката сепак е повеќе објективна од вас. Таа нема да го разгали вашето дете како што тоа го правите вие, помалку ќе потклекне на неговите желби, ќе одреди построги граници и ќе биде постојана во почитување на редот и правилата.

Развивањето на вашата толеранција кон дадилката, односно желбата да слушнете што таа мисли за одреден проблем, е најдобриот подарок што може да му го дадете на вашето дете. Дадилката може да биде ваш најголем советник. Наместо да барате професионален советник, разговарајте со вашата дадилка. Таа ќе го сподели со вас начинот на функционирање на детето. Ќе ви ги каже сите позитивни и негативни страни на детето кои можеби вие сте ги испуштиле. Ќе ве информира за неговиот развој и напредок. Ќе ви доловува моменти на детето кои вие не сте во можност да ги забележите (учење нова навика, пројавување на одреден талент, прва симпатија...) Со задоволство треба да ја сослушате, да споделувате мислења и заедно да поставите здрава основа за понатамошниот развој на вашето дете. Дадилката е ваш партнер, не ваш ривал!

Надоместете го изгубеното време со вашето дете. За да не се чувствувате виновни што го оставате детето со дадилката, и истовремено да не бидете љубоморни на неа, искористете ја секоја пригода за да поминете квалитетно време со вашето дете. Посветете ги вечерните часови и викендите на вашето дете и семејство. Правете активности кои ќе го поврзуваат детето со вас. Тоа со нетрпение ќе го чека времето за ваше заедничко дружење и споделување убави моменти. Затоа што вие останувате негово семејство дури и тогаш кога дадилката веќе нема да му биде потребна. Чувството на загриженост дека вашето дете ќе сака некој друг повеќе од вас заменете го со мислата: Јас сум негова мајка, јас знам и секогаш ќе знам најдобро да го сакам! Во меѓувреме бидете среќни што вашето дете има добра дадилка.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.