Доење – разумна одлука или природен дар

Updated: Apr 15

Кога веќе се наближува терминот за породување и доаѓањето на вашето бебе веројатно се прашувате: „Што е тоа што ме очекува по раѓањето?“ Полека го создавате вашето „гнездо“, подготвувајќи ги сите работи потребни и неопходни за бебето.

„Овие пижамчиња се така слатки! Количката со транспортер ќе ни треба уште од првиот ден! Дали креветчето да биде дрвено или на расклопување? Какви шишиња и цуцли да купиме? Колку?“. Сите овие прашања ви се вртат низ глава и додека вие ги подготвувате сите овие работи и вашето тело ја подготвува храната која ќе му биде потребна на Вашето бебе. Вашите гради природно се подготвуваат за доење.

Во прво време, доењето ќе му биде сѐ на вашето бебе – утеха, сигурност, љубов и се разбира храна. Меѓутоа, доењето е многу повеќе од хранење. Доењето е природен начин да го започнете вашето животно искуство како мајка.Па сепак, понекогаш ви се чини дека работите не одат така лесно и така природно. Можеби некоја од вашите пријателки имала потешкотии со доењето, можеби вашата мајка не можела да дои, сте слушнале различни искуства, различни прикаски кои ве плашат. Во современо доба кога имаме многу различни опции и алтернативи, можно е да се прашувате дали доењето е за вас, колку е важно, колку ќе влијае на вашиот живот?


Доењето е важно. Тоа е еден е од факторите кои ќе имаат исклучително важно влијание на животот на вашето дете, како физички така и емоционално. Освен за бебето доењето е важно и за вас, за вашето тело и вашето здравје.

Мајчиното млеко е природна храна за бебето

Не постои адаптирано млеко кое има исти карактеристики како мајчиното млеко. Мајчиното млеко ги содржи сите витамини, минерали и други нутритивни елементи кои му се потребни на бебето. Мајчиното млеко се менува со секој ден, недела и месец за да ги задоволи потребите на бебето во сите негови различни развојни фази. Живите клетки кои се наоѓаат во мајчиното млеко се единствени и го заштитуваат имуниот систем на бебето од бактерии и вируси. На пример интерферон (протеин) и интерлеукин (протеин) кои се содржат во мајчино млеко се моќни анти-инфективни протеини кои штитат од сериозни заболувања. Во слободната продажба тие чинат мало богатство. Капките од мајчиното млеко помагаат при третирање на инфекции на око и потпомагаат лекување на кожни проблеми. Без мајчиното млеко, бебето е изложено на поголем ризик од ушни инфекции, респираторни заболувања и развој на алергии. Важно е да се потенцира дека системот на новороденото бебе сѐ уште не е развиен и дека составот на мајчиното млеко му помага да се развива на најбрз и најлесен можен начин.

Колострумот е млеко кое мајчиното тело го произведува во мали количини во првите денови после породувањето. Колострумот содржи концентрирани имуни фактори кои се прва заштита на вашето бебе од сите бактерии на кои е изложено во првите денови од својот живот. Колострумот има ниво на киселини кои му помагаат на бебето да се ослободи од мекониумот ( првите столици на бебето) формиран додека бебето сѐ уште било во стомакот на мајката. Зрелото мајчино млеко кое се создава по две недели од раѓањето содржи сѐ уште непознат број на исклучително битни состојки кои го зајакнуваат имуниот систем на бебето.


Новороденче кое ја чувствува топлина во рацете на мајка

Механиката на доењето му помага на бебето да ги развива мускулите и коските на лицето.Бебињата кои цицаат полесно и побргу ја развиваат вилицата и носните дишни патишта. Иако малите бебињата се во состојба да ги креираат своите оброци, доколку бебето е жедно, тоа ќе цица пократок период на една града и така ќе добие млеко со помалку млечна маст. Доколку е гладно ќе цица подолго и така ќе добие млеко со повисока калориска вредност. Исто така, доколку бебето цица повеќе, вашето тело ќе произведува сѐ повеќе млеко. Ако цица помалку, тогаш производство на млеко ќе се намали. Интересно е сознанието дека доколку организмот на бебето се „сретне“ со некоја бактерија, неговото тело ќе го пренесе тоа во текот на доењето и мајчиното тело ќе почне да произведува антитела. Токму тие антитела кои преку млекото бебето ќе ги внесе во наредниот оброк.

Кратко кажано: Доењето е главна здравствена станица за вашето бебе!

Доењето ѝ помага на мајката

Во циклусот на репродукција доењето е природен нареден чекор: бременост – раѓање – лактација. Кога бебето, започнува со цицање веднаш по раѓањето, контракциите на матката и пост-породилното крварење се намалуваат. Доколку бебето е исклучиво на доење и цица барем еднаш во текот на ноќта, најверојатно е дека вашиот месечен циклус ќе изостане во наредните неколку месеци. Шансите за потенцијално забременување во тој период се намалуваат. Доењето им помага на многу жени да ја намалат својата телесна тежина. Природно во текот на бременоста жените добиваат неколку килограми, кои со доењето чекор по чекор се намалуваат. Крвниот притисок на мајките кои дојат се одржува во нормала. Хормонските процеси кои се случуваат во текот на доењето исто така ѝ помагаат на мајката во контролирање на емоционалните промени по раѓањето.

Што кажуваат резултатите од досегашните научни студии?

Кога ги разгледуваме наведените фактори базирани на научни истражувања и кога читаме дека доењето го намалува ризикот од болести, инфекции, го зголемува коефициентот на интелигенција, се прашуваме колку навистина овие истражувања се точни и сигурни? Колку и да звучи неверојатно, ништо од ова во принцип не е точно. Зошто? Кога се врши истражување, на пример на некој лек, се анализира групата на луѓе кои го користат лекот (референтната група) и групата која не го користи. Врз основа на споредба ние можеме да кажеме дали користењето на тој лек дава позитивни или негативни резултати. Кога ќе ги погледнеме истражувањата за доењето заклучуваме дека тие се вршат само врз групата на мајките и бебињата кои цицаат. Ова значи дека се истражува и оценува всушност она што е природно, а не референтна група (на пример бебињата кои се хранат со адаптирано млеко). Со тоа доаѓаме до ситуација дека бебињата кои се хранат со адаптирано млеко се појдовна точка односно референтна позиција, а доењето изгледа како бонус. Доењето не го намалува ризикот од болести и инфекции и секако не го зголемува IQ (коефициентот на интелигенција). Доењето резултира со нормална здравствена и општа состојба на бебето и нормален IQ.Кога бебињата не дојат, користејќи ги резултатите од исти студии, доаѓаме до заклучок дека тие бебиња се изложени на поголем ризик од заболувања, инфекции и СНСД (синдром на ненадејна смрт на доенчето). Во последниве години истражувањата го стават доењето во фокус како нормална појдовна позиција и анализираат што се случува кога бебињата не дојат. Доењето не дава бонуси, не е нешто екстра. Доењето е нормален, природен начин за растење на бебе.

Доењето ја продлабочува врската помеѓу мајката и бебето

Хормоните кои се излачуваат во текот на доењето пролактин (prolactin) и окситоцин ( oxytocin) освен што ја продлабочуваат врската помеѓу мајката и бебето, ѝ помагаат на мајката да го надмине емоционалниот и психички стрес по породување. За бебето доењето е нешто што го очекува од моментот на раѓање. Неговата врска со мајката е основа на начинот како тоа ќе размислува за себе си и другите околу себе. Многу мајки кои од одредени причини ги хранеле бебињата со адаптирано млеко посакувале да дојат, додека исклучително мала бројка на мајки кои доеле посакувале да ги хранат бебињата со адаптирано млеко. Секако, ова ниту на еден начин не значи дека мајките кои дојат не ги сакаат своите бебиња-само постои разлика. Кога мајката која не дои, ќе го слушне бебето да плаче, таа свесно одговара на неговите потреби. Кога мајката која дои ќе го слушне бебето како плаче, целото нејзиното тело одговара на неговите потреби. Емоционалната врска која се создава не само со хранење, туку и со допири, чувството од кожа на кожа, и миризбата се фактори кои влијаат и на мајката и нa бебето. Затоа, посебно во првите месеци раздвојувањето од бебето е тешко и за мајката и за бебето. Ова посебно се забележува во современите општества каде што мајките многу бргу по породување се раздвојува со бебето поради други обврски (враќање на работа).

Доењето и помага на мајката во нејзината нова улога

Доењето на мајката ѝ олеснува да се идентификува со својата нова улога. Мајката е извор на храна на бебето и личност која може да го заштити, утеши и смири. Мајчиноto тело реагира инстинктивно. Времето поминато со бебето ѝ овозможува на мајката да го запознае бебето и физички и психички. Мајката знае како да го процени плачот на бебето. Мајката знае што сака бебето, а што не сака. Со тек на време, доењето ја развива самодоверба и вештини на мајката. Се разбира дека ова искуство целосно не можеме да го почувствуваме и да го разбереме додека сами не го поминеме.


Практични аспекти

По неколку недели кога доењето ќе ви стане рутина, навика и природа, откривате дека можете да го смирите и утешите вашето бебе вознемирено од која било причина – умор, глад, страв, болка – само со кратко доење. Тогаш доењето станува не само извор на храна, туку д една исклучително важна мултифункционална алатка за мајката. Создавањето на временски распоред на доењето, би било како и да ги планирате бакнежите и прегратките. Доењето на мајката и дава можност да здивне во моменти кога денот е исполнет со многу обврски. Како што бебето расте, животот на мајката се менува, сѐ повеќе обврски, како деловни така и приватни. Кога ќе дојде моментот на доењето, мајката има време да седне, да одмори и истовремено да помине време со бебето во гушкање. Доколку бебето цица, нема потреба од адаптирано млеко, нема потреба од мерење, загревање на вода, миење, стерилизирање. Нема потреба од планирање или фрлање на остатоци. Мајчиното млеко секогаш е подготвено, секогаш е со соодветна температура, секогаш е тука. Паричните средства кои ќе ги заштедите доколку не купувате формула, ќе можете да ги искористите за нешто друго. Патувањата со бебето се многу полесни кога нема размислување како, кога и каде ќе му се приготви млекото.


Новороденото бебе има само три барања. Тие се: топлина во рацете на својата мајка, храната од градите и сигурноста која ја чувствува во присуство на мајката. Доењето ги задоволува сите три. Можеби доењето не е прифатлив избор за секој родител, но секако е најдобриот за секое бебе.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.