Дали чувањето домашен миленик - куче е добар избор за вас и вашето семејство?

Updated: Apr 15

Во овој текст ќе се осврнеме само еден вид од домашните миленици – кучињата. Одлуката да се земе куче е голема. Пред да се решите на тоа, треба да бидете подготвени за тоа што следува. Прв чекор кој треба да го направите е разговорот со Вашите најблиски, со кои го делите просторот за живеење. Доколку едногласно сметате дека вам навистина ви е потребно милениче, треба да се договорите во однос на големината и расата на кучето, обврските околу него, трошоците и одговорноста. Да се чува домашно милениче не е мала обврска. Кучињата помалку или повеќе, имаат потреба од секојдневно внимание: јадење, пиење вода, шетање, трчање, галење, играње, водење сметка за хигиена… Тоа значи дека и да врне и да вее, вие треба да излезете и да го прошетате вашето милениче. Во просек шетањето треба да биде два до три пати во текот на денот по минимум 15-20 минути. Доколку одите на работа, треба да станете порано, да излезете и да го прошетате. Штом се вратите повторно на шетање и пред спиење уште еднаш. Два пати во денот треба да му давате храна и барем еднаш дневно да му дополнувате чиста вода. Иако веројатно ќе бидете изморени од напорниот ден, имајте во предвид дека кучето било само и со саати ве чекало да се вратите. Вашето милениче ќе ве грепка со шепата за да го галите или ќе ви ја подава играчката за да играте. Млечни заби Додека кучињата се мали и имаат млечни заби, често пати се случува да бидат немирни, да ги гризат вашите чевли или да ги уништуваат засадените цвеќиња. Тоа трае додека не паднат млечните заби, односно до моментот кога тие ќе се заменат со трајни. Доколку се случи да имате немирно милениче, треба да одвоите време за добар тренинг и правила што смее, а што не смее да прави во ваше отсуство. Трошоци Новиот миленик ќе ви донесе и дополнителни трошоци од вообичаените. Редовно купување готова, зрнеста храна адаптирана според потребите, возраста и растот. Носење на ветеринар, често прочистување од надворешни и внатрешни празити, еднаш годишно вакцинација. Аксесоарите и играчките се неопходни и потребни за забава на миленикот. Во зависност од крзното и фризурата, миленикот на два – три месеци пожелно е да се носи во груминг салон за да се потстрижи и обликува. Кога одите на одмор, треба да ги ангажирате вашите пријатели или роднини да го четаат и хранат миленикот. Доколку не сакате да им давате таква обврска и да барате услуга, единствена опција е да го оставите кучето во таканаречените хотели за миленици. Митарење Во зависност од расата, кучиња повеќе или помалку се митарат. Тоа значи дека оставаат влакна насекаде околу нив, а ова интензивно се случува два пати годишно. Затоа четкањето и чешлањето треба да биде секојдневно со соодветни четки и чешли кои се бираат и купуваат во зависност од должината и густината на крзното. Со редовно чешлање се намалува митарењето, се подобрува циркулацијата на телото на миленикот, а со тоа се подобрува и квалитетот на крзното. Бањањето е неизоставен дел од одржувањето на хигиената на миленикот и пожелно е да се практикува минимум два пати месечно.

Четири члено семејство во друштво на домашниот миленик

Двор или дом Доколку живеете во стан, треба да му одредите посебно катче на вашиот миленик, каде ќе спие, јаде и ќе поминува поголем дел од времето. Ако пак сте во куќа, тогаш имате две опции за чување на миленикот, внатре во домот или надвор во дворот. Што и да одлучите, важно е да нема промени, односно да не се случи на почетокот кучето да спие внатре, а после неколку години да го преселите во дворот. Тоа може да биде шок за кучето и негативно да се одрази на неговото расположение и понатамошно однесување кон вас и околината. Терапија на четири нозе Покрај горенаведеното, чувањето на милениче има исто така значајни позитивни влијанија врз сопствениците на физичко, ментално и емоционално ниво. Експертите од оваа област велат дека вообичаените домашни животни меѓу кои спаѓаат и кучињата, имаат терапевтско дејство врз луѓето. Тие можат да го намалат чувството на осаменост, да го редуцираат стресот, да ја зголемат физичката активност кај нивниот сопственик, да го развеселат и да му пружат неизмерна љубов и внимание. За да ги почувствувате терапевтските придобивки од конекцијата помеѓу вас и вашето милениче, треба да одберете раса, чии потреби ќе бидат во согласност со вашиот животен стил. Социјален живот Чувањето куче ја поттикнува социјалната интеракција, која пак го подобрува вашето емоционално здравје. Многу сопственици сакаат да раскажуваат разни ситуации кои ги доживеале со нивното милениче и притоа несвесно да почнат да зборуваат и за себеси. Затоа кучето може да послужи и како повод за започнување тема на разговор со случаен минувач, пријател или роднина. Релаксација Овој домашен миленик има смирувачки ефект и ја намалува нервозата. Играњето со него, може да го покачи нивото на невротрансмитерите серотонин и допамин, кои ја поттикнуваат релаксацијата. Љубовта и нежноста која ќе ја почувствувате од вашето милениче, инстантно го подобрува вашето расположение. Физичка активност Помагаат да бидете во форма. Трчањето по кучето, игрите, прошетка, возење на велосипед заедно – сето тоа ве тера да се движите и е корисно како за вас, така и за него! Вистински пријател Чувањето домашно милениче му дава топлина и љубов на вашиот дом. Ако некој ден останете сами во вашиот дом, миленичето ќе ви прави друштво, ќе ве забавува и ќе ви влее чувство на сигурност и безбедност.

Животен век Тука доаѓаме до делот кој можеби е пресуден за вашата одлука да чувате куче. Вие треба да бидете подготвени да се грижите за вашето милениче наредните десет години, односно додека трае неговиот животен век. Размислете дали ќе бидете во можност да го менаџирате вашето време во тој следен долг период. Дали вашиот иден партнер ќе сака миленик и би се согласил да живее со вашето куче? Доколку планирате да станете мајка, сметајте дека во текот на вашата бременост и потоа миленикот ќе треба да биде со вас. Какво влијание би имал миленикот врз растот и развојот на вашето бебе? Треба да се разгледаат објективно сите страни, предности и мани пред да се донесе одлука. Не грижете се, ние ќе ви помогнеме полесно да одлучите што е вистинскиот избор за вас. Во овој циклус на текстови ќе се осврнеме токму на позитивните и негативните работи во однос на секојдневен живот помеѓу миленикот, вашата бременост, доаѓањето на бебето, запознавањето на миленикот и детето и нивниот понатамошен однос. Ве поздравуваме до наредно читање.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.