Дадилка на дете со посебни потреби

Моментите во кои детето со посебни потреби, за кое се грижите пројавило одредена емоција, го кажалo првиот збор, стекнало добра навика, односно направилo и мало чекорче на напредок во неговиот развој, се вредни милион долари.

Сите ние се раѓаме како хумани суштества кои треба да придонесуваат за доброто на заедницата. Тоа е и нашата мисија на земјата, тоа се очекува од нас. Сите ние сме поведени од некои правила на однесување, функционирање, креирање и творење. Најголемиот дел од нас успеваат самостојно да се изборат со предизвиците пред кои се исправени во моментот. Исти очекувања, барања и стремежи имаме и за децата. Но, не секогаш го добиваме редоследот на настани кој сме го очекувале. Доаѓа момент кога веќе научените правила не важат. Ситуации кои противречат на веќе поставените норми и стандарди. Тогаш доаѓа бран на бескрајно трпение, зголемена доза на љубов и разбирање. Бран кој противречи на надојдената бура и кој е доволно силен да креира нов почеток. Креатори и носители на тој бран се семејствата кои имаат дете со посебни потреби.


Семејствата кои имаат дете со посебни потреби се соочуваат со поголеми предизвици за разлика од останатите семејства. Овие родители веќе ги оставиле сите приоритети настрана, грижејќи се за потребите на детето. Тие се спремни да се справат со секаква ситуација која може да настане. Научиле да растат заедно со нивното дете. Знаат да пронајдат ефективни начини на функционирање во кој секој член на семејството би се чувствувал сигурно и безбедно. Овие семејства претставуваат систем на заедничка доверба, меѓусебно разбирање и борба за заедничка среќа. Дадилката која ќе стане дел од нивното семејство - истовремено е и личноста која заедно со нив ќе ја живее посебноста на детето. Тоа е голем предизвик кој не може секој да го прифати.


Работата како дадилка на дете со посебни потреби е комплексна. Дадилката треба да се одликува со добро изградени морални вредности, да има стабилна емотивна структура на личност, ентузијастички пристап и секако дополнителни квалификации. Не треба да постојат граници за нејзината работа. Оттука, нејзините вештини треба да се поголеми за разлика од дадилките кои се грижат за деца со типичен развој.


Дете слика на платно

Целосно вложување

Еден работен ден со дете со посебни потреби не оди по распоред, кој е претходно договорен меѓу дадилката и родителите. Дадилката не ги исполнува само основните задолженија за грижа и нега на детето. Потребна е дополнителна љубов, разбирање и поддршка. Ситуациите кои доаѓаат не секогаш се предвидливи, но дадилката секогаш му е потребна на детето. Дадилката за детето е столб, водилка, поддршка. Точно заради тоа, дадилката треба да го даде секој атом на енергија кој го поседува. Целосно „да се даде себеси“ во врската меѓу неа и детето за кое се грижи.


Трпение

Трпението е можеби и најважна особина на дадилката на дете со посебни потреби. Децата знаат на различен начин да ги предизвикаат границите на нашето трпение и толеранција. Во зависност од нивната состојба, тие знаат да ја доведат дадилката до работ на емотивно истоштување. Но, затоа таа е личност која веќе ја знае чувствителноста на ситуацијата. Умее добро да го исконтролира своето трпение и да ја промени ситуацијата која го предизвикала.

Верба

Децата со посебни потреби имаат различни потешкотии. Може да станува збор за развојни говорни, физички, емоционални потешкотии, проблеми со однесување итн. Секоја потешкотија е предизвик за работа на дадилката. Секоја работна минута со детето е суштинско време за негов напредок. Потребен е отворен ум и верба за напредок. Понекогаш и покрај многу работа со детето, сепак нема видливи резултати. Чувството на обесхрабрување не смее да ја запре дадилката. Потребно е таа да верува во промените кои не се случуваат брзо.


Разбирање

Работата со децата со посебни потреби бара многу разбирање. Сензитивноста на ситуацијата доведува до зголемување на видикот („јас на овој настан гледам вака“), проширување на полето на дејствување („тоа не е моја работа“), преминување на личните граници („јас ова досега не сум го направила“). Дадилката не смее да дозволи личните ограничувања да го запрат процесот на развој на детето. Разбирањето на родителите е подеднакво важно како и разбирањето на детето. Сите членови на семејството имаат потреба од поддршка и разбирање на секое поле.


Професионално надоградување

Децата со посебни потреби имаат дефинирани барања во зависност од нивната состојба. Потребен им е некој кој ќе ги насочи во кризна ситуација, кој ќе им помогне да се справат со потешкотиите кои ги имаат, личност која ќе знае истовремено и да ги сака и да ги води кон поголем развој. Лице кое не е доволно запознаено со состојбата и потребите на детето, не може да му помогне во целост. Доколку една дадилка сака да биде добар кандидат за деца со посебни потреби мора да биде и добра личност, но и стручно лице. Посета на обуки од типот на прва помош, нутриционизам, обука за дадилки, возачка дозвола и сл. се основни курсеви кои треба да ги поседува секоја дадилка. Дадилката на деца со посебни потреби исто така треба да посетува и специјализирани курсеви и обуки за специфичната област на детето. Без разлика колкаво е нејзиното минато искуство со деца со потребни потреби, детето со кое работи во моментот е со различни потреби од сите претходни. Способноста за професионална комуникација и градење добар однос со родителите и терапевтите кои работат со детето е уште една во низата особини неопходни за дадилката.


Децата со посебни потреби заслужуваат љубов, внимание и разбирање како и останантите деца. Некогаш и повеќе од тоа. Секоја дадилка на дете со посебни потреби треба да ја знае важноста на нејзината улога во семејството. Таа е надворешната алка во синџирот на семејството, која дава дополнителна поддршка. Придонесува за позитивни промени на детето и неговото семејство. Истовремено ја подига професијата дадилка кон правец на посебност, развивање и доусовршување. На крајот, ваквата дадилка ја враќа надежта за подобро општество и дава пример за хуманост.


  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.