Грижа и нега на новороденче

Oд моментот кога за првпат ќе го земеме бебето во раце, нашиот живот почнува да се менува. Се јавуваат неверојатни чувства, кои тешко можат да се опишат со зборови бидејќи врската помеѓу бебето и родителите е единствена. Низ глава ни поминуваат застрашувачки мисли и прашања:

  • Дали ќе можам да препознам што му е потребно на бебето?

  • Дали ќе можам да се снајдам?

  • Како да знам зошто бебето плаче?

  • Што треба да направам и како да знам дека баш тоа е исправно?

Одговори на овие прашања се наоѓаат длабоко во секој од нас. Родителскиот инстинкт и љубовта се непогрешливи советници. Не можете да го разгалите новороденчето со љубов. Оставете ги на страна сите други совети од баби, тетки, стрини, вујни и други добронамерни, дежурни советници. Никој не може да знае подобро од родителот што му е потребно на бебето. Потребно е само да го слушате внатрешниот глас кој Ве насочува по кој пат да одите.

И бидејќи секој пат е тежок на свој начин, особено на почетокот, потпрете се на неколку совети, базирани на родителски искуства и научно истражени факти, кои ќе Ви ги олеснат првите неколку недели со Вашето бебе.


Стигнавте дома

Конечно сте дома со Вашето бебе. Што сега, дали му е топло, дали е гладно, дали да го држам во раце? Опуштете се. Спуштете го бебето во креветче, вдишете длабоко и уживајте во неколку минути тишина 😊.


Просторија и опрема

Температурата на просторијата во која престојува бебето потребно е да биде од 17 до 22 степени. Секое бебе е единствено и различно и потребно е повремено да ја проверувате температурата на бебето. Најдобар начин да проверете температура е да го допрете бебето на градите или позади вратот. Доколку чувствувате дека кожата на бебето е претопла или бебето е испотено, отстранете еден слој облека. Рацете и нозете вообичаено ќе бидат поладни, што е нормално.

Во зимен период доколку чувствувате дека просторијата е ладна, можете да користите греење и во текот на ноќта, но температурата не треба да надминува 22 степени. Во текот на спиењето доволно е бебето да биде облечено во пижами и вреќа за спиење (соодветна на возраста). Носење на капи, покривање со јоргани, користење на перници не се препорачува на деца под 1 година, заради безбедносни причини.

Во летен период доколку чувствувате дека во просторијата е претопло, можете да ги отворите прозорците и вратата (доколку е безбедно) или благо да го разладите просторот.

Истражувањата покажуваат дека прекумерната температура во просторијата или претоплувањето на бебето со облека се поврзани со зголемен ризик од ненадејна смрт на новороденче. Затоа е потребно да бидеме внимателни кога се работи за температура на просторот каде престојува новороденчето.


Беба Изабела во зајдисонце

Опрема

Пред да пристигне бебето имаме цели 9 месеци исполнети со планирање, избирање на име, креветче, играчки, облека. Денес на пазарот можеме да најдеме речиси неверојатни продукти и опрема за бебето. Сите нѐ уверуваат дека токму тој одреден продукт е спас и дека без него не можеме да живееме 😊. Од грејач за влажни марамици, преку лажица за размачкување на крема по газето, вентилатор за сушење на газето, штиклички и цуцли со усни, качкет за шампон, бикини за бебиња до брендирани колички, парфеми, облека.Ќе бидете на тешки маки да одлучите што навистина Ви е потребно.

Како и секогаш здраворазумското размислување е од голема помош. Што е најважно за бебето и што прави бебето во првите недели? Бебето во првите недели спие, јаде и бара љубов.

Креветче за бебето е една од основните работи што треба да ја имате. Дали ќе биде дрвено, пластично, фиксно или флексибилно е прашање на вкус и практични причини. Доколку сакате да го движите креветчето низ домот, често патувате и сакате да го носите со вас, имате ограничен простор тогаш склопливо, флексибилно креветче е за вас. Без оглед на тоа какво креветче ќе изберете, не ставајте во него перници, плишани играчки, штитници или какви било други меки или остри предмети. Вакви предмети можат да предизвикаат повреди или задушување. Ставајте го бебето во креветче од првиот ден. Така со тек на време ќе се навикне и ќе научи дека тоа е неговиот простор за спиење.

Комода за пресоблекување и менување на пелени. Бебето можеме да го пресоблечеме и да му смениме пелени на секоја рамна површина. Доколку имате можност и простор за комода, таа ќе Ви биде од помош заради практичните фиоки и прегради каде можете да ги сместите сите потребни работи (марамици, алкохол, пелени, резервна облека) и заради ергономскиот дизајн што ќе го намали ризикот од болки во грбот кај родителите. Комодите можат да бидат со интегрирана кадичка за бањање или без неа, дрвени или пластични, со фиоки или со прегради. Исто така некои креветчиња на склопување имаат додаток во вид на комода за пресоблекување што е исто така добра опција доколку сте ограничени со простор.


Шишиња, стерилизатор и грејач за шишиња. Потреба од различни видови и број на шишиња зависи од начинот на хранење на бебето. Доколку бебето е на доење многу веројатно е дека едно стаклено или пластично шише ќе биде сосема доволно за почеток. Шишето е потребно во случај на измолзување и кога сте отсутни, за да може друга личност да го нахрани бебето. Доколку бебето е на исхрана со адаптирано млеко, доволни се две-три шишиња кои што се користат наизменично. Стерилизација на шишиња можете да направите со вриење или во стерилизатор. Ваш избор е за што ќе се одлучите. Грејач за шишиња е сосема непотребен бидејќи водата за адаптирано млеко ја загреваме, мериме температура и го подготвуваме млекото. Доколку бебето не го испило млекото истото се фрла.

Релаксатор. Може да биде практичен бидејќи е лесно пренослив. Доколку имаме голем простор, поголем број на соби каде што поминуваме време во текот на денот и сакаме бебето да е безбедно и секогаш со нас, тогаш релаксаторот е добро решение. Доколку просторот е ограничен, на пример двособен стан каде што во една соба е сместено и креветчето, размислете дали релаксатор ќе Ви биде од помош. Најмногу се користи од првиот до третиот месец, а веќе околу 6 месеци заради раст и развој на бебето како и неговите потреби истиот е непотребен.

Облека. И покрај сите преслатки маички, бодиња, чорапчиња, пижами, фустани, пантолони обидете се да не купувате премногу облека на почетокот бидејќи бебињата многу бргу растат и ја надминуваат облеката. Неколку пижами, шпихозни и бодиња ќе бидат сосема доволни за почеток. Памучната облека секогаш е добар избор за новороденче.

Играчки. Не претерувајте. Бебето пројавува внимание за други предмети после вториот месец. Вистинско заигрување со играчки ќе дојде многу подоцна, а дотогаш бебето истражува држејќи ги предметите и ставајќи ги во уста. Во почетокот бебето реагира на јаки бои, невообичаени звуци и музика, така што играчките што пуштат звуци, песни се погодни за бебиња. При купување раководете се со декларации на производители за која возраст се наменети играчките.

Без оглед дали ќе избереме најскапа и најмодерна опрема или ќе се снајдеме со алтернативни начини, бебето нема да направи разлика помеѓу Dolce&Gabana и Стружанка боди, како ни помеѓу Aston Martin и Chipolino колички. Бебето единствено ќе ги чувствува нашиот допир, глас, гушкање и нежност. За здрав и правилен раст и развој на новороденчето, љубовта, сигурноста и нежноста се еднакво потребни и важни како и храната.


Пресоблекување и менување на пелени

Најдобар начин да се подготвиме за пресоблекување на бебе е да земеме октопод како миленик и да вежбаме со него. Во случај да немате октопод во близина, еве неколку совети како да ги преживеете првите денови 😊

Во првите неколку недели пресоблекување и менување на пелени е најчеста активност со новороденчето. Новородените бебиња изгледаат нежно и понекогаш дури чувствуваме страв дека ќе ги повредиме при сите тие повлекувања на рачињата, ноџињата и главчето. Не се плашете. Фонтанелата на главата на бебето е обвиена со цврста опна, не може лесно да се повреди и некаде кога бебето има една година во потполност ќе се затвори. Рацете и нозете се еластични и како времето одминува мускулите стануваат се посилни и поразвиени.

Платнени или еднократни пелени, прашањето што го поставуваат родителите сѐ почесто. Платнени пелени се финансиски исплатливи и заштедуваат средства бидејќи е доволно еднаш да ги купиме и да ги користиме сѐ до одвикнување од пелени. Платнените пелени се еколошки бидејќи не се фрлаат и со нивна употреба ја заштитуваме животната средина. Кај бебињата облечени во платнени пелени поретко доаѓа до појава на осип. Ова се должи на почесто менување на платнените пелени, како и во фактот дека не содржат хемикалии кои можат да предизвикуваат алергии и осип. Платнените пелени пропуштаат воздух, што овозможува кожата на бебето да диши. Од друга страна, платнените пелени бараат повеќе внимание и време за одржување, бидејќи е потребно нивно перење и пеглање. Платнена пелена најпрвин се пере над WC школка за да се отстрани изметот од неа, а потоа се пере во машина за алишта на висока температура (над 60 степени).

Денешните платнени пелени доаѓаат во различни форми, бои и дизајн. Покрај платнени пелени достапни се и заштитни гаќички, како и дополнителни влошки/слоеви за подобра заштита и издржливост на пелената.

Пелените за еднократна употреба се фрлаат по употреба и се едноставни и практични особено кога патуваме. Штедат време бидејќи нема потреба од перење и пеглање. Ценовно се многу поскапи од платнените, но на пазарот можат да се најдат различни цени од различни производители. Еднократните пелени не се биоразградливи, не смеат да се фрлат во WC школка, а во природата се потребни над 100 години за разградување на една пелена.


На новороденче му се потребни 10-12, а на дете од една година 6-8 пелени дневно, што нѐ води до бројка од 3.000 еднократни пелени годишно. Пред да одлучите какви пелени ќе користите за Вашето бебе, седнете, размислете на хартија за сите предности и мани на двете варијанти, пресметајте ги трошоците и времето и донесете одлука која соодветствува со Вашите лични ставови, вредности и начин на живот.


Пред да почнеме со менување на пелена, ги подготвуваме сите работи што ни се потребни. Чиста пелена, влажни марамици или мека памучна крпа натопена со вода, крема, алкохол. Миеме раце со сапун и топла вода. Го поставуваме бебето на грб, го соблекуваме и ја отстрануваме валканата пелена. Потоа го фаќаме бебенцето за нозе и го бришеме со нежни движења од напред на назад. Исклучително е важно гениталиите да се бришат од напред на назад, особено кај женски деца. На овој начин го заштитуваме бебето од бактерии кои се наоѓаат во изметот. Лично, препорачувам миење при менување на пелени, особено кога бебенцето ќе се искака. Откако газето и гениталиите се чисти, ја поставуваме чистата пелена, мачкаме крема на газето и ја затвораме пелената. Во однос на мачкањето, доколку кожата на газето е сува, чиста, нема црвенило не е потребно да се мачка при секое менување на пелена.

Употреба на пудра не се препорачува, заради опасноста од задушување. Бебето не го оставаме само, без надзор ниту една секунда. Новороденчето има сила да се преврти и да падне од местото каде што се преповива. Рацете ги миеме пред и по менување на пелена. Во почетокот менувањето на пелени може да изгледа комплицирано и застрашувачко, но веќе после 3-4 ќе станете експерт.


Бањање на бебето... во следниот блог.


За дополнителни совети и поддршка контактирајте советник за новороденче на следниот линк - Контактирај советник


282 views0 comments