Влијанието на миленикот врз растот и развојот на детето

Updated: Apr 15

По пристигнувањето на најмладиот член во семејството, во домот започнува нов живот за сите останати, каде секако спаѓа и миленикот. Ништо не е како порано и никогаш повеќе нема да биде. Нови моменти, неочекувани ситуации и убави искуства исполнети со нежни допири и искри од чиста љубов.

Секое семејство, каде детето израснало во друштво на куче, ќе ви потврди дека ваквото искуство игра голема улога во растот и развојот, особено во првите години од неговиот живот. Исто така, ќе бидете охрабрени да се опуштите и да уживате во периодот што следува.

Иако миленикот преку игра и дружење го забавува вашето дете, истовремено му влијае и на многу посуптилен начин. Експертите велат дека физичкиот, социјалниот и емоционалниот развој на детето можат да бидат поттикнати од секојдневната интеракција со домашниот миленик.

Физички развој

Домашниот миленик му помага на детето да ги подобри своите моторни вештини. Кучињата имаат многу енергија и изгледа како никогаш да не се уморни. Тоа значи дека вашето дете ќе има зголемена физичка активност додека игра со миленикот и трча за да го фати низ сите соби во домот. Секојдневните прошетки на кучето дополнително ќе ја одржуваат неговата физичка форма и истовремено ќе ги намалат шансите за прекумерна тежина.

Многу студии поврзани со оваа тема имаат потврдено дека децата кои од рана возраст имаат контакт со домашен миленик помалку подлежат на респираторни инфекции и алергии, негуваат посилен имунитет и се поздрави од останатите врсници.


Социјален развој

Голем број истражувања покажуваат дека децата кои имаат домашен миленик се покомуникативни и полесно го шират кругот на пријатели. Чувањето куче ја поттикнува и олеснува социјалната интеракција на детето. За време на прошетките на миленикот, детето среќава и запознава други врсници кои исто така имаат крзнени пријатели. Ваквата средба е доволна за детето лесно да влезе во комуникација и да размени некои информации поврзани со домашниот миленик, на пример: како се вика кучето, колку е старо и со каков вид храна се храни. Додека кучињата се душкаат и играат, децата зборуваат и формираат пријателства. Неколку вакви средби можат да создадат потреба за подобро запознавање и редовно дружење.


Дете ужива во играта со домашниот миленик

Емоционален развој

Чувањето на домашен миленик има смирувачки ефект. Самото галење на кучето ја смирува тензијата и го намалува стресот. Кучињата даваат безусловна љубов и чувство на прифаќање, што навистина добро му доаѓа на малото човечко срце. Ако вашето дете имало тежок ден во градинка, дружењето со четириножниот пријател ќе направи да ги заборави лошите моменти и да го помине остатокот од денот со насмевка.

Чувањето миленик го учи детето на посветеност и одговорност. Откако детето ќе преземе дел од грижата за домашниот миленик, тоа треба да го прави редовно. Детето ќе научи дека доколку даде некакво ветување, треба да го исполни, односно да се посвети и да биде одговорно.

Грижата за кучето, на пример: редовно полнење на неговиот сад за вода и давање храна покрај горенаведеното придонесува и за раст на самодовербата кај детето. Чувството дека тоа што го прави е потребно за домашниот миленик, влијае детето да се чувствува добро и корисно. Миленикот никогаш нема да ја одбие играта со детето, нема да му се налути и нема да му даде наредба. Без разлика дали детето направило нешто погрешно или не, тоа секогаш ќе ја чувствува истата безусловна љубов. Оттука, детето ќе биде сигурно во себе, во прво време само покрај кучето, а потоа и пред поширокиот круг на семејството.


Да се има можност да се расте со миленик, значи да се подари можност детето да прерасне во емоционално стабилно, социјално и одговорно човечко суштество. Цврстата врска помеѓу детето и домашниот миленик е доказ дека кучешките шепи можат да допрат во длабочините на детското срце. И се разбира, нема поубаво место за дремнување од мекото крзно на кучето.


На самиот крај од овој циклус на текстови поврзани со животот на семејствата кои имаат домашен миленик, почувствуваме потреба да се вратиме на самиот почеток, на моментот кога се носи одлуката за вдомување на куче. Какво да биде, од каде да се набави, да се купи или да се земе на подарок...? Без разлика за што ќе се одлучите, имајте го во предвид само следното: не е важно дали кутрето е со педигре или не, дали е од улица или од позната одгледувачница, дали е црно или бело, со виткано или право крзно, големо или мало, верувајте дека и покрај различниот изглед и потекло, секое кутре има исто срце, полно со љубов за неговите идни сопственици.


Ви посакуваме незаборавни моменти и пријатни вибрации во дружбата со вашиот миленик, во кругот на семејството.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.