Влијанието на бабите и дедовците

На бабите и дедовците им е доверена привилегирана улога во животите на нивните внуци. Тие имаат уникатна харизма и на посебен начин се повикани да бидат водачи и придружници на најмладите членови на семејството. Односот на бабите и дедовците со своите внуци има силно влијание врз двете генерации. Бабите и дедовците нудат безусловна љубов и стабилност. Тие се цврсти сидра на семејства без разлика дали живеат во иста заедница или се оддалечени. Односот помеѓу внуците и бабите и дедовците е неспоредлив со кој било друг однос. Бабите и дедовците се силни примери и учители за помладите генерации. Тие во животот стекнале разни вештини, таленти, интереси и искуства што можат да бидат многу корисни за нивните внуци. Да се биде баба или дедо е една сосема нова животна можност. Тоа е можност сега да го направат сето она што го пропуштиле кога биле родители. Споделувањето на сопствените таленти и дарови со нивните внуци е начин да се создадат вредни спомени.


Тие се жива врска помеѓу минатото и сегашноста

Бабите и дедовците се како семејни историчари. Тие се жива врска помеѓу минатото и сегашноста. Тие ги чуваат семејните приказни и се задолжени за споделување на богатото семејно наследство со најмладите гранки на семејното дрво. Децата сакаат да слушаат приказни за себе, како и приказни за оние кои живееле пред нив.

Бабите и дедовците ја носат мудроста на постарата генерација и се „семејни старешини”. Во текот на нивниот живот тие стекнале многу знаење и така ја развиле својата животна филозофија. Во односот со нивните внуци, тие имаат можност да им пренесат морални вредности и животна мудрост, кои потенцијално можат да станат водич и инспирација не само за нивните внуци, туку и за идните генерации.


Насмеан дедо ја носи внуката околу врат, а бабата насмеана ги гледа
Баба и дедо уживаат со својата внука

Истражувањето на Оксфордскиот универзитет покажало дека блиската врска на внуците и постарите генерации им помагаат на децата да излезат на крај со трауматичните настани во животот, како што се малтретирање во училиштето или развод на родителите.

Љубовта, грижата и поддршката на бабите и дедовците имаат благотворно влијание на внуците. За тоа сведочат бројни научни истражувања.


Се намалува ризикот од депресија

Емоционалната блискост на бабите и дедовците со внуците го намалува ризикот од депресија кај децата. Во студијата објавена во списанието “Gerontolog“, учествувале 356 внуци и 374 баби и дедовци. И кога научниците од Бостонскиот колеџ ги анализирале податоците кои ги собирале 19 години, се покажало дека опасноста од депресија се намалува и кај постарите и кај помладите генерации.


Се зголемува чувството на стабилност и безбедност

Бабите и дедовците им влеваат на внуците чувство на стабилност и емотивна безбедност. А во трауматични ситуации или во текот на семејните кавги, бабите и дедовците им се често поддршка на внуците. Истражувањето на Оксфордскиот универзитет кое го водела професорката Ен Бјукенен опфатило повеќе од 1500 деца и покажало дека оние кои биле во блиски односи со своите баби и дедовци имаат помалку емотивни тешкотии и проблеми во однесувањето. Покрај тоа, таквите деца имале поразвиено чувство на самосвесност, што им олеснувало да ги надминат тешкотиите.


Им се олеснува задачата на родителите

Родителите понекогаш немаат доволно време за игра и разговор со децата. Бабите и дедовците често ги заменуваат родителите, посебно кога им е потребна игра и забава. Освен тоа, тие поретко ги караат децата, така што внуците се подготвени да им ги откриваат своите тајни.


Сето ова ја подобрува општата емотивна атмосфера во семејството, затоа што и родителите се поспокојни, знаејќи дека се децата добри додека нив ги нема.

54 views0 comments