Бањање на бебе

Седите дома, првиот ден со Вашето бебе – среќни, исполнети и радосни. Но полека се наближува вечер, а со неа и бањање. Тој страшниот момент на неизвесноста, што и како ќе се случи, како ќе се избања бебето. Заедно со неизвесноста доаѓаат и мислите – многу е мало, се плашам да го држам, што ако ми се лизне, што ако плаче, што ако не сака да се бања, што ќе правам? Но, миговите на бањање се пред се забавни и весели, а зависно од возраста исполнети со смешни, дури и чудни случки. Не заборавајте - бебињата ја сакаат водата. Со малку вештини и трикови од ваша страна, бебето ќе стане ваш најголем сојузник во бањање. Во денешниот блог ќе ги разоткриеме главните мистерии на успешно бањање на бебето, како да ги запазите безбедносни препораки и мерки, која опрема Ви е потребна, каква вода треба да биде, кои се разлики при бањање во првите неколку недели и потоа и уште неколку интересни факти.


Безбедност

Прво правило при бањање на бебето е да се осигурете дека се исполнети сите безбедносни и сигурносни препораки.

Никогаш ниту во едни услови не го оставајте вашето бебе само во кадичка или во бањата. Ни на милисекунда.

Бебето може да се задуши и во кадичка која има само 2 до 3цм вода. Особено се бебиња и мали деца изложени на ризик од суво давење и секундарно давење. Треба да се знае дека кај суво давење дете вдишува вода преку нос или уста, при што водата не влегува во белите дробови, туку ги затвора гласни жици. Смрт настанува бидејќи гласните жици не се отвораат и го попречуваат воздухот да влезе во белите дробови. Кај секундарно давење детето вдишува вода директно во белите дробови, што води до воспалителни процеси (едема) на белите дробови. Смрт може да настане неколку часови или дури неколку дена откако е водата влезена во белите дробови. Смрт настанува како последица на отекување на воздушните канали во белите дробови, со што се попречува кислородот да влезе во крвоток.

Малку застрашувачки почеток? Ова се работи за кои како родител треба да бидете свесни во секој момент кога Вашето дете е во допир со вода. Потоа можете да уживате.


Температура

Треба да внимаваме и на температура на вода за бањање и на температура на просторија во која се бања бебето. Водата за бањање треба да е околу 37-38 степени. Водата треба да е пријатна и на вашиот допир млака, а доколку не сте сигурни најдобро е да користите термометар за да ја проверите температура. Во просторија во која се бања бебето температура треба да е околу 24 до 26 степени.


Опрема

Едно од контроверзните и мистериозните прашања: Каква опрема треба да имам за да го избањам бебето? За опрема веќе пишував во Грижа и нега на новороденче и останувам при ставот да одолеете на сите работи опишани со „Ооооо колку е убаво ова “ кои ви изгледаат така привлечно и слатко, пред да проверите нивната корисност и време на употреба. Добар дел од опрема што се купува за новородени бебиња многу бргу станува непотребна или бебето ја надраснува. Пред да купите нешто:

  • Размислете дали тоа навистина Ви е потребно,

  • Колку долго ќе го користите (месец два или можеби година две),

  • Како ќе се вклопи во просторот во кој живеете ( дневна соба, детска соба, бања).

Јасно е дека секој од нас сака најдобро за своето бебе па согласно на тоа и сите работи да бидат нови, најубави, најмодерни. Сепак размислете дали нешто од опрема можете да позајмите од роднини или пријатели и да го користите одреден период, потоа да го вратите или дадете на некој друг.

При набавка, на располагање ни стојат разни видови на кадички, комоди или комоди со вградена кадичка, додатоци за кадичка или туш кабина/када како што се перничиња, пластични подлоги и граничници, прстен за бањање, термометри, штитници за очи и лице. Списокот е долг. Доколку имате доволно простор во Вашиот дом, моја препорака е да инвестирате во комода со вградена кадичка и фиоки. Предности на ова опција се:

  • Долгорочна употреба бидејќи ќе ја користите минимум една година,

  • Комоди се направени ергономски и намалуваат притисок на вашиот рбет при преповивање. Земајќи превид дека во првите месеци бебето ќе го преповивате 8-10 пати на ден, важно е во која положба го правите тоа. Мајката треба да биде здрава и одморена за да може да се посвети на бебето и на себе си.

  • Фиоките или прегради овозможуваат сите предмети потребни за бањање и преповивање да ви бидат на дофат на рака и на едно место.




Пред бањање

Пред да започнете со бањање потребно е да ги подготвите сите потребни работи – купка или шампон, крема, пелени, пижами, капки, памучни туфери. Се што Ви е потребно треба да биде блиску до вас. Подгответе пешкир во кој ќе го завиткате бебето после бањање и ослободете просторот каде што ќе го преповивате. Проверете ја температура на просторијата. Проверете ја температура на водата.

Планирајте бањање да биде пред подој или јадење, во момент кога бебето е делумно гладно. Бебето во текот на бањање ќе се измори дополнително, па потоа многу позаинтересирано ќе биде за цицање (или адаптирано млеко) и многу полесно и побргу ќе заспие. Добро е од почеток да ја воспоставите рутина за бањање односно да определите време/час во текот на ден, вечер кога ќе го бањате. Иако не постои никакво правило кога треба да го бањате бебето – наутро, во текот на ден или навечер, вечерното бањање е добра рутина која го подготвува бебето за спиење. На овој начин секоја вечер кога го бањате, бебето ќе знае дека следната активност е цицање и спиење.


Техника на бањање

Кога се работи за бањање на бебе разликуваме бањање на новороденче до момент на паѓање (отпаѓање) на папочната врвца и бањање откако папокот е зараснат, а папочната врвца падната.

Бањање на новороденче додека папочната врвца не е падната е таканаречено бањање преку рака. Го соблекувате бебето, ја отстранувате пелена. Доколку бебето е искакано, избришете го пред да започнете со бањање. Земете го бебето во раце и свртете го на стомакот, така што левата рака ќе Ви биде под мишките на бебето придржувајќи го стомакот. Со десна рака земете сад со веќе подготвена водата и полека полевајте го бебето од главата кон нозете. Доколку миете коса со шампон измијте ја прво косата и главата, а потоа грбот, газенце и нозете. Папокот во текот на бањање треба да е заштитен со газа, за да не навлезе водата во него. Проверете дали сите трагови од пена се измиени и потоа завиткајте го бебето во пешкир.


Откако папочната врвца е падната, можете да се опуштите и да уживате многу повеќе во бањање на вашето бебе. Запазете ги сите претходно наведени безбедносни мерки, ставете вода во кадичка, соблечете го бебето и нежно спуштите го во вода. Доколку бебето е нервозно или исплашено, спуштете ги прво нозете за да ја почувствува водата, зборувајте му нежно и полека спуштајте го во водата. Придржувајте ја главата и рамената на бебето со една рака. Нежно полевајте го бебето со водата од кадичката, нанесете купка и благо измасирајте го. Внимателно и детално измијте ги гениталии. Доколку Ви е полесно можете да користите памучна газа или мини пешкирче за миење на гениталии. Кога бебето ќе биде поголемо односно кога ќе може да ја држи главата можете да го свртите и на стомакот на кратко. Секогаш придржувајте му ја главата не бебето.


После бањање

Избришете го бебето со нежно тапкање со пешкирот. Обидете се да не го триете бидејќи бебешка кожа е нежна и сува, така што со триење лесно може да се изиритира и поцрвени. Истапкајте ги сите превои на рацете и нозете посебно околу лактовите, колената, вратот и мишките.

Доколку папокот сеуште не е зараснат, потребно е да го третирате. Одржување на папокот ќе го правите по препораките на Вашиот педијатар или патронажна сестра, а најмногу внимавајте да не доаѓа во допир со вода. По бањање, избришете го делот околу папокот со сува газа, а доколку Ви е препорачано газата нека биде натопена со средството – алкохол, бивацин прашок или друго.

Земете чиста газа натопена во малку вода и избришете го бебето околу очите и носот. Проверете ги гениталиите за да утврдите дали се измиени. Доколку забележите секрет ( особено кај женски новородени бебиња) не се плашете, тоа е нормална појава која може а не мора да се манифестира кај секое бебе. Секретот можете да го избришете со памучна газа натопена во вода.

Потоа земете масло или крема и почнете да го мачкате бебето. Во првите неколку недели препорачливо е користење на неутрални креми и масла за нежна бебешка кожа. На пазарот се на располагање многубројни брендови со различни понуди, цени и опции. Покрај сите нив, рибино масло (крема) сеуште се покажува како нежно, неутрално и ефикасно особено во првите недели. Моја топла препорака овој пат оди во корист на рибино масло. Да, точно има специфичен мирис и тешко се пере од бела облека, но дефинитивно е еден од најефикасните продукти во нега на бебешка кожа. Нанесете неколку капки на раце и почнете со мачкање. Внимавајте добро да ги намачкате сите превои, бидејќи се тие најсуви и најчувствителни. Искористете го мачкање да му зборите на вашето бебе, да му го измасирате цело тело и да го опуштите. При рака нека Ви бидат Д витамин капки или други капки препорачани од педијатар. Кога бебето е опуштено многу лесно ќе му ги дадете и капките.


Ставете нова, чиста и стерилна газа преку папокот, а потоа ставете ја пелената и облечете го бебето. Бебето веќе е доволно гладно и изморено. Оставете ги сите работи најдете удобна положба земете го бебето и започнете со хранење (цицање или адаптирано млеко). Додека бебето цица можете нежно да го чешате по глава со мека четка за бебиња, а исто така додека се успива или спие е добар момент да му ги исечете нокти. Да, тие мали нокти кои растат на секои три дена како да се работи за мал диносаурус. Звучи застрашувачки. И изгледа исто така 😊. При сечење на ноктите на бебето земете ги ножици со заоблен врв или ноктарица за бебиња, повлечете/притиснете ја нежно кожичката од внатрешниот дел на прстот за да ноктот ви биде достапен и клик, готово.


Добро е да имате помош во првите неколку денови/недели кога го бањате бебето. Особено со новороденче добро е некој да биде покрај вас, да ви донесе вода, да го полева бебенцето додека го држите над кадичка и да ги среди работите откако бебето ќе се избања. Се разбира дека секоја мајка може тоа да го направи сама, но бањање е добра прилика вашиот партнер (таткото на бебето) да се вклучи во активностите со и околу детето и да создава сопствена врска со бебето. Партнер е тука и да ви помогне околу сите помошни работи при бањање, за вие да се чувствувате како кралица со малиот принц или малата принцеза, уште подобро и принц и принцеза 😊

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.

©© Copyright, Сите права на содржината на вебстрана се во сопственост на Асоцијација First Five. Преземање на содржината без дозвола на авторот е забранета.