Протест во Визбегово поради групен дом на деца

Сања Аризанов

25 ноември 2019

Поминаа само четири дена од 20 ти ноември, денот познат како Светски ден на детето, кога на кратко секој од нас имаше можност да се потсети на правата кои му следуваат на секое дете без исклучок. За жал денес бевме сведоци на уште еден протест од страна на жителите на Визбегово.

Протестот беше реакција на функционирањето на мал дом наменет за три деца од социјален ризик. Согласно процесот на деинституционализација кој го води МТСП, во изминатиот период во Визбегово беше отворен мал групен дом за деца на возраст од 12 – 14 години. Целта на овој процес е приближување на децата до локалната заедница, можност за реинтегрирање и ресоцијализира во заедницата но и повисок квалитет на услуги заради нивниот индивидуален третман. Во овој дом децата се едуцираат, се воспитуваат, а со нив секојдневно работат стручни лица.

Потребата од заштитата на правата на децата произлегува од фактот дека тие претставуваат високо ранлива општествена група која што лесно може да биде изложена на злоупотреба и насилство. Важен цивилизациски исчекор претставуваат Декларацијата и Конвенцијата за правата на детето. На 20 ноември 1959 година е усвоена Декларацијата за правата на детето од страна на Обединетите Нации. Секое дете треба да ги ужива сите права наведени во Декларацијата без исклучок, разлика или каква било дискриминација. Децата треба да бидат заштитени од постапки кои можат да доведат до расна, религиозна или некоја друга дискриминација. Тие треба да се воспитуваат во духот на разбирањето, трпеливоста, пријателството меѓу народите, во духот на мирот и општото братство, и во полна свест својата енергија и талент да ја користат за доброто на своите собраќа. Во Конвенцијата за правата на детето, усвоена на 20 ноември 1989 година, во член 27 се истакнува признавањето на правото на правото на секое дете на животен стандард што одговара на физичкиот, менталниот, духовниот, моралниот и неговиот социјален развој.
Децата во групниот дом во Визбегово се наоѓаат поради тоа што се лишени од семејна средина. Тие треба да имаат полн и достоинствен живот во услови во кои го обезбедуваат нивното достоинство, да ја поттикнуваат самостојноста и да го олеснуваат нивното активно учество во заедницата. Како ќе се интегрираат во општеството доколку бидат отфрлени, навредувани и дислоцирани?! Каде е емпатијата на жителите на Визбегово? Дали е разбирливо во 21 век овие деца да се соочуваат со вакви предизвици? Зошто да се слуша говор на омраза и дискриминација за детски срца? До кога ќе бидеме затворени за промени кои го подобруваат животот на децата?

Македонската Асоцијација за Дадилки го поддржува процесот на МТСП за спроведување на деинституционализацијата и ги охрабрува надлежните да се соочат со отпорот кој го даваат жителите на Визбегово, како што претходно тоа се случи и во селото Тимјаник. Правата на детето се утврдени и треба да се почитуваат од секој човек. Промената во општеството во кое живееме најпрво започнува од нас самите. На крај, ќе се потсетиме на една мисла од Џон Кенеди, која вели: „Правата на сите луѓе се повредени кога ќе се повреди правото на еден човек.“

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.