Изгризaно бебе во градинка „Корчагин“

Катерина Китоска

13 јули 2018

Според изјавата од мајката, на 11 месечно бебе му се нанесени телесни повреди во облик на гризење и удар во глава. Во момент на настанување на повредите, бебето престојувало во градинка, од каде мајката добила определени информации во врска со повредите на детето. Како и секој нормален човек, срцето нѐ боли кога гледаме фотографии на кои се гледаат повреди на едно дете, едно бебенце. Можеме само да претпоставиме како се чувствуваат родителите нa детето. Искрено им посакуваме нивното на дете на најлесен можен начин да ги преброди болките и да не го памети овој немил настан.
Како професионалци сакаме да ја согледаме оваа немила ситуација и да одговориме зошто вакви работи се случуваат.
Не е првпат да се случуваат вакви работи и родителите преку социјални мрежи да ја изразуваат својата немоќ и револт. Исто така не е првпат јавноста да е поделена околу случајот. Поделеноста ни стана секојдневие и нормала. Но треба да се запрашаме: По кој пат одиме и каде ќе стигнеме ако немаме сила и желба да ги заштитиме, воспитаме и израснеме нашите деца... На достоинствен начин!
Македонска Асоцијација на Дадилки веќе неколку години укажува на исклучително тешката состојба во секторот за згрижување и нега на деца. Сите критериуми се спуштени на најниско ниво; установите за згрижување работат во невозможни услови; голем број на деца немаат ни пристап до тие установи или до други алтернативни опции.

Цена на услугите на јавните градинки
Родителите плаќаат 1.500 МКД на месечно ниво, но оваа не е пазарна цена. Тоа значи дека за да можат да функционираат градинките, државата субвенционира околу 6.000 МКД по дете. Оттука, вкупната цена по дете за престој во државна градинка достигнува сума помеѓу 8.000 МКД и 9.000 МКД. Од друга страна, што е со децата кои не се примени во градинка поради немање на место?! Тие немаат исти права како децата што одат во градинка, немаат право на субвенција и нивните родители самостојно се снаоѓаат како да го згрижат детето. Зошто е ова вака?
Според Уставот: Секое дете има исти права. Доколку е тоа навистина така, сите деца кои користат која било легална форма на згрижување треба да добијат еднаква субвенција од државата. Зошто државата не сака да направи тоа? Зошто на секое дете не му се дава исто право?

Образование и стручност на негувателките во градинки
Прашање кое со години го поттикнуваме, прашање кое ги сведува критериумите на основно згрижување на деца под секоја граница. Според важечкиот Закон за заштита на деца: Секоја личност која има какво било средно образование има можност да се стекне со лиценца за негувателка и да работи во градинка. Со години потенцираме дека на стекнувањето со лиценца не претходи никаква обука. Потребно е само да се положи еден испит, кој всушност е прашалник со 20 прашања. Ниту во еден случај личноста која ќе положи за лиценца, не може да биде соодветна за работа како негувателка, бидејќи на овој начин не се стекнува ниту со знаења ниту со вештини и компетенции потребни за работа со деца. Во градинките работат личности кои немаат никаков допир со грижа и нега на деца, кои не знаат ништо за ран детски развој, кои немаат обука за педијатриска прва помош, кои не знаат да комуницираат ниту со децата, ниту со родителите. Чест на исклучоци. Но ако земеме превид дека во изминативе 5 години, откако е воведен овој Закон илјадници кандидати се имаат стекнато со лиценца, јасно е дека критериумите се спуштени на исклучително ниско ниво. За чистење на оџак и стекнување со звање оџачар е потребна обука. Според нашиот Закон, за негувателки обука не е потребна. Секој што ќе посака може да чува деца во градинка.

Јавни установи – Детски Градинки
Голем број од детски градинки работат во невозможни услови. Преполни занимални, ограничен број на негувателки и воспитувачки, притисоци од родители за упис, носење на болни деца со терапија во градинка, воведување на втора смена. Очекувањата се преголеми, а можностите се премали. Кога ќе го донесеме детето во градинка и ќе го оставиме, сѐ изгледа разиграно, весело, ружичесто, детето е среќно, си игра со другарите, јаде, учи, спие. Дали некогаш некој се запрашал како сето тоа се одвива? Со кои средства располагаат градинките на толкав број на деца, колку деца и на колку кревети спијат во една занимална, како спијат по две деца во креветчиња во јасли? Како се справуваат негувателките со 20 деца во јасли кога сите плачат, сакаат да јадат и да се пресоблечат? Како им е на негувателките кои работат со години, кои ја сакаат својата работа и се посветени на професијата кога гледаат новодојдени нестручни негувателки и ја уништуваат професијата со свое несовесно однесување? За кои плати работат?

Ова прашање е комплексно и со години тлее во државата. Решението го гледаме во отворање на алтернативни можности за родителите кои ќе го намалат бројот на деца во државните градинки и со што ќе се овозможат подобри услови за работење.
Изминативе 2 години во континуитет укажуваме на овие проблеми до Министерство за труд и социјална политика. Предадовме неколку документи, предлози за измени на законот и практични решенија. Сите наши барања се сведуваат на неколку клучни точки:

• Секое дете има право на субвенционирана грижа и нега од страна на државата. Без оглед на тоа дали детето оди во приватна или државна градинка, дали е згрижено од дадилка, секое дете има право да го добие она што државата го определила како износ за субвенционирање. Има право!
• Со повеќе можности за згрижување на децата, мајките ќе имаат можност да се вратат на работа или да се вработат и да продолжат со развој на професионална кариера.
• Воведување на задолжителна обука за негувателки на деца. На неквалификувани, некомпетентни лица НЕ СМЕЕ да им се дозволи да работат со деца!
• Сите лица кои работат во системот на згрижување и нега на деца задолжително треба да се вработени со сите права од работен однос.

Речиси секогаш е поевтино, поефективно и поодржливо да се спречат проблемите, наместо да се решаваат подоцна, а искуството во предучилишното образование е критично за секој човек. Инвестирање во деца, инвестирање во висококвалитетни услуги на згрижување и нега на деца е ефективна алатка заснована на докази. Иднината на земјата зависи од тоа како ги третира децата. А иднината зависи од нас?

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.