Злоставување на дете од страна на дадилка

Сања Аризанов

22 ноември 2019

На ден 21.11.2019, се објави видео снимка од игротеката „Дежа ву“, каде се гледа како дадилка на три деца, брутално тепа едно од децата, кои ѝ се доверени да ги негува и згрижува.
Најостро го осудуваме однесувањето на дадилката и ги охрабруваме надлежните органи да ги преземаат сите расположливи правни средства за казнување на ваквиот чин. Ги охрабруваме родителите да соберат сила во овој тежок момент и да се борат најсилно што можат за правото на нивното дете. Нашиот тим им стои на располагање на родителите доколку имаат потреба од поддршка, било правна, било во санирање на последиците од настанот.

До кога ќе се прашуваме кој ги чува нашите деца?

Гледајќи ја снимката од камерите се прашуваме: дали ваквото однесување забележано на камера било првпат или кој знае по кој пат? Уште колку долго ќе траело иживувањето со детето/децата, доколку вчера дадилката не отишла во игротека каде е поставена безбедносна камера? Како оваа дадилка ќе може да плати за детските солзи? Колку време ќе треба да помине за да се излечи ваквата детската траума? Колкава штета е нанесена на едно невино, чисто и младо срце/срца? Каква казна треба да добие некој кој се осмелил да си поигра со најубавиот период од животот на детето – детството? Која болка е нанесена на родителите кои погледнале како личноста која ја ангажирале се однесува со нивното дете/деца? До кога ќе бидеме сведоци на вакви стравотни реални ситуации? До кога ќе се прашуваме: Кој ги чува нашите деца?

Сите дадилки, негуватели, воспитувачи и стручни соработници поради овој случај се ставени во положба на сомнеж, сите родители се ставени во положба на страв и стрес доколку имаат или планираат да ангажираат дадилка. Ваква состојба се должи на една долгогодишна анархија во областа на згрижување и нега на деца. Законот за заштита на деца е менуван неколку пати во изминативе две децении но сѐ уште не дава применливо и соодветно решение, особено во домашното згрижување на деца. Според последните измени на Законот за заштита на деца за работа како негувателка на деца во домашни услови доволно е кандидатот да има завршено средно образование ( и тоа било какво) за да полага за лиценца за негувателка. Полагањето за лиценца е полагање за дозвола за работа и ниту на еден начин не е доказ за знаење, вештини и компетенции на една личност. Точно е дека кандидатите доставуваат и уверение за здравствена состојба, но дали истото е меродавно за да потврди дека личноста ги исполнува условите за чување и нега на деца. Вообичаено лекарското уверение е од страна на матичен лекар и истото не подразбира посебни психолошки проверки и процедури со кои навистина ќе се докаже дека личноста е соодветна за да работи со деца.

Ќе направиме мала дигресија за да го објасниме горенаведеното. Во обуката за „Негувателка на деца“ која ја спроведува нашата Асоцијација, имавме кандидатка со уредни медицински наоди но сепак од страна на менторите беше оценета како личност која не исполнува услови за чување и нега на деца. Истата личност не се стекна со диплома за „Негувателка на деца“, но во моментот има поднесено документација за полагање на лиценца при Министерство за труд и социјална политика. Бидејќи ги исполнува условите, оваа кандидатка утре ќе се стекне со лиценца и ќе работи со деца. Кој тогаш ќе ја сноси одговорноста?
Ова е само еден од примерите со кој се соочуваме секојдневно во реалноста. Исто така ова не е прв забележен и процесиран случај на дадилка злоставувач во нашата држава. Асоцијацијата и во 2015 година апелираше до надлежните органи дека казната за дадилката што го тероризираше 9 месечно бебе е ниска, како и до ресорното министерство за да ги унапреди законските одредби со кои ќе се зголемат критериумите и условите кои треба да ги исполнува една личност за да ја врши оваа дејност.

Очекуваме и бараме најстрога казна за дадилката што физички го злоставувала детето. Уште посилно продолжуваме да се бориме за професионализација и унапредување на негуватели на деца. Апелираме ресорното министерство во најкус можен рок да усвои законски измени во однос на физичките лица кои работат во домот на семејството и згрижуваат деца, а ние како организација стоиме на располагање со наши ресурси да им помогнеме во овој процес да го завршат ефикасно и ефективно, сѐ со цел унапредување на животот на нашите граѓани.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.