Дали дадилките ги исполнуваат потребните критеруми за чување деца?

Катерина Китоска

27 ноември 2019

Случувањата ни покажуваат дека кога системот не функционира вакви инциденти можат да станат пракса. Не постоењето на цврсти, јасни и високи критериуми за работа со деца водат кон девастација на системот за згрижување и нега на деца. Од друга страна, човечкото зло не може да се искорени. Ако можеше, светот ќе беше на едно високо ниво на развој и ќе размислувавме како да патуваме на други планети, а не како да се спасиме од загадување, глад и војни што беснеат насекаде. Меѓутоа токму затоа е потребно да се создаде систем кој превентивно ќе намали можност за вакви инциденти и девијантни појави.

Законот за заштита на деца предвидува лиценцирање на негувателки на деца, кои работат во градинки и кои работат во домашни услови во домот на семејството или во сопствен дом. Лиценцата не предвидува никакви претходни знаења, вештини, квалификации, ниту обука пред полагање на тестот. Ова соодветствува со пристапот дека лиценцата е дозвола за работа (како впрочем и во сите други професии), меѓутоа на истата секогаш би требало да претходи сертификат за обука и стекнување со знаења, вештини и квалификации за згрижување и нега на деца, што не е случај со споменатиот Закон. Исто така во одредени професии лиценцирањето предвидува и задолжително работно искуство, кое исто така не е предвидено во нашиот Закон. Кандидатите се стекнуваат со лиценца со решавање на тест – прашалник од 20 прашања со понудени одговори, на заокружување. Ова е така наречениот теоретскиот дел од испитот. Практичниот дел од испитот има 5 до 6 прашања, кои исто така се полагаат електронски со избирање на понуден одговор. Најголемиот број од кандидатите за 10 до 15 минути успешно го завршуваат испитот. Одговорно можеме да кажеме дека со ваков начин на доделување на лиценци не постои никаков филтер за квалитет и компетенции на лица кои поседуваат лиценца. Само образована дадилка претставува квалитетна дадилка. Ова е одговор на прашањето зошто во далеку поразвиени држави, постојат толку многу различни обуки за дадилки. Затоа што постои свест како кај самите дадилки, така и кај родителите, дека секој професионалец кој сака да се унапредува во својата работа и да овозможува квалитетна услуга учи засекогаш. Професионалците ја користат секоја прилика за формално и неформално учење, личен и професионален развој со што придонесуваат да бидат одлични во своја работа. Во такви услови развиена е свеста дека дадилката не е личност која „седи“ (на топло и гледа турски серии или Фејсбук) во домот на семејството за детето да не биде само дома или зашто почесто се разболува во градинка. Се смета дека дадилката не е женичка или бабичка која го чува детето и раскренува по дома (понекогаш зачистува и сука пита). Постои свест дека „барам жена за чување на дете“ е на работ на дискриминација, бидејќи ако почитуваме родова еднаквост, јасно е дека и мажите имаат исто право да работат со деца. Можеби ќе слушнеме или ќе прочитаме во огласите и „барам маж за чување на дете“.

Дадилката е личност која се грижи за нашето дете. НАШЕТО ДЕТЕ. 8 часа дневно, 5 дена во неделата минимум, 22 дена во месецот, 264 дена во годината (од вкупно 365). Личност која поминува со нашето дете повеќе време од кој било друг член на семејството. Личност која на детето треба да му овозможи исполнување на основните физиолошки потреби, да го подучи на основна култура, однесување и хигиена, да го научи да игра, да дели, да се социјализира, да зборува, да пее, да се одвикне од пелени, да оди. Личност која треба да му даде на детето нежен и единствен „еден на еден пристап“ а во исто време и авторитет. Личност која ја сака својата работа и се радува на успесите на детето, бидејќи ги гледа резултатите на својата работа. Дадилката задолжително треба да ги почитува сите принципи и вредности кои ги применува семејството во воспитување и одгледување на детето. Секако дека дадилката треба да предлага и дава идеи, но не треба да ги спроведува на своја рака. Религиозни, политички и други уверувања се личен избор и дадилката треба да ги задржи за себе и да не расправа околу нив со семејството, а особено не да го подучува детето доколку семејството не се согласува со тоа.
Бараме личност, човек, карактер, некој што ќе стане дел од нашето семејство во одреден период од животот. И затоа треба да бараме професионалци, да очекуваме да бидат обучени, да ја знаат својата работа, да ни бидат поддршка. А кога ќе ја најдеме таа личност да ја почитуваме како човек, како вработен, да ја платиме како што доликува и да ѝ овозможиме да се развива во својата работа.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.