Вербален испад на негувателка во градинка во Гевгелија

Сања Аризанов

13 август 2018

Се случува негувателка да има „вербален испад“ во градинка, се случува дете да биде изгризано бидејќи го „полазил инсект“ во градинка, се случува дете да е изгорено со кафе во градинка, се случува дете само да замине од градинка, се случува дете да остане заклучено во градинка...

Се случува и ќе се случува.
Сѐ додека не се свестиме и додека не признаеме дека системот за грижа и нега на деца ни е паднат на колена на дно, и дека всушност не постои систем. Ќе се случува сѐ додека секое чудо ни е за три дена доста, ќе го заташкаме, ќе се ставиме под тепих и ќе продолжиме понатаму. Ќе се случува сѐ додека немо набљудуваме, и само коментираме на социјалните мрежи, а во себе се тешиме дека е добро што не се работи за нашето дете. Ќе се случува сѐ додека слушаме и прифаќаме оправдувања од типот: „по дома со едно не можеме да се справиме, а не па тие во градинка со триесет деца“. Ќе се случува сѐ додека ни е нормално: „па мизерно се платени, што да прават “. Ќе се случува сѐ додека: „се зачленив во партија за да влезам во градинка“. Ќе се случува сѐ додека секој еден дојден од улица со така наречена лиценца може да работи со деца. Ќе се случува сѐ додека институциите молчат пред непобитната вистина дека уништуваме генерации од најмала возраст, дека несоодветни, неквалификувани, неодговорни лица без трошка совест работат со деца. Ќе се случува сѐ додека вработувањето во градинка ќе се користи како инструмент на краткорочна социјална политика, а не како инструмент за градење и растење на нови генерации.

Наместо да дискутираме дали на пример програмата во градинка е усогласена со современите услови, развојот на општеството, дали децата се подготвуваат соодветно за училиште, ние расправаме дали употребата на непримерни зборови кон детето е прифатлива или не. И дури пронаоѓаме оправдувања за такво однесување. Во 21 век.

Лиценцата за негувателка е прашалник од 20 прашања на заокружување, кој секоја личност со просечна интелигенција може да го реши. На лиценцата не ѝ претходи никаква едукација, обука, тренинг. За законот не е битно какво образование има негувателката. Може да е месар, пекар, козметичар, хемичар, оџачар, ама ако има лиценца може да работи со деца. За секој нормален човек ова е невозможно, меѓутоа во реалноста се случува и тоа законски е легализирано.
Платите на негувателки се несоодветни со работата која ја работат. Но сепак се води борба до истребување кој ќе се вработи во градинка(државна). Ниска плата не може да биде оправдување за диво однесување кон деца. Секој еден кој влегува на работно место е свесен која плата ќе ја има и какви работни задачи ќе извршува. Ако смета дека не е соодветно платен, има избор да бара друго работно место. Сѐ додека е на место кое со сопствената волја го прифатил, должен е да ги извршува своите обврски совесно и професионално. Градинките се установи кои по некоја логика треба да шират среќа, радост, живот. За жал, некои од нив работат во невозможни услови.

Секоја прикаска има три страни: наша, нивна и вистина. Вистината е дека ние немо молчиме, гледајќи пред наши очи како пропаѓа системот кој всушност е основа на сѐ она што следува кај едно дете. Критикуваме градинки, негувателки, родители, институции по социјални мрежи -Модерна верзија на „муабети пред кооперација“.

Уште еднаш го повикуваме Министерството за труд и социјална политика по итна постапка да го измени Законот за заштита на деца и да спречи катастрофа која надоаѓа. Да не чека да се случи нешто уште пострашно, за да разбереме дека не може секој да работи во градинка, ниту во домот на семејство со дете/деца. Додека не биде доцна.
Уште еднаш ги повикуваме здруженијата на негувателки и здруженијата на воспитувачи да станат во одбрана на своите права и да ја бранат својата професија. Да не молчат под страв од тоа дали ќе бидат избркани од работното место ако кренале глас за развој и почитување на професијата.
Уште еднаш ги повикуваме и медиумите да се вклучат истражувачки во тематиката згрижување и нега на деца. Нивните статии и известувања да не завршуваат само на индивидуални случки, туку да ѝ помогнат на јавноста да се запознае со реалноста.

  • Facebook
  • Twitter

За Babysittingmk.com

Популарни теми

Би можело да Ве интересира

Babysittingmk.com не вработува ниту еден давател на грижа или баратели на услуга ниту е одговорна за однесување на кој било давател на грижа или барател на услуга. Babysittingmk.com обезбедува информации и алатки за да им помогне на лицата што бараат нега и давателите на услуга да се поврзат и донесуваат информирани одлуки. Секоја индивидуа е единствено одговорна за избор на соодветен давател на услуги или барател на услуга и за почитување на сите важечки закони во врска со кој било работен однос што тие го воспоставуваат. Информациите содржани во профили на членови, работни места и апликации се дадени од давателите на услуга и самите баратели на услуга и не се генерирани или потврдени информации од страна на Babysittingmk.com. 

Babysittingmk.com e бренд, марка во сопственост на Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење FIRST FIVE.